Славење на геноцидот и ерозијата на влијанието на ЕУ на Балканот

Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност (European Stability Initiative – ESI), во својот осврт „Celebrating Genocide – The horror of failure on the Drina" („Прославување на геноцид – ужасот од неуспехот на Дрина"), го анализира начинот на кој погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ прерасна во државна почест во Белград, и предупредува дека Европската унија пасивно набљудува како националистичките наративи од деведесеттите години повторно се враќаат во срцето на балканската политика.

Извор: AFP via Getty images

Автор: Гералд Кнаус
Европска иницијатива за стабилност (ESI)

Новиот билтен на Европската иницијатива за стабилност (European Stability Initiative – ESI), објавен на 3 октомври 2026 година под наслов „Celebrating Genocide – The horror of failure on the Drina” („Прославување на геноцид – ужасот од неуспехот на Дрина”), го анализира начинот на кој погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ прерасна во државна почест во Белград, и предупредува дека Европската унија пасивно набљудува како националистичките наративи од деведесеттите години повторно се враќаат во срцето на балканската политика.

Авторот на текстот е Гералд Краус, основач и претсеедател на ЕСИ – истражувачка организација со седишта во Берлин, Брисел и Истанбул, која веќе две децении објавува анализи за процесот на европска интеграција на Западен Балкан. Билтенот комбинира историска реконструкција на настаните во Сребреница во 1995 година со тековна анализа на политичките случувања во Србија и Република Српска во есента 2026 година, а завршува со конкретен предлог упатен до институциите на ЕУ.

Што се случи во Сребреница

Кнаус потсетува на основните факти утврдени пред два меѓународни суда – Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата. Во јули 1995 година, босанско-српската армија ја освои Сребреница, град прогласен од ОН за „безбедносна зона” под заштита на холандски мировен контингент. Ветувањето за заштита беше прекршено: само за неколку дена беа егзекутирани над 8.000 муслимански мажи и момчиња. Текстот детално ги опишува местата на масовните убиства – меѓу нив државната фарма Брањево, каде меѓу 1.000 и 1.200 мажи биле стрелани во групи од по десет, и Домот на културата во Пилица, каде околу 500 затвореници биле затворени во сала и убиени со рачни бомби и огнено оружје. Ниту еден од затворените во Пилица тој ден не преживеал.

Генерал Ратко Младиќ, кој заповедаше со босанско-српската армија, беше во 2017 година осуден од МКТЈ за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, на доживотен затвор; пресудата беше потврдена во жалбена постапка во 2021 година. Судот утврди дека намерата за протерување на муслиманите од Сребреница прерасна во план за убиство на сите способни за борба мажи – што по дефиниција претставува геноцид, бидејќи станува збор за злосторство на намера, а не само на бројки.

Погребот како државна почест

Младиќ почина на 27 август 2026 година во притворската единица на МКТЈ во Хаг, на возраст од 84 години. Она што следеше, според ЕСИ, треба да го вознемири секого кој верувал дека лидерите во регионот конечно се оградиле од наративите што довеле до војна и геноцид. Српската држава испрати владин авион да го донесе телото, министерот за правда патуваше заедно со синот на Младиќ, а на аеродромот во Белград ковчегот го носеа униформирани војници. На 7 септември, Младиќ беше погребан на белградските гробишта Топчидер со полни воени почести – ковчегот, обвиткан во знамињата на Србија и Република Српска, со истакната генералска капа, сабја и медали. Служба водеше патријархот Порфирије, а присуствуваа пет министри, синот на претседателот Вучиќ, рускиот амбасадор, Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ (српскиот член на тричленото претседателство на БиХ). Организаторите тврдеа дека присуствувале над 150.000 луѓе; независна проценка врз основа на видео-снимки го проценува бројот на околу 16.000.

Прославата се прошири и надвор од самиот погреб. На дербито меѓу Црвена Ѕвезда и Партизан во Белград, еден ден пред погребот, навивачите на Црвена Ѕвезда истакнаа огромен банер,  мозаик со ликот на Младиќ и натписот „Правац Поточари” – зборовите што тој ги извикал при влегувањето во Сребреница на 11 јули 1995. Двата тима оддадоа почест со минута молчење. Прорежимските таблоиди (Информер, Курир, Српски телеграф, Ало и Вечерње новости) го претворија погребот во денови на почит кон „српскиот херој”, споредувајќи го со митските фигури на принцот Лазар и Милош Обилиќ од косовскиот еп. Жртвите во Босна, забележува билтенот, во овие написи воопшто не беа спомнати.

Милорад Додик: континуитет на наративот

Посебен дел од написот е посветен на Милорад Додик, доминантната фигура во босанско-српската политика веќе четврт век, кој го основал владејачкиот СНСД во 1996 година и повеќепати бил премиер и претседател на Република Српска. Додик уште во 2018 година, пред собранието на ентитетот, тврдеше дека „злосторството во Сребреница е инсценирана трагедија со цел демонизирање на Србите”, а собранието тогаш го поништи извештајот од 2004 година во кој претходно биле признати убиствата. Денес Додик јавно го нарекува геноцидот во Сребреница „најголемата измама на дваесеттиот век”.

Според Кнаус, во изјави во 2025 и 2026 година, Додик повикувал босанските муслимани да се „вратат кон старата православна вера”, ја споредувал борбата на Република Српска со борбата на Израел за опстанок, а муслиманската имиграција во Европа ја опишувал како закана. Во септември 2026, по погребот на Младиќ, тој на американски подкаст изјавил дека „христијаните повеќе не сакаат да живеат под муслиманска власт” и дека Дејтонскиот договор е „фикција”. Додик останува посветен на идејата за референдум за отцепување на Република Српска и обединување со Србија.

Иако во летото 2025 му беше одземен мандатот претседател на ентитетот откако суд го осуди за непочитување одлуки на Високиот претставник (меѓународниот службеник кој го надгледува Дејтонскиот мировен договор), ЕСИ потсетува дека неговата моќ не зависи од функцијата, туку од континуираната контрола врз СНСД, која веќе дваесет години владее во Република Српска. Кнаус дополнително документира блиски врски на Додик со кругот околу Доналд Трамп (вклучувајќи учество на Додик на Националниот молитвен појадок во Вашингтон во февруари 2026, средба со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, посета на Република Српска од страна на Доналд Трамп помладиот во април 2026, и ангажирање вашингтонски лобистички куќи од страна на институциите на Република Српска во вредност од најмалку 8,9 милиони долари) и со Владимир Путин – на 29 септември 2026, на нивната 29-та средба по ред. Путин му посакал успех на владејачката коалиција на Додик, а Додик му рекол дека „бил во право во врска со сè”, изразувајќи поддршка за руската „специјална воена операција” во Украина. Два дена подоцна, на форумот Валдај, Путин изјавил дека е неразбирливо зошто Западот со децении неправедно се однесувал кон Србите, опишувајќи ги како „поделена нација во Европа, поделена со сила”.

Критика на политиката на проширување на ЕУ

Централната теза на написот на Кнаус е дека ваквиот развој на настаните е овозможен токму од слабеењето на влијанието на Европската унија во регионот. ЕСИ потсетува дека пред дваесетина години, кредибилното ветување за членство во ЕУ било најмоќниот инструмент за реформи на Балканот – токму тоа ветување го поттикнало масовното враќање на бегалци, создавањето единствена босанска армија, апсењето и испорачувањето на Младиќ во 2011 година. Денес, според Кнаус, скоро никој во регионот повеќе не верува дека пристапувањето кон ЕУ е реална перспектива: Босна поднела кандидатура во 2016, стана официјален кандидат во 2022, а преговорите формално сè уште не започнале речиси четири години подоцна. Кнаус посебно критикува дека меѓу десетте земји-кандидати, токму Босна, Косово, Северна Македонија и Србија – земјите во самото срце на војните во поранешна Југославија – во тековните планови на ЕУ немаат никаков конкретен датум за пристапување.

Овој „колапс на влијанието”, пишува ЕСИ, го храни токму прославувањето на Младиќ и сецесионизмот на Додик. Унијата, иако јавно предупреди против државно учество во погребот, на крајот немаше никаков реален одговор откако Србија сепак испрати авион, министер и почесна гарда.

Предлог-решение на ЕСИ

Кнаус завршува со конкретен предлог: до 2030 година, Босна и Србија, Бошњаците и Србите по течението на Дрина, да добијат „невидливи граници” со ЕУ-соседите и меѓу себе, преку целосна интеграција во единствениот европски пазар и шенгенската зона, во замена за суштински реформи. Овој предлог се надоврзува на идејата презентирана од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват на 5 јуни 2026 година – таканаречената „European Economic Area Plus”, односно целосен пристап до „четирите слободи” на ЕУ (слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе) веднаш штом Европската комисија потврди дека земјата-кандидат ги исполнува критериумите, сè уште пред формалното членство – модел по кој Австрија, Финска и Шведска влегле во единствениот пазар во 1994, година пред официјалното членство.

Паралелно, ЕСИ потсетува дека иако МКТЈ веќе не постои, Меѓународниот кривичен суд продолжува да функционира, и секој иден обид за враќање кон масовни злосторства како инструмент на државна политика треба да значи за политичките и воените лидери иста судбина каква што ја имаше Младиќ. Авторот заклучува дека е „краен час” да заврши она што го нарекува „трка на желки” во процесот на проширување, во која заслугите веќе не значат ништо, и повикува на кредибилна визија за народите кои доживеале пекол на земјата по течението на Дрина во деведесеттите – граници направени невидливи преку интеграција, а не преку нов конфликт.

Целиот напис, вклучувајќи ги целосните извори, фотографии од погребот на Младиќ, принт-скринови од написите во српските прорежимски медиуми , линкови до придружните истражувачки документи на ЕСИ и останатите материјали, е достапен на веб-страницата на организацијата.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here