Продолжува серијата на лоши извештаи на државната ревизија за работата на македонските клиники, овој пат „на тапет“ е Неврологија

Клиниката не ги евидентирала примените и потрошени лекови за ретки болести од донација во материјалната и сметководствена евиденција, несоодветно го применувала Законот за јавни набавки, и други неправилности.

Фото: Министерство за здравство

По неколку клиники во скопскиот Клинички центар и оној во Битола, Државниот завод за ревизија утврдил неправилности во работењето и кај универзитетската Клиника за неврологија во Скопје. Тоа што Клиниката не ги евидентирала примените и потрошени лекови за ретки болести од донација во материјалната и сметководствена евиденција, е само една од забелешките во извештаите на ДЗР за работата на установата за 2023, објавени денеска.

„Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“, наведува извештајот.

Ревизорите, исто така, утврдиле дека во текот на 2023 биле креирани помалку од законски утврдените термини за вршење здравствени услуги со користење на медицинска опрема преку апликацијата „Мој термин“. Биле ангажирани медицински сестри, болничари и шалтерски работници со договор на дело, без согласност на Министерството за финансии, а била утврдена и несоодветна контрола на користење на услугите од Службата за заеднички работи.

Констатирани се и слабости во планирањето и реализацијата на средствата од условен надоместок за набавка на имуномодулаторна терапија.

„Потенцираме дека не е обезбедена транспарентност, контрола и следење на активностите и целосна наплата на приходите за Клиниката од клиничките испитувања. Дополнително, во дел од спроведените постапки за јавни набавки била утврдена несоодветна примена на Законот за јавни набавки. А како системска слабост се потенцира тоа што Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството за здравство не се воспоставени во целост“, стои меѓудругото во извештајот на ДЗР.

Претходно, ДЗР објави неправилности и кај работењето на други здравствени установи, како Клиничкиот центар во Битола, Клиниката за детски болести, Клиниката за онкологија и др. Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 и 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива. 

Токму поради огромните проблеми во здравството, еден од столбовите на општеството, „Солуција“ и „Замисли“ изминативе месеци активно работат на наоѓање системски решенија за отстранување на дел од аномалиите и слабостите во оваа сфера.

„Мора да го намалиме партискиот колач, и во здравството, и во образованието и во останатите клучни општествени столбови. Не смее лекарите и учителите да зависат од партиите, од тоа кој ќе победи на избори. Ќе влегуваат луѓе во болници, нема да излегуваат живи. Ќе влегуваат деца во училиште, ќе излегуваат без знаење. Токму затоа иницираме поширока општествена дебата, и очекуваме поддршка од самите лекари и останатиот кадар во здравството за да промениме нешто, реално. За почеток нека биде промената на законот којшто им дава на директорите на клиниките дискреционо право при одлучувањето за вработувања, со што се форсираат кадри коишто имаат партиска книшка, за сметка на квалитетните млади лекари коишто поради очај ја напуштаат државата“, истакна Никола Димитров, претседател на „Солуција“ на тркалезната маса „Ни ваши, ни наши – реформи за поддршка на стручните лекари“ што „Замисли“ и „Солуција“ ја организираа во јуни годинава.

„Солуција“ и „Замисли“ со еснафските организации и останатите засегнати страни работат на решение за надминување на овие дефекти во здравството, што на крајот ќе го понудат на увид на јавноста и политичките партии, со тенденција да се добие поддршка во Парламентот и да се ефектуираат промените преку законско решение.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here