Во 2023 година, Министерството за култура исплатило вкупно 318 милиони денари (5,15 милиони евра) за различни културни проекти, без јасно дефинирани критериуми за распределба, што може да има влијание на субјективен избор на проектите. Ова е наодот на Државниот завод за ревизија по анализата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за 2023 година, при што се утврдени состојби, неправилности и неусогласеност поради коишто овластениот државен ревизор дал неповолно мислење.
Во однос на евидентираниот книжен фонд на Министерството, со извршената ревизија утврдено е дека потекнува од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, во вкупен износ од 408 милиони денари (6,6 милиони евра) и вклучува 686.318 примероци. Поради непостоење на план за дистрибуција на отпечатените и не дистрибуираните книги, се создава значителен проблем со сместувањето на оваа голема количина, дополнително усложнет од недостигот на интерес од државните институции за преземање на книгите поради исполнетост на нивните капацитети.
Исто така, не е извршен попис за утврдување на фактичката состојба, како во однос на бројот на книги, така и за условите во кои тие се чуваат, што може да доведе до оштетување на истите.
Во однос на остварувањето на приоритетите за развој и унапредување на културата, констатирано е дека последната усвоена Национална стратегија за развој на културата од Собранието го покрива периодот 2018-2022 година, оставајќи ги активностите за 2023 година, предмет на актуелната ревизија, без јасни насоки. Министерството нема донесено годишен план ниту за претходниот период, ниту за 2023 година, што е нотирано и во претходните ревизорски извештаи.
Недостигот на долгорочна стратегија за развој на културата доведува до општи поставени приоритети и создава предизвици во планирањето на културните активности.

Во декември 2023 година, Владата усвои нова Национална стратегија за културата за периодот 2023-2028 година, но истата не е усвоена од Собранието.
Со ревизијата констатирани се недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура. Констатирано е дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите. Овие недостатоци доведуваат до недоволно квалитетна распределба на средства, а комисиите бодуваат проекти без конкретни насоки и без мерила за негативно бодување на неуспешни автори, сметаат државните ревизори.
Во 2023 година, Министерството за култура исплатило вкупно 318 милиони денари (5,15 милиони евра) за одобрени проекти на други корисници, што ја нагласува итната потреба за јасни правила и критериуми во распределбата на средствата. И покрај приоритетот за реформи во оваа област, предлогот за нов закон, кој би можел да го подобри системот, сè уште не е усвоен.
Во рамките на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, Министерството за култура поддржало 74 од 185 апликации за интердисциплинарни проекти, што претставува 40% од предлозите, со вкупна исплата од 22,2 милиони денари (358 илјади евра). И покрај тоа што интердисциплинарната дејност не е формално дефинирана во Законот за култура, Министерството продолжува да финансира проекти надвор од утврдените категории, што не е во согласност со Законот за култура.
Поради финансиски договори кои дозволуваат финансирање на повеќе од два проекти од едно правно лице, како и недостигот на целосна документација и евалуација за измените на договорите, се загрозува транспарентноста и правичноста во распределбата на средствата. Овие недостатоци отвораат простор за неправилности и фаворизирање на одредени проекти во интердисциплинарните активности.
Утврдени се слабости и во распределбата на средствата за проекти од национален интерес, особено во меѓународната културна соработка, кои укажуваат на недостаток на транспарентност. Дел од исплатените средства за проекти не се доделени преку редовни конкурси, а некои правни лица добиле поддршка над лимитот од четири проекти, што го нарушува почитувањето на утврдените услови.
Осум проекти добиле вкупно 5,4 милиони денари без објективни причини за недоставување на апликации.
Иако Министерството има усвоено Упатство за финансирање, тоа не нуди доволно прецизни насоки, што создава неповолна ситуација за другите учесници во конкурсите.
Потребно е преземање на активности за утврдување на јасни критериуми за финансирање кои ќе обезбедат правичен третман на сите апликанти.
Со ревизијата, констатирани се слабости и во евидентирањето на средствата и проектната документација за капитални објекти во периодот од 2012 до 2023 година. Покрај тоа, констатирано е дека единицата за внатрешна ревизија не е формирана, односно отсуствува разумно уверување за функционирањето на финансиското управување и контроли (ФУК).
Дополнително, утврдени се исплати на надоместоци без законска основа, како и пропусти во две јавни набавки во вкупен износ од 18,5 милиони денари. Овие пропусти можат негативно да влијаат на конкуренцијата и да го нарушат принципот на еднаквиот третман на економските оператори.







