Големи наводни злоупотреби на државните пари во Агенцијата на филм открива најновиот извештај на Министерството за култура, по спроведената истрага во ова тело во април и мај. Десетина можни кривични дела злоупотреба на службената положба или несовесно работење, поради коишто е оштетен државниот буџет; случаи на непотизам и клиентелизам; потенцијална корупција и флагрантно непочитување на законите навела Работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм (АФ), формирана од министерката за култура, сега во заминување, Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Со овој извештај, што Работната група до Министерството го доставила на 4 јуни, се потврдени и проширени наодите на Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија, Транспаренси интерненшнл Македонија, како и претходните негативни мислења на самото Министерство за култура за работата на Агенцијата за филм, којашто е владин орган согласно Законот за филмска дејност.
Укажувања за овие злоупотреби во АФ имаше и режисерот Милчо Манчевски, којшто во интервјуто за емисијата „Агенда 35“ на МРТВ пред неколку месеци, на новинарката Катарина Синадиновска ѝ предочи само дел од злоупотребите што сега и самото Министерство официјално ги наведува во извештајот.
„Морам да кажам дека – иако бев запознаен со дел од криминалот во АФ – сепак сум фрапиран. Ова е голема работа. Законот се прекршувал во континуитет од директорот, Бојан Лазаревски и од Управниот одбор, како и од група концентрирана околу приватното здружение Друштво на филмски работници на Македонија, кое го раководат режисерот Игор Иванов – Изи и продуцентот Томи Салковски. Ова е метастаза на македонскиот филм – ама и слика за македонското општество – и не знам кога и колку Јавното обвинителство ќе се нафати со сево ова“, вели Манчевски за „Агенда 35“ и за „Солуција“.

Долг список на наводни злоупотреби и кршења на законот
Работната група констатирала дека АФ не работи во согласност со Законот за филмска дејност и другите позитивни законски прописи. Наведена е долг список на неправилности и злоупотреби, при што овде ќе наведеме само неколку.
„Видливо е еклатантно непочитување на законската регулатива, односно (не)носење на одлуки од страна на одговорните лица на АФ (во најголем дел во периодот кога директор, односно в.д. директор бил Бојан Лазаревски) и непочитување на предвидените законски постапки. Ваквата пракса многу често била поддржувана и/или не била санкционирана од страна на УО на АФ“, се вели во Извештајот.
Во 2022 година, АФ преку конкурсите за финансирање на филмски проекти од национален интерес распределила средства во износ од речиси 5,5 милиони евра или двојно повеќе од средствата предвидени за филмската дејност во буџетот. Со тоа не само што го оштетила буџетот, туку го загрозила остварувањето на филмската дејност во следните пет години, истакнуваат од Работната група.
Потоа, во АФ одлучувачките функции седум години последователно се концентрирале во едни исти лица, кои се во деловни врски и со Друштвото на филмски работници на Македонија, без да се почитуваат начелата на законитост, еднаквост, јавност, неселективност и отчетност, како што вели Работна група. Агенцијата незаконски во периодот од 2018 заклучно со 2023 година ја финансирала работата на ДФРМ, со 115 илјади евра.
АФ не ја следела реализацијата на склучените преддоговори и договори, ненавремено ги раскинувала истите во услови кога филмскиот продуцент не ги остварил своите обврски кон АФ, не поднесувала тужби против филмските продуценти коишто не ги вратиле средствата во АФ, со што не го штитела јавниот интерес и го оштетила државниот буџет. АФ овозможила побарувањата за враќање на средствата да застарат и да не може да бидат наплатени по судски пат, што според Работната група, преставува основ за кривично гонење, поради злоупотреба на службената положба и/или несовесно работење во службата.
Транспаренси Интернешнл Македонија уште во 2020 поднела кривична против Агенцијата за филм поради незаконски исплати
Од Транспаренси Интернешнл денеска ја поздравија иницијативата на Министерството за култура, коешто „одлучи јавно и транспарентно да укаже на нерегуларностите коишто се случувале во Агенцијата за филм“, но укажува на тоа дека конкретни мерки сѐ уште нема. Агенцијата има стопирано исплата на средства за веќе потврдени филмски проекти, а од што филмските уметници сѐ уште се соочуваат со штетни последици.
Еден од оштетените е и самиот Милчо Манчевски, за чијашто продукциска куќа и проекти Министерството нема утврдено никакви прекршувања во работата, а АФ, како што вели тој, селективно, незаконски и злонамерно го забранила финансирањето на неговите филмови „Кајмак“ (веќе завршен) и „Биста“ (стопиран во фаза на развој).

„Поради тоа, а на основа на овој извештај и сите претходни извештаи во врска со проблемите во Агенцијата за филм, ја повикуваме Владата и идниот министер за култура да се посветат на итно преземање на мерки и активности за разрешување на овие состојби, особено имајќи го предвид фактот дека филмските работници се од исклучително значење за промоција на македонските вредности кон надвор.“, велат од Транспаренси интернешнл – Македонија.
Од таму потсетуваат и дека тие поднеле кривична пријава во врска со незаконските исплати од Агенцијата за филм уште во 2020 година.
Дополнително, во 2023 година ТИ-М спроведе мониторинг на постапката за избор на филмски проекти во рамки на Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година и укажа дека Агенцијата за филм треба повеќе да го потенцира прашањето за судир на интереси на повисоко приоритетно место во начинот на своето постапување.
„Во Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година, Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал Конкурсот, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.“, изјавија тогаш од ТИ – М .
Иванов од ДФРМ: Работиме чисто
Претседателот, пак, на ДФРМ, Игор Иванов – Изи, денеска изјави на брифинг за новинари дека не постои незаконско финансирање од Агенцијата на Друштвото. Тој потенцираше дека Државниот завод за ревизија констатирал оти средствата што ДФРМ ги има, се искористени на законски начин. Според Иванов, наодите дека Фестивалот “Браќа Манаки“ и ДФРМ не доставувале извештаи се смешни.
Тој рече дека во ДФРМ имало инспекции од Министерството за култура, од Државниот завод и од други инстанци и никој не констатирал никакво прекршување.
„Во ДФРМ поминаа сите по пријави од страна на Милчо Манчевски, а и по други пријави од луѓе кои се засегнати не знаеме од кои причини поминаа сите можни инспекции. Инспекции од страна на Министерството за култура, но и од Државниот завод за ревизија, кој патем се изјасни дека парите од ДФРМ се трошени наменски. Едноставно кај нас, работата е чиста и тоа е јасно и евидентно“, додаде Иванов.
Од ДФРМ денеска излегоа и со официјална реакција каде што обвинија дека Извештајот за работата на АФ има за цел да изврши „директен атак врз кинематографијата, да го компромитира Друштвото на филмски работници, да ја обезвредни работата на фестивалот ИФФК ‘Браќа Манаки’ и да ја оцрни филмската ревија ‘Златна рамка’“.
„Овој чин не може поинаку да се протолкува, освен дека е постапување по налог, бидејќи целиот извештај на оваа работа група е повторно прераскажување на смешните тези на Милчо Манчевски, за кои многукратно се покажа дека се фабрикувани. Веќе нема никакви сомнежи дека главниот генератор на ова ‘кризно сценарио’ е токму Манчевски, бидејќи тој, овој извештај го цитираше во јавноста, неколку дена пред самиот да го објави во целост.“, се вели во реакцијата на ДФРМ.