Истражување на ИРЛ: „Магичните“ чаеви топат масти со помош на дрога и вијагра, државата не ги заштитува граѓаните

Фото: ИРЛ

Продажбата на чаевите и суплементите за слабеење од брендот „Слим лајн“ кои се увезуваат од Кина, а пакуваат и брендираат во Македонија и „Трекс“ чаевите кои нелегално се шверцуваат од Турција, не запира, а во дел од нив е откриено присуство на забранетата супстанција сибутрамин – скриена состојка во препаратите за слабеење, открива Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во своето најново истражување.

Таргет на овие реклами се жени и често малолетни девојчиња кои сакаат да постигнат совршен изглед до деновите испланирани за на плажа. Но, истата публика на социјалните мрежи ја демнат и трговци кои продаваат опасни и штетни производи за слабеење како навидум природно решение со кое посакуваниот изглед се постигнува за кратко време и без труд. Детокс-чаевите и ампулите се „магичната напивка“ за губење на вишокот килограми.

ИРЛ во последните две години известуваше за штетите од суплементите и чаевите на овие два бренда. За последиците врз здравјето од суплементите на брендот „Слим лајн“ се известуваше и на Балканот. Кај турските чаеви „Трекс“ се откри присуство на сибутрамин, но и присуство на Sildenafil Citrate USP (вијагра, медикамент кој примарно се користи за постигнување ерекција кај мажите) откако неколку пратки се запленија во Данска и Швајцарија. Потоа чаевите ги забранија во сите земји од ЕУ.

Но, поради неусогласеноста во ингеренциите на државните институции кај нас како Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Царинската управа, овие производи сè уште им се на дофат на граѓаните во Македонија.

Освен производите од брендовите „Слим лајн“ и „Трекс“, на социјалните мрежи се достапни и други производи за слабеење кај кои е откриен сибутрамин. Од минатата година стана популарен и детокс – чајот од брендот „Диокс“ кој се продава на социјалните мрежи, но и во регистрирани продавници за здрава храна и суплементи. Минатата година на граничниот премин Деве Баир беа запленети 160 кутии од овој чај кај физичко лице кое патувало во автобус од Истанбул кон Скопје, но против него има само прекршочна пријава. Три месеци претходно, на граничен премин во Швајцарија запленета беше пратка од истиот чај која потоа беше тестирана во Швајцарската агенција за лекови. Беше утврдено дека во чајот има сибутрамин и силденафил (вијагра), по што беше строго забранет за употреба.

Сибутраминот е забранет од Европската унија од 2010 година. Ставен е на Националните листи на контролирани и психотропни супстанции во земјите од ЕУ и САД. Било утврдено дека го пореметува централниот нервен систем, предизвикува прекумерно сушење на устата, но се јавува и како причинител за срцеви и мозочни удари.

На Европскиот систем за брзо предупредување за храна има 11 известувања за запленети чаеви и суплементи со сибутрамин и вијагра само во 2023 и 2024 година, односно во последните 18 месеци. Производите се запленети во Германија, Холандија, Белгија, Шпанија и Италија. Сите биле увезени од Турција. Во 2022 година откриен е сибутрамин и во производи кои доаѓаат во Европа од Индија и Кина, но тие не подлежат на европските регулативи, па таму на слободен пазар може да се најдат супстанци кои се забранети за користење во ЕУ и САД.

Целиот текст може да го прочитате на следниов линк.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here