Анкетата на ИРИ покажа дека довербата на македонските граѓани во актуелните политичари и институциите е на ниво на статистичка грешка

Само 4% од граѓаните имаат доволно пари да го поминат месецот, 2% веруваат во политичките партии, а едвај 1% веруваат во судскиот систем. Еден од десет граѓани има надеж дека ситуацијата ќе се подобри во блиска иднина. Тоа е горе-долу најбитното што треба да го знаете од анкетата на ИРИ.

Само 4% од македонските домаќинства имаат доволно пари да ги задоволат месечните потреби, едвај 1% имаат целосна доверба во судството, а 2% во партиите, додека ниски 10% од граѓаните имаат надеж дека економската состојба во земјава во следните две години ќе се подобри. Ова се горе-долу најеклатантните наоди од најновото истражување за Северна Македонија што го спроведе Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во периодот април – мај 2023, коишто ја покажуваат поразителната состојба во македонското општество и бесперспективноста што ја чувствуваат граѓаните.

Минорни 2% од испитаниците одговориле дека економската состојба во нивното семејство се подобриле за една година, додека кај 9% е донекаде подобрена. Но, затоа, кај 39% домаќинства ситуацијата е непроменета, а кај цели 50% е влошена, и тоа кај 21% доста влошена.

Дека државата оди во погрешен правец, сметаат повеќе од половина, или точно 56% од анкетираните граѓани.  Ова е речиси идентична бројка како во октомври 2022, но затоа пак процентот на граѓани што не е среќен со тоа како се движи земјава е двојно повисок во однос на март 2021 (28%), додека анкетата од ноември истата година покажала 30%. Според најновата анкета, само 14% граѓани мислат дека Македонија се движи во вистинска насока, додека 29% од граѓаните се неутрални.

75% од граѓаните не им веруваат на политичките партии

За една четвртина од граѓаните најгорлив проблем со којшто се соочува државата е сиромаштијата и нискиот животен стандард, за 24% граѓани тоа се високите цени, 23% сметаат дека е економската ситуација, 20% имаат најголема мака со ниските плати или пензии, 18% со невработеноста… А на прашањето пак, дали владата на Димитар Ковачевски е посветена на решавање на најголемите проблеми што ги имаат истакнато анкетираните, цели 77% сметаат дека тоа не е така, односно 40% велат дека Владата воопшто не ги решава проблемите на граѓаните, додека 37% сметаат дека во принцип, не.

Кога станува збор за поединечни членови на Владата, на прашањето од ИРИ “Кои три министри најдобро работат?“, 51% од граѓаните одговориле дека никој не работи добро во Владата, додека на 9% од испитаниците прв избор им е премиерот Димитар Ковачевски, а на 4%, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За Спасовски вкупно 12% од анкетираните се изјасниле дека најдобро работи, за Ковачевски 11%, за Бујар Османи 9%, за Артан Груби 7%, итн. На прашањето пак, „Кои три министри во Владата не работат како што треба“, за Артан Груби вкупно се изјасниле 17% од испитаниците, за премиерот Ковачевски 14%, за Бујар Османи 11%, додека 34% граѓани сметаат дека целата влада не си ја работи добро работата.

Македонските граѓани се генерално разочарани од политичките партии, поточно 46% во голема мера не им веруваат, 29% претежно не им веруваат, 22% донекаде им веруваат, додека само 2% имаат голема доверба во политичките партии. На ниво на статистичка грешка е и целосната доверба во судството и обвинителствата, по 1%, додека донекаде им веруваат само 18%, односно 17% од граѓаните  респективно.

Меѓутоа, и покрај големата недоверба во политичките партии, две третини од граѓаните, или точно 65% се изјасниле дека би гласале на парламентарните избори кога би се одржале веќе следниот викенд. Поточно, 31% би излегле сигурно, а 34% веројатно би излегле да гласаат, додека само 8% се изјасниле дека дефинитивно не би гласале на изборите доколку би се одржале веднаш.

За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19% од анкетираните, исто како што се изјасниле и во октомври лани, додека за СДСМ би гласале 11%, исто така идентично како и во октомври. За ДУИ би гласале 8% од испитаниците, за Алијанса за Албанците 5%, за БЕСА 4%, Левица 4%, итн.

Сите битни политичари се во “нето негатива“ кај граѓаните

И покрај тоа што политичките партии, и од владејачката гарнитура и од опозицијата,  вчера кога беше објавена анкетата на ИРИ побрзаа да се фалат прикажувајќи ги резултатите онака како што ним им одговара, бројките не лажат: граѓаните имаат многу лошо мислење практично за сите водечки политичари во државата. Конкретно, најдобро поминал претседателот Стево Пендаровски, за кого што 12% се изјасниле дека имаат многу поволно мислење, 26% имаат донекаде поволно мислење, а 59% имаат неповолно мислење (во коишто 36% крајно неповолно и 23% донекаде неповолно).

Пребеганиот поранешен премиер Никола Груевски, верувале или не, е втор на “листата на популарноста“, иако речиси пет години не е ниту во земјава: 30% од граѓаните имаат поволно мислење за него, а 66% неповолно, односно 51% крајно неповолно.

Актуелниот премиер, пак,  Димитар Ковачевски добил крајно поволна оценка кај 8% од испитаниците, додека донекаде поволно за него  се изјасниле 17% граѓани. Донекаде неповолно за Ковачевски мислат 20%, а крајно лошо го оценуваат 51% од анкетираните граѓани од страна на ИРИ. На лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети вкупна поволна оценка му дале 16% испитаници, додека генерално неповолно го оценуваат 80% од граѓаните, при што 68% со крајно неповолно.

Ако се пресмета “нето поволноста“ на политичарите, односно кога ќе се одземат процентите на неповолното мислење од оние на поволното, најлошо поминува лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој е во минус 71, зад Али Ахмети со – 65, претседателот на парламентот Талат Џафери со -65, додека најдобра “нето оценка“ имаат Пендаровски, Груевски и лидерот на опозициската ВМРО – ДМНЕ Хриситјан Мицкоски, -21, -36 и -37 респективно. Битно е дека сите битни политичари се во нето негатива кај граѓаните, односно кај никого не е случај поволната оценка да е поголема од неповолната.

Речиси 80% се за членство во ЕУ, но половина граѓани не го поддржуваат моменталниот преговарачки процес

Што се однесува до поддршката на евроинтеграциите на Северна Македонија, во најновава анкета на ИРИ 79% граѓани се изјасниле дека се за тоа земјава да стане членка на ЕУ, 17% се против, додека 4% не знаат или не одговориле. Интересно е што од октомври лани до сега, и покрај големите отстапки што треба да ги прави државава во однос на бугарските барања, пораснала поддршката за членство во ЕУ, од 73% на 79%, иако тогаш во однос на ноември 2021 била падната за цели 11 процентни поени, од 84%.

Дека земјава ќе стане членка на ЕУ во следните пет години веруваат 22% од анкетираните, 27% мислат дека тоа ќе се случи за 6-10 години, 28% очекуваат членство за повеќе од 10 години, додека 17% од македонските граѓани не веруваат дека било кога земјава ќе стане член  на европскиот клуб. Во однос на октомври лани, процентот на песимистите е намален од 23% на 17%, додека на оние што се најголеми оптимисти за брзо влегување во ЕУ пораснал од 20% на 22%.

Почнувањето на преговарачкиот процес со преговарачка рамка предложена од Франција целосно го поддржуваат 12% од граѓаните, а делумно 29%, додека 33% воопшто не го поддржуваат. Вкупно 50% од граѓаните не го поддржуваат всушност преговарачкиот процес под овие услови. Високи 64% не го поддржуваат внесувањето на бугарството малцинство во Уставот, за разлика од 56% колку што се изјасниле против минатиот октомври. Само 10% велат дека се согласуваат целосно со тоа, а 20% делумно поддржуваат.

За тоа која земја е најголем поддржувач на пристапувањето на Македонија кон ЕУ, 32% се изјасниле дека тоа е Германија, за 19% тоа е Хрватска, 14% мислат дека е Словенија, 11% Франција, итн. Убедливо, најголем кочничар на македонската евроинтеграција за граѓаните, 66% од нив,  е Бугарија, за 29% тоа е Грција, а за 16% Франција.

Членството во НАТО пак, го поддржуваат 73% од граѓаните, 21% се против, а 5% не знаат/не одговориле. Во октомври лани 72% го поддржале членството во Алијансата, а 24% биле против, што значи дека има благ пораст во поддршката на македонското членство.

Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here