Форумот за образовни промени (ФОП) го објави Индексот на транспарентност на јавните универзитети во Република Северна Македонија, изработен од јануари до август 2025, со поддршка на Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy).
Најтранспарентниот универзитет во државата е Универзитетот на Југоисточна Европа – 19,3 поени од максималните 21. Второто место, со речиси идентични резултати и висок степен на транспарентност, го делат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје – 18,1 поен и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип – 18,1 поен.
Високите оценки на овие универзитети се должат на добрата организираност и поставеност на информациите на нивните веб страни, објаснуваат од ФОП. Особено во случајот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, кој од неодамна има нова веб страница што овозможува поголема прегледност и транспарентност на информациите.
Во случајот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа е нивното високо ниво на дигитализација што овозможува навремено ажурирање на податоци и објавување на истите во соодветен формат. Истите овие универзитети испратиле одговор на барањето за слободен пристап на информации од јавен карактер кое било испратено во законски определениот рок
По овие три универзитети следи Универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид – 15,3 поени, кој влегува во категоријата на средна транспарентност. Понатаму, со низок степен на транспарентност, се оценети Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола – 14,3 поени и Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје – 11,1 поен.
Најмалку транспарентен останува Универзитетот во Тетово – 9,1 поен, кој речиси воопшто не објавува финансиски информации ниту други задолжителни документи.
Универзитетот главно има објавено минимум информации што би биле потребни за негово нормално функционирање, односно годишните конкурси за упис на нови студенти. Во однос на другите категории, особено во делот на финансиското работење, универзитетот нема објавено информации, иако има одвоени делови на веб страната каде тие би требало да бидат објавени, велат од ФОП.
Универзитетите поретко ги објавуваат и ажурираат своите јавни гласила, забележуваат од ФОП. Според статутите на универзитетите во Македонија истите објавуваат јавни гласила преку кои се официјализираат одлуките. Најчесто имаат два вида гласила – универзитетски гласник универзитетски билтен. официјални документи и Како на универзитет потребно е истите да бидат јавно достапни со цел истите да бидат полесно достапни на засегнати страни во рамки на универзитетот, но и пристапни за целата јавност. Истата ситуација се однесува и на записниците од сенатот и ректорската управа.
Финансиското работење на универзитетите не се ажурира редовно и се објавува во непристапна форма. Како институции кои се финансираат од буџетот на Северна Македонија тие имаат обврска да бидат отчетни и одговорни во однос на трошењето на парите кои ги добиваат од истиот. Во однос на објавените финансиски документи универзитетите и факултетите во различна мера ги објавуваат истите. Така кај дел од факултетите отсуствува годишниот план за јавни набавки и буџетот. Кај најголем дел од факултетите се објавени годишните завршни сметки, а тие што објавуваат информации за јавни набавки истото е направено преку вградување на приказ директно од електронскиот систем за јавни набавки. Во случаи кога се објавени овие документи истите се прикачени во ПДФ формат што е скен од официјален документ. Ваквиот формат, иако го запазува начелото на официјалност, е непристапен поради што е потребно да се изнајде механизам за објавување на информации во друг посоодветен формат.
Голем дел од факултетите немаат објавено информации за факултетското студентско собрание и заменик студентски правобранител. Студентските претставнички тела се предвидени во форма на факултетски студентски собранија (ФСС) според Законот за високо образование и студентскиот правобранител како институција. Така, на седум од 24 факултети на УКИМ, шест од 11 факултети на УКЛО, 14 од 15 факултети на УГД немаат објавено информации за ФСС и заменикот студентски правобранител.
Од ФОП даваат и неколку генерални заклучоци и препораки во врска со транспарентноста на јавните универзитети:
-Потребна е поголема финансиска транспарентност на универзитетите и факултетите.
-Зголемување на видливоста на студентските претставнички тела.
-Систематизација на документите кои произлегуваат од работата на институциите.
-Зголемена транспарентност во однос на научноистражувачката работа на институцијата.
-Зголемена транспарентност за можностите за студенти.
-Редовно ажурирање на веб страните.
Целото истражување со детална анализа на транспарентноста на сите јавни универзитети поединечно може да го проследите на следниов линк.








