Политичката партија Левица најави дека ќе поднесе предлог закон за укинување на спорниот член 161 од Законот за здравствена заштита којшто на директорите на јавните болници им дава дискреционо право за да можат наместо најдобрите да вработат лекари од нечии списоци, со што дава поддршка на иницијативата што веќе три години група невладини организации предводени од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ ја турка во јавноста.
Оваа иницијатива на невладиниот сектор, после неколкугодишни одлагања и преговори со различни министри, конечно пред неколку месеци доби и институционална поддршка, откако министерот за здравство Азир Алиу се согласи во работната група на министерството, каде се подготвува нов Закон, да се вклучат претставници на невладиниот сектор. Самиот Алиу, кажа дека е апсолутно против постоењето на дискреционото право и дека целосно ќе ги имплементира препораките на групата невладини организации.

„Јавно информирам дека овој член за мене е нелогичен. Кога се работи за доктор или за медицинска сестра, не може директорот да одбере кој од нив е најдобар, мора да се избере најдобро рангираниот. Јавно кажувам дека сум против ова. Сега менуваме 12 закони и во рамките на тие измени ќе биде опфатен и овој член. Сите сме ние потенцијални пациенти и овде не може меритократијата да се множи со нула“, изјави Алиу.
Но, за граѓанските организации укинувањето само на овој член, што сега го бара и Левица би било шминка и не е доволно. Тие подготвија пакет измени кои се однесуваат не само на укинување на дискреционото право, туку и на уредување на начинот на избор:
„Имаме подготвено цел пакет барања што ги доставивме до МЗ и на кои веќе работиме во рамки на работната група. Она што со задоволство можам да го кажам е дека сите наши клучни барања кои се однесуваат на начинот на избор на Комисијата што треба да го прави интервјуто, критериумите по коишто ќе се оценува кандидатот, бодувањето, траењето на огласот, каде тој ќе биде објавен и така натаму, се веќе прифатени од Министерството. Многу е важно да видиме како на крај ќе изгледа предлог законот што МЗ ќе го достави во Собранието, затоа што и една запирка може многу да значи, но во моментов сите наши клучни барања за измени се прифатени, што е многу важно, оти само ако се укине дискреционото право ништо не правиме“ , изјави Гоце Коцевски, правен експерт на иницијативата на последната јавна дискусија организирана од „Солуција“.















Во галеријата се неколку фотографии од настаните – панел дискусии и брифинзи за медиумите што „Солуција“ и „Замисли“ ги организираа во Скопје, Струмица, Велес, Штип и Тетово во 2024 и 2025 година, на темите реформи во здравството и борба против партизацијата, корупцијата и клиентелизмот.







