Транспаренси Интернешнл за 2025: „Пулс“ ни ја покажа разорната моќ на корупцијата на најтрагичен можен начин

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарече „Бистро-Матно“.

Фото: СДК.мк, Киро Попов

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарече „Бистро-Матно“.

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.“, велат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Овој годишен Извештај е преглед на сите дванаесет изданија на „Бистро-Матно“ коишто беа објавени во изминатата 2025 година.

Во изминатата година со сигурност можеме да кажеме дека ја обележа катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и сите понатамошни коруптивни случувања кои беа откриени како последица од истиот. Институционални пропусти, затајување на системот за превенција како и недостаток на колективна свест за сериозноста на последиците кои се предизвикани од корупција, почнувајќи од најниските слоеви во државната управа. Отворањето на истрагата како и поднесувањето на обвинението беше спроведено во предвидениот законски рок, но „ќе се кршат копјата“ во потрага на правдата во судската постапка која ни претстои.

Случувањата во Државната комисија за спречување на корупција со поднесувањето на обвинение на тогашната претседателка поради оддавање на службени тајни го иницира прашањето на кредибилитетот на институцијата.

Не остана незабележано и поднесувањето на обвинението за предметот „Онкологија“ којшто во јавноста иницира сомнеж во функционирањето на целокупниот здравствен систем во нашата држава. Областа од здравствениот систем годинава уште еднаш беше во центар на случувања кога Комисија од страна на Министерството за здравство откри дека од вкупно 19 случаи на кардиохируршки зафати што биле разгледани, речиси половина биле оценети како непотребни. Реакцијата на здравствените власти доаѓа по претходни укажувања  дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.

Од исклучително значење е да се спомене дека ниту во изминатата година не беше донесен новиот Кривичен законик којшто долго се очекува. Скандалозните измени на Кривичниот законик кои беа донесени во 2023 година предизвикаа сериозна штета во високо-профилираните коруптивни истраги и судски предмети којашто продолжува да се продлабочува со неносењето на нов КЗ.

Од дебата што „Солуција“ ја организираше по повод измените на Кривичниот законик на 23.12.2025

Очекувано и од значење е да се спомене дека во скоро секое издание на „Бистро-Матно“ беа забележани настани, односно извршени ревизии објавени од страна на Државниот завод за ревизија. Неповолни ревизии и утврдени системски слабости во функционирањето на институциите.

На штета на граѓаните, а поради немање на политичка волја институцијата Народен правобранител која треба да се грижи за уставните и законските права на граѓаните останува “обезглавена“. Загрижувачки и некоректно е ваквиот однос спрема институција чија главна задача и е заштита на човековите слободи и права, а воедно е и механизам за надзор и следење на законското работење на институциите.

Од овогодинешниот преглед на настани се забележуваат повеќе случувања со давање или примање на поткуп како: Истражна постапка за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РСМ; побарано мито за дозвола за проект за градење на апартмани во Маврово и Ростуше како и мито за изготвување на документација за наводни прегледи, контрола и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице; Поткупот на директорот на Геријатрија за да смести неподвижно лице и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и Поранешниот државен правобранител кој примил 50.000 евра за да влијае врз судија во Апелацискиот суд.

Иако во сенка од таканаречените матни настани не изостанаа и бистрите настани.

Во духот на минатогодишниот  Индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл кој ја нагласува потребата за итна акција против корупцијата и предупредување за критична глобална пречка за спроведување на успешни мерки за заштита на климата и климатските промени, во текот на изминатата година кај нас особено активни и гласни беа граѓанските организации кои делуваат во областа на заштитата на животната средина, климатските промени и глобалното затоплување, придонесувајќи кон зголемена јавна свест и општествен дијалог по овие прашања. Ваквите активности придонесоа со донесување одлука на Советот на Град Скопје за дислокација на еден од најголемите загадувачи на Скопје,  Цементарница „Усје“ по предлог на „Зелен хуман град“.

Позитивен потег е и воведувањето на софтверски систем од страна на Управниот суд да воспостави дигитална врска со сите јавни институции како и со Вишиот управен суд, со што директно се влијае на поефикасно и побрзо функционирање на судскиот систем.

За крај како еден од бистрите настани е посветен на младите. Седум млади студенти од Македонија се автори на едукативна електронска игра „Сива зона“, наменета за средношколци, чија цел е да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки.

Годишниот извештај на сите дванаесет изданија на „Бистро-Матно“ коишто беа објавени во изминатата 2025 година може да се погледнат во следниот документ Барометар на корупција 2025 година

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here