Партиските вработувања во М-НАВ продолжуваат, синдикатот бара поништување на најновиот оглас

Власта едно се колне во јавни настапи, а друго прави на терен, па така, продолжува со старата практика на сите гарнитури досега: полнење на М-НАВ и други државни институции со кадри блиски до партијата. Синдикатот на контролори на летање ја обжали одлуката на тројцата директори, коишто без присуство на сведоци ги правеле интервјуата со кандидатите и бара поништување на огласот.

Најновиот оглас за вработувања во Македонската навигација (М-НАВ), за којшто Синдикатот на контролори на летање реагираше дека е тотално непотребен и се закани со штрајк, неделава предизвика препукувања помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ околу тоа кој повеќе вработувал со непотизам и партиски врски.

Откако СДК.МК прв ја објави веста дека во М-НАВ ќе се вработат луѓе блиски до владејачката партија, СДСМ излезе со реакција дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ „спроведуваат брутална партизација“ на националната служба за контрола на воздушниот сообраќај.

„М-НАВ не е партиска играчка. Се работи за безбедност на патниците и екипажите во авиосообраќајот. Со ваквите вработувања се урнисува довербата во една од најчувствителните служби“, соопштија од СДСМ, барајќи итно поништување на огласот и оставки од одговорните.

Инаку, на огласот на вработување се избрани Ивана Југ, сопруга на неодамна починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот упад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.  Неофицијалните информации се дека другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, па затоа вчера е распишан, реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик.

Од владејачката партија, пак, не останаа покусо и веднаш одговорија на реакцијата од СДСМ, тврдејќи дека “со СДС и ДУИ, М-НАВ била претворена во дувло за партиски и роднински вработувања, за коишто стои партискиот бандитизам“. Потоа наведоа неколку примери на такви вработувања, меѓу кои сестрата на Бујар Османи, снаата на Артан Груби, роднини на екс-министерот Љупчо Николовски, итн.

Едноставно, дегутантно е веќе да се следи ова меѓусебно набедување за тоа кој направил поголема партизација и непотизам во М-НАВ, институција каде што импровизации и аматеризам не смеат да бидат дозволени, затоа што може да чинат стотици човечки животи. Но, како што се менуваат владејачките гарнитури во земјава, продолжуваат со истата пракса – вработување на свои луѓе на секакви позиции затоа што платите таму се доста над македонскиот просек и се привлечни, додека институцијата кубури со најкритичните позиции – контролори на летање, инженери, метеоролози, итн.

Безобразието на менаџментот отишло дотаму што при интервјуата во втората фаза на актуелниот оглас ги правеле ексклузивно само тројцата директори – Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери – без сведоци, наводно и без записничар, иако според постигнатиот договор помеѓу менаџментот на М-НАВ, односно Владата и Синдикатот на контролори на летање, при интервјуа со кандидати за вработување на кое било место во ова државно претпријатие, задолжително треба да присуствуваат претставници од Синдикатот. Од Синдикатот ни потврдија дека токму за ова е поднесена жалба преку нивниот правен застапник, и ќе бараат поништување на огласот.

Инаку, претходно, закажаниот штрајк на контролорите на летање за 10 јули беше откажан, затоа што Владата гарантираше дека ќе им ги исполни сите барања изнесени преку Синдикатот. Требаше да престанат партиските вработувања, да се добие одобрување од Министерството за финансии за оглас за најмалку 6 контролори на летање, зашто фалат исто како што фалат и метеоролози, инжeнери и други суштински професии. Требаше и да се распише тендер за избор на меѓународна, независна агенција која ќе направи анализа во М-НАВ за сегашната состојба и за потребните суштински работни места кои треба да се пополнат за нормално функционирање на претпријатието, но Синдикатот на контролорите на летање е изигран.

Синдикатот на контролори на летање го вклучи алармот уште пред две години, кога со тогашното раководство влезе во тежок конфликт, исто така околу спорни вработувања на кадри коишто не ги задоволуваат критериумите.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here