МИСИЈА
“Солуција” е невладина организација со мисија посветена на справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството; унапредување на општествената дебата, облагородување на јавниот наратив и културата на дијалог; креирање и поддршка на конструктивни решенија во политиката, економијата, правдата, животната средина, надворешните работи, мирното решавање на меѓународните спорови; унапредување на демократијата, заштита на човековите слободи и права, почитување на достоинството на човекот и развој на либералните политики.

Никола Димитров е искусен македонски дипломат, тинк-тенк аналитичар и активист за демократија и правна држава. По кризата во 2001 година, кога беше советник за национална безбедност на Претседателот Трајковски, беше амбасадор во САД каде ја презема и должноста главен преговарач за прашањето на името со Грција. Тој исто така беше амбасадор во Хаг и ко-застапник на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата.
Напуштајќи ја дипломатијата на почетокот на 2014 година, Димитров се придружи на Хашкиот институт за глобална правда како истакнат член.
Како министер за надворешни работи (2017-2020) тој беше главен преговарач и потписник на Преспанскиот договор, што го овозможи членството во НАТО и одлуката на ЕУ за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија (2020).
Тој беше избран за пратеник во Собранието во 2020, преземајќи ја должноста Вицепремиер за европски прашања до јануари 2022 година.
Димитров магистрираше правни науки на Универзитетот во Кембриџ во 1998, дипломирајќи на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј како студент на генерацијата во 1996 година.
Тој е претседател и ко-основач на Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција, нерезидентен член на Институтот за хуманистички науки во Виена, член на Европскиот совет за надворешни односи, член на БиЕПАГ и на меѓународниот советодавен одбор на Белградскиот центар за безбедносна политика.
Билјана Славковска дипломирала право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и положила правосуден испит во 2004 година.
Од 2004 година работи како адвокат во повеќе области од правото, и тоа во секторот – парница на предмети од сите видови граѓански и стопански спорови.
Во својата долгогодишна адвокатска пракса се специјализирала за постапки од кривичното, стопанското, трудовото и семејното право, со посебен фокус на областа за заштита на жени и деца, жртви на родово базирано и семејно насилство. Како дел од нејзиниот долгогодишен професионален ангажман е правната поддршка и во здравствениот сектор, на повеќе јавни здравствени установи од терциерно ниво. Последната деценија, посебен фокус има во секторот за домување, како и унапредување на политиките и праксите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство.
Повеќе од 15 години активно учествува во невладиниот сектор како правна поддршка, а со тоа и била дел од голем број на работилници од различни области и тренинзи за професионален развој.
Член е на Адвокатската Комора на РСМ од 2004 година.
Игор Петровски е новинар и уредник со преку 20 години искуство во покривање теми од економско – политичка проблематика.
Дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ – Скопје во 2000 година, а во периодот 2001/2002 бил волонтер во невладината организација за заштита на правата на децата Defence Children International.
Од 2002 година работи во бизнис магазинот „Капитал“, на повеќе позиции – како репортер, помошник на главниот уредник и главен и одговорен уредник.
Учествувал и бил дел од голем број на работилници и тренинзи за професионален развој и конференции, спроведувани во Македонија и странство. Во периодот 2005/2006 година престојувал на Факултетот за новинарство при Универзитетот Мисури, во рамки на Програмата за професионален развој финансирана од Американскиот Стејт Департмент.
Од февруари 2023 е вработен во Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, чијшто и коосновач е.
Катерина Синадиновска дипломирала новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2008 година.
Таа е автор и уредник на телевизиската емисија “Агенда 35”, медиумски проект посветен на реформите потребни во процесот на интеграции кон Европската Унија.
Во 2022 таа станува еден од коосновачите на Балканскиот центар за конструктивни политики “Солуција”, каде е одговорна за медиумските проекти.
Синадиновска во 2015 година е еден од основачите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Исто така е избрана за Претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Во март 2018 година Катерина повторно е реизбрана за Претседател на Управниот одбор и доделен и е нов мандат на оваа позиција.
Синадиновска претходно била заменик главен и одговорен уредник во економскиот неделник „Капитал“.
Во овој неделен весник тоа работи од 2010 година, најпрво како новинар на теми од сферата на политичкиот живот, а подоцна од 2012 и како уредник на одделот за внатрешна и надворешна политика во овој неделен магазин.
Претходно, пред започнувањето на професионалниот ангажман во „Капитал“, Катерина својата професионална кариера како новинар ја надоградува во две национални телевизии, најпрво во ТВ Алфа, а потоа и во Канал 5. Исто така во периодот од 2004 до 2006 година таа има работено и како новинар во дневниот весник „Вечер“.
Таа учествувала и била дел од голем број на работилници и тренинзи за професионален развој и конференции, спроведувани во рамките на Македонија и во други држави, со посебен фокус на слободата на изразување во медиумите, граѓанските слободи и демократијата, медиумската етика и писменост и политичкото и бизнис влијание врз медиумскиот и граѓанскиот сектор.
Александар Јанев е дипломиран економист, меѓутоа, своето стекнато образование веднаш по завршувањето на студиите го применува во медиумската сфера, како новинар којшто пишува за теми од економијата.
За да го комбинира образованието стекнато во факултетските клупи со новинарството, вештините за професионално пишување и известување ги учи од врвни економски новинари преку неколкумесечни обуки во земјава, но и во странство преку тренинзи во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија.
Својата кариера ја почнува во телевизијата Алфа во 2008 година, каде што две години работи во економската редакција, а во 2010 година преминува во печатениот медиум, Капитал, каде што работи до 2022 година.
Од 2018 година, истовремено, како автор и уредник работи за ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија.
Во меѓувреме, работел и како соработник во Балканска истражувачка мрежа на новинари (БИРН), а од неодамна соработува и со Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ).