Се сретнавме со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, во Тирана, додека демонстрантите секојдневно се собираа на улиците, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.
Можеби не како основна причина, но како поттикнувач на ова незадоволство, се јавува предложениот проект на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. Ова исто така предизвика дебати во европските престолнини и отвори прашања за тоа како европските и американските интереси на Балканот доаѓаат во судир.
Токму затоа одлучивме да разговараме со првиот дипломат на Албанија: дали постои надворешно мешање во протестите и како Албанија се снаоѓа во односите меѓу Вашингтон и Брисел, кои, благо кажано, се далеку од идеални.
Министре, Ви благодариме што нè примивте во толку тежок период за Вашата земја. Дозволете да започнам од таму: што се случува во Албанија?
Најпрво, ми е многу мило што имаме можност да разговараме. Ова се напнати, предизвикувачки денови. Долго време, уште од 1997–1998 година, немаме видено вакво нешто во Албанија. Ова е ново за нас, но, како што можевме да видиме, не е карактеристично само за Албанија. Она што деновиве го гледаме во Албанија, се случува и низ Европа – во Франција, Белгија, во северна Италија… И ние се обидуваме да разбереме од каде доаѓа ова, што е во коренот на проблемот и дали станува збор само за внатрешно прашање или за дел од поширок тренд што се одвива низ Европа.
Да, но мора да признаете дека во Албанија постоеше искрен гнев кај јавноста. Не можете едноставно да тврдите дека станува збор за странско мешање.
Она што се случуваше од мај па сè до неодамна, претставуваше отворен, мирен протест, што е апсолутно дел од она што го изградивме, она за што се боревме да го изградиме во Албанија. Во текот на овие месеци видовме речиси сè: најразлични барања, наративи и изјави…
Но, тоа беше навистина демократски…
Токму така. Тоа беше демократски, мирно и, според мене, одраз на едно отворено општество – она во што Албанија прерасна во текот на изминатите 35 години: земја во која можете да излезете и да ги изразите своите ставови, вклучително и да упатувате барања до властите, политичарите, партиите, оние што се на власт и оние што носат одлуки. Меѓутоа, она што го видовме во последните недели е нешто сосема поинакво: примена на насилство насочено кон јавните простори, како и кон институциите и приватните бизниси.
Сепак, тие би рекле дека се обиделе да ве предупредат оти ова ќе се случи, а вие не сте ги послушале.
Тоа е она што некои ќе го кажат. Но, тука има два различни аспекта: од една страна, протест на универзитетски и средношколски студенти, а од друга – мала, многу добро организирана и добро опремена група, слична на оние во земјите што ги спомнав, која се однесува крајно агресивно кон органите на редот и користи насилство за да постигне – не знам ни јас што. Оние во првите редови фрлаат камења, уништуваат и палат продавници, оштетуваат банки, палат сè што ќе им се најде на патот и напаѓаат амбасади. Како што знаете, беа нападнати и просториите на Светата столица, при што беше симнато знамето.
Постојат многу длабоки проблеми и наративи, како и разни мали групи, но сите тие се обединети во барањето за оставка на премиерот, со цел да ја соборат владата и, на крајот, да издејствуваат избори. Станува збор за политички барања, а знаеме дека во демократијата политичките цели не можат да се постигнат преку насилство, преку уништување на градот и нарушување на нормалниот тек на соживотот во албанскиот главен град.
Меѓутоа, постојат и обвинувања за сериозно полициско насилство… за бруталност.
Видете, полицијата постапува во рамките на законот. Што друго може да се направи кога се фрлаат камења, кога има агресивно однесување, грабежи, подметнување пожари и уништување?
Мораме да направиме разлика. Прво, барањата на студентите се легитимни. Тие мора да бидат слушнати, и ќе бидат слушнати. Премиерот повеќепати изјави дека е целосно отворен за дијалог, за разгледување и дискусија за тоа што владата, премиерот и сите оние што можат да помогнат, би можеле да преземат за да одговорат на барањата на студентите. Но, досега не видовме ниту конкретни барања официјално поднесени, ниту пак се појави некој претставник на студентите. Како што знаеме, за да дојде до каков било дијалог, другата страна треба да има свој глас…
Претставници…
Претставници: едно или повеќе лица, група, за да може да се воспостави дијалог. За жал, она што го гледаме – а тоа доминира и во вестите и во секојдневните случувања на улиците – е насилство и, се разбира, реакцијата на полицијата.
За кои верувате дека вклучуваат инфилтрирани поединци…
Луѓе кои или се инфилтрирале во протестите, или имаат поинакви наративи и потекло. Видовме екстремисти и антисемитизам, што е нечуено во Албанија. Ова е нов феномен… Она што го видовме досега, а што се чини дека ги обединува овие групи со различно потекло, се нивните политички барања – оставка на премиерот и на владата.
Имате ли некакви информации за тоа од каде доаѓаат овие групи? Можеби некакви истраги? Бидејќи едно е само да се верува дека тие се од странство…
Премиерот јасно го кажа тоа, а ние сме убедени, врз основа на разузнавачките извештаи што ги добиваме, дека постои јасно мешање од странство. Во различни форми и на различни начини, онлајн и преку социјалните мрежи. Се разбира, станува збор за албански државјани со различно потекло…
Добро, кои се главните осомничени? Кои странски земји?
Видете, не може да се негира дека видовме многу истакнат глас од Русија кој отворено ги поддржува протестите. Кога велам протести, мислам на овие насилни протести. Една од најпознатите личности, Александар Дугин – кој всушност е идејниот творец зад актуелната гарнитура во Москва – неодамна напиша дека „Албанците конечно се будат“.
Ова е многу јасен знак дека оние што не ги делат нашите цели, нашиот пат или изборот што го направивме за пристапување кон ЕУ, ќе сторат сè што можат за да поддржат наративи што им служат на нивните интереси.
Но, господине министер, ние живееме на Балканот. Гледаме како Вучиќ го користи истото оправдување за „странско мешање“…
Не постои апсолутно никаква паралела помеѓу она што се случува во Србија и она што се случува во Албанија.
Значи, нема паралела со Белград, ама има паралела со Париз?
Апсолутно постои паралела, бидејќи можеме да видиме дека дури и начинот на облекување е ист: облечени се во црно, носат маски и користат исти тактики. Погледнете ги сликите од Париз и од Албанија и ќе го видите истото, крајно агресивно однесување кон полицијата, објектите или што и да им се најде на патот. Овие луѓе се подготвени и добро организирани, а насилството сакаат да го користат како единствено средство за изразување или за остварување на она што го сакаат. Ова е апсолутно неприфатливо!
Кое е решението? Што мислите, што ќе се случи? Се чини дека е достигната точка во која воспоставувањето дијалог е многу тешко…
Првиот чекор е да се направи она што го прават другите земји: да се воспостави ред и закон. Второ, мораме да го обновиме дијалогот, да останеме отворени и да понудиме секаков можен облик на дијалог на оние кои навистина сакаат да разговараат со владата. Ако не сакате да разговарате со владата, со кого тогаш ќе разговарате? Како ќе ги претставите своите идеи, како ќе ги изнесете своите грижи и – се надевам – како ќе ги решите, во онаа мера во која е тоа воопшто можно? Ова се работи што мораат да се случат веднаш. Но, пред сè, мораме да ставиме крај на насилството. Насилството не води никаде! Насилството раѓа уште поголемо насилство!

А она што се случува овде, се разбира, има влијание врз целиот регион. Како го гледате регионот денес? Нè очекуваат избори во Србија (интервјуто е правено во термин пред одржувањето на изборите во Србија, н.з.), а гледаме и нови проблеми на патот на Црна Гора кон ЕУ…
Се надевам дека она што се случува овде нема да предизвика последици на други места. Се надевам дека никој во некоја друга земја нема да го имитира она што овие мали групи екстремисти го прават во Албанија. Тоа би предизвикало штета каде и да е…
Мислев на можно забавување или застој во напредокот на Албанија…
Како што реков во врска со нашиот европски пат – ние работиме секој ден. Не застануваме.
Значи, премиерот нема да попушти и да поднесе оставка?
Тој сосема јавно изјави дека сега не е време за откажување! Време е за работа, за да ја внесеме земјата во ЕУ, како што и ветивме.
Наша предност е тоа што имаме целосен консензус за европските интеграции
Како регион се соочуваме со проблем, бидејќи ЕУ и САД – двата столба на западниот свет – порано настапуваа заедно. Сега гледаме разлики меѓу овие два центри на моќ. Како сметате дека ова влијае врз регионот? Видовме дека главниот првичен поттик за она што се случи можеби бил токму овој проект во кој е вклучен Кушнер… Како гледате на вашиот близок однос со Вашингтон и какво влијание има тој?
Тука станува збор за две работи. Едната е развојниот план, кој сè уште е во фаза на планирање, бидејќи сè уште не е претставен конкретен проект. Тоа е план – развоен план без конкретен проект – и нема никаква врска со владата на САД. Станува збор за приватен проект на приватно земјиште, со приватен инвеститор. Знам дека со него секогаш се поврзува едно познато име, особено во странските медиуми, но тоа не е клучен фактор и нема никаква врска со американската администрација или владата на САД. Ова е приватен проект на приватен… повторувам, бидејќи ова е важно: на приватен имот, од страна на приватен инвеститор.
Но, приватните инвеститори понекогаш имаат блиски политички врски…
Многу сме задоволни што инвеститорите сакаат да вложат до четири милијарди долари во економијата и туристичкиот сектор на Албанија.
Сепак, Брисел не беше баш задоволен…
Не, Брисел рече само едно: сè што бараме од албанската влада – или од која било влада – е сè да се спроведе во согласност со правилата на ЕУ за заштита на животната средина.
И ние јасно го кажавме тоа. Премиерот Рама беше дециден дека апсолутно сите европски стандарди ќе бидат испочитувани. Тука нема никаква дилема.
Тоа е ставот на Европската комисија. Се разбира, постојат и поинакви гласови и мислења. Знаете дека ЕУ е сложена структура, со пратеници од различни политички групи и различни земји – некои се погласни од другите, и така натаму. Но, вистината е таа…
Сепак, останува фактот дека трансатлантските односи се разнишани…
Трансатлантските односи се разнишани. Се разбира, ги следам вестите за односите меѓу САД и ЕУ. Но, за нас работите не се променија многу. За нас, за Албанија, интеграцијата во ЕУ, односно пристапувањето, е највисоката национална цел за сите во Албанија: за секој граѓанин, за секој избран претставник на локално или централно ниво и за секоја политичка партија, без оглед на разликите меѓу нив. Тоа е нашата голема предност.
Од друга страна, трансатлантските односи – кои за Албанија се многу силни – ги гледаме како другата страна на истата паричка. Имаме најдобри можни односи со САД, од причини што не бараат никакво објаснување. За нас во Албанија, овие трансатлантски односи и ЕУ одат рака под рака.
И за крај, која е Вашата порака до македонските власти?
Дека нашата иднина е во ЕУ! Немаме друга алтернатива. Таму припаѓаме, заедно. Имаме одлични билатерални односи. Ние сме пријателски земји, добро соработуваме и треба да работиме на продлабочување на тие односи.
Министре, Ви благодарам за интервјуто и за Вашите пораки. Се надевам дека ќе се видиме повторно во, да речеме, помалку предизвикувачки времиња…
Ми беше задоволство. Ви благодарам.
Задоволството е мое. Ви благодарам!