Со еден од најдобрите познавачи на политиката на проширување на ЕУ, но и на состојбите на Балканот, Флоријан Бибер, професор од Универзитетот во Грац, се сретнавме во Подгорица – во земјата која заедно со Албанија ита кон ЕУ, отвора и затвора кластери и се подготвува за членство до крајот на оваа декада. Додека професорот Бибер вели оти шансите за тоа се прилично изгледни, додава дека треба да се биде реален и да се признае дека ниту една од двете земји не е вистински подготвена:
„ЕУ им гледа низ прсти додека во многу полиња нема реформи, само оти сега (гео)политичката констелација е таква“, вели тој во интервјуто за „Агенда 35“.
За Македонија тој вели дека има полно право да бара гаранции, оти „францускиот предлог“ не донесе извесност дека дури и да ги направиме уставните измени нема да имаме повторна блокада за нешта што не се поврзани со копенхашките критериуми. Сепак, тој објаснува оти сега, откако тој предлог е прифатен, многу е тешко да им се објасни на Европејците каде е замката.
-Тука сме во Црна Гора, во Подгорица. Оптимизмот е насекаде околу нас, Црногорците се убедени дека до крај на декадава ќе влезат во ЕУ. Колку се реални овие оптимистични прогнози, не само за Црна Гора, туку и за Албанија, којашто исто е дел од „моментумот“?
Па, изгледаат реално во овој момент. Изненадувачки е колку брзо овој процес се одвива и за Црна Гора и за Албанија и личи дека и двете земји можат да се приклучат до крајот на декадата. Се разбира, тука датумот е 2028, тоа е преамбициозно, оти иако пристапните преговори можат да завршат следната година тие треба да бидат ратифицирани од 27 членки и овој процес може да трае особено со многу парламенти, што може да имаат големи партии против проширувањето, но крајот на декадата, личи реалистично, но се разбира, крајната одлука е на парламентите и тука има одредено ниво на непредвидливост, имајќи го предвид политичкиот пејсаж во Европа во моментов.
-Тука доаѓаме до клучната поента – непредвидливоста. Многупати претходно ваквите моментуми знаеле условно речено – да пропаднат. Дали ако двете земји си ја завршат домашната задача и навистина го истераат процесот на преговори, членството сега им е гарантирано?
Ова е делот што е многу тешко да се предвиди, имаме ситуација сега од која Црна Гора и Албанија профитираат, а тоа е можноста родена од фактот дека немаше проширување 13 години, дека ЕУ чувствува оти мора да има проширување, макар од аспект на Комисијата, има геополитичка мотивација поттикната од руската агресија против Украина – сето ова им користи на двете земји, оти нема блокади. Но, се разбира, ова е главниот проблем – што нема предвидливост. Сѐ уште, и тоа добро го знаеме од случајот со Северна Македонија, има билатерални блокади, ЕУ го нема тоа решено и во моментов со Албанија и Црна Гора, Комисијата гледа низ прсти. Не гледа внимателно на се, на начин како што секогаш зборувале дека гледаат, да се биде многу внимателен, многу критичен, ама сега гледаме дека не внимаваат толку, ако политичката мотивација постои.
Значи, тоа што честопати недостасуваше во последните 15, 20 години беше политичката мотивација, но критичката и внимателна опсервација беше таму, а сега политичката мотивација е тука, а недостасуваат критичките анализи базирани на мерит. Ова оди во полза на брзиот прием за земји како Црна Гора, кои можат да ја искористат оваа можност, но дали навистина реформите се направени – може да се сомневаме. Многу од тоа е на хартија, многу е избрзано и Европската комисија си го врти погледот на другата страна, кога нештата не се направено соодветно.
-Се пополнуваат само полињата значи..
На многу начини ова што го гледам е токму тоа – вежба за пополнување на полиња. Разбирливо е, поради итноста, чувството на итност, но би рекол дека не е правилниот начин.
-Во меѓувреме, некои земји членки бараат внатрешни реформи пред воопшто да се случи проширување. Колку е тоа изгледно тоа да се случи прво?
Личи многу тешко, зборуваме за две или една нова членка. Тешко е да се замислат овие реформи, затоа што, тие се речиси невозможни кога тука имате „расипувачи“ на ЕУ и тука мислам на Унгарија и Словачка, земји кои имаат отворена проруска политика и се против она што е меинстрим во Европа. Тешко е да се направат тие реформи, оти тие ќе се спротивстават и на демократските механизми за мониторинг и на одземањето на ветото, бидејќи знаат дека тие ќе се најголемите губитници. Но, има и други, кои се кријат во нивната сенка, а се исто така против тоа. Додека е вистина дека ЕУ мора да се реформира и треба да стане пофлексибилна и помалку базирана на вето, оптимистички е да се надеваме дека тоа ќе се случи пред следното проширување. Да не заборавиме, ЕУ имаше 28 членки. Сега има 27 откако замина Велика Британија. Ако пак имаме 28, тоа е како што беше порано, па да кажете дека мора да има промени за да се случи проширување, малку е кратковидо. Можеби, проширувањето е начин да се случат тие промени. Може да се случи така да во Договорот, во истиот процес да има одредени, минимални реформи одредени од ЕУ, кои би дошле во истиот момент како што земјите се зачленуваат. Ова може да биде еден начин да се заобиколи кругот.

-Брзата интеграција на овие две земји, може да биде мотивација за Балканот, но може ли да биде и можност за дестабилизација, имајќи предвиде дека живееме во регион каде конфликтите не се непознаница. Какви сигнали ќе испрати овој процес до останатите кандидати?
Има позитивна страна ова и тоа е дека се покажува оти проширувањето е можно, не е затворена врата и дека ако одредени околности се тука земјата може да стане членка. Ова е охрабрувачки и може да биде позитивен сигнал. Аргументот кои одредени луѓе, како на пример српскиот претседател Александар Вучиќ го користи, дека ЕУ не нѐ сака, зошто би се обидувале, може да биде победен на овој начин. Но, се разбира, има и дестабилизирачки ефект. Што може да значи за албанската заедница во Северна Македонија или на Косово, ако видат дека Албанија е членка, а земјите каде се тие, не се. Ова може да биде политички дестабилизирачки. Црна Гора е најдобар случај, таа има добри односи со сите соседи, има босански, албански, српски заедници кои живеат таму, па на некој начин, може да биде добар пример за сите нив, никој не сака да се приклучи на „Голема Црна Гора“ и нема закана за други земји, но за другите земји, ако само овие две се пред останатите, може да биде и дестабилизирачки.
Јас се надевам дека ако Црна Гора се приклучи, тоа ќе има позитивно влијание, но ова функционира само ако Црна Гора како членка работи како адвокат за другите и ова може да се случи, таа има и свој интерес, ако ги видите соседите на Црна Гора, таа има само 20 километри граница со земја членка – Хрватска, сите други соседи се со земји од Западен Балкан, па има силен интерес и тие да се зачленат и тоа може да ја направи Црна Гора најголем лобист за проширувањето.
-Северна Македонија е заглавена со условот за уставните измени. Што мислите за ставот на македонската влада, но и на мнозинството македонски граѓани дека потребна е интервенција во таканаречениот француски предлог и своевидни гаранции за да се испорача овој услов? Дали е тоа изводливо?
Суштински е важно да се направи тоа. Многу е разбирливо Северна Македонија да има такви барања. Таканаречениот француски компромис од 2022 не ги адресираше суштинските прашања да обезбеди извесност за Северна Македонија да продолжи понатаму дури и ако ги направи уставните измени. Мислам дека ова е сериозен проблем. Проблем е што прашањето е многу комплицирано. Тешко е да му се објасни на некој од надвор, на некој германски министер за надворешни, на некој француски пратеник што е во прашање. Нема да разберат и немаат ни време да разберат. Тешко е да им се објасни што се бара. Тие честопати ќе речат – ама нели е тоа решено, сега Северна Македонија мора да го направи тоа што мора да го направи и после е готово. Да им се објасни дека е многу покомплицирано од тоа е прилично тешко.
Не мислам дека не треба да има обиди да се објасни, особено во контекст на геополитика може да се каже дека Северна Македонија може да стигне, во многу области е и суштински подготвена исто како и Албанија и Црна Гора, па ако ова прашање го одглавиме, може да има три земји кои би се приклучиле, не две кои би се приклучиле во следниот круг. Мислам дека вреди да се убедуваат, но тоа е борба низ брдо, нема збор за тоа, особено оти ЕУ и нејзините функционери се зафатени со Украина, Газа, САД, Трамп… тешко е да им се привлече вниманието за проблем што е комплициран, а не креира сериозни проблеми, освен за граѓаните на Северна Македонија, а тешко да го разберат. Но, би рекол, ако имате прав број на актери во ЕУ и земјите членки кои разбираат што е во прашање, дека тука е и репутацијата на ЕУ со стопирање на билатерализацијата на проширувањето, може да се направи разлика. Битката е вредна за водење, иако не е лесна.
