Марилена Копа, која е и поранешна европратеничка е исклучителна интелектуалка, ценета професорка по компаративна политика и деканка на Факултетот за меѓународни студии, комуникација и култура на Универзитетот Пантеон во Атина. Со неа зборувавме за грчката политика, односите на и во двете земји седум години после Преспанскиот договор, но и за зовриените состојби на европската и на светската политичка сцена.
Во ова интервју Копа објаснува зошто тоа што за нас како Македонци и за целиот демократски свет е основно човеково право – правото на самоопределување беше успех да биде прифатено во грчкото општество и како полека, но сигурно тие позитивни процеси кон нашиот идентитет се развиваат таму, во голема мера, благодарение токму на Преспанскиот договор, за кој таа вели – е единствениот позитивен развој на Балканот во последните години.
На прашањето како таа, како Гркинка, гледа на бугарската позиција кон македонскиот идентитет, Копа е категорична – бугарската позиција е погрешна!
Вината за застојот на македонските европски интеграции, според Копа, сепак е главно во ЕУ и нејзините неисполнети ветувања, кои се резултат на политиката на двојни стандарди и кршење на вредностите, што ги гледаме во многу примери, не само во проширувањето.
–Професорке Копа, драга Марилена, што се случува на грчката политичка сцена? Се чини дека и покрај големиот скандал со злоупотреба на европските фондови, Нова демократија е сè уште неприкосновена на врвот кога станува збор за поддршката од граѓаните, иако има гласини за некои нови партии, па дури и за враќање на поранешниот лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас во политиката. Што мислите дека ќе се случи во вашата земја во догледна иднина, без разлика колку е тешко да се предвиди од оваа перспектива?
Грчкиот политички пејзаж во моментов е обележан со чувство на застој. Премиерот Киријакос Мицотакис, кој е на втор мандат, се соочува со пад на јавната поддршка, со рејтинг помеѓу 21–25%. Опозицијата, сепак, останува слаба: ПАСОК има 14% без нагорен импулс, СИРИЗА некаде 5–6%, додека Зои Константопулу, поранешна претседателка на Парламентот под СИРИЗА, има рејтинг од околу 9%. Десно од Нова демократија, партијата „Хеленско решение“ достигна 11–12%. Резултатот е политичка сцена карактеризирана со отсуство на веродостојна опозиција, дури и додека владата се бори со последователни скандали. За многумина, Алексис Ципрас би можел да се појави како алтернатива, но тој не ги објавува своите намери, што додава дополнителна неизвесност. Сите знаци, се плашам, укажуваат на една сериозна политичка нефункционалност.
–Вие бевте гласни во вашата поддршка на Преспанскиот договор во времето на неговото потпишување, кога тоа не беше лесно да се биде во Грција. Како го гледате Договорот денес? Дали сè уште мислите дека е добар компромис?
Преспанскиот договор претставуваше единствен позитивен развој за Балканот во последните години. Тоа беше вистински конструктивен договор од кој ниедна страна не излезе поразена. Тој покажа дека мирното решавање на споровите е секогаш можно, под услов да постои политичка волја, а уште повеќе и на начин корисен за обете страни. За жал, од 2019 година Владата на Мицотакис само го „толерира“ Договорот. Протоколите за имплементација не се доставени до Парламентот, а потребните заеднички комитети не се свикани. Најважно од сè, позитивната агенда – суштината на договорот – никогаш е доволно следена, што помага на противниците на Договорот и кај вас.
–Владата на Нова демократија рече дека иако не се согласува со Договорот, ќе го почитува. Ова е де факто ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, иако ниту една од владејачките партии нема намера да го поништи Договорот, чувството е дека тие не инвестираат многу во користењето на можностите што ги создава…
Да, и тоа е навистина жално, оти граѓаните не се во можност да имаат корист од позитивната агенда предвидена во договорот
–Да, договорот имаше и сè уште има противници од двете страни на границата. Вие велите – немаше победници и поразени, но и тука и таму беше создаден наратив дека само една земја е „поразена“ без да се разбере дека отстапките се направени од двете страни. Кој дел од Договорот е најпроблематичен според грчките противници?
Да, точно е дека некои сè уште го критикуваат договорот, иако никој не се осмелува директно да го нападне. Кај нас тоа се националисти кои се залагаат за максималистички пристап кон надворешната политика. Тие не успеваат да сфатат дека преговорите не значат обезбедување на секое барање, туку правење на потребните компромиси, почитувајќи ги црвените линии на двете страни. Јас ги потсетувам дека македонскиот јазик е признат од ОН во 1975 година и дополнително – прашањата за етничка припадност не можат да се наметнат на други, туку спаѓаат во рамките на самоопределувањето.

-Дали ова значи дека и противниците на Договорот ќе признаат оти во Грција полека, но сигурно се отвора процес на прифаќање на правото на самоопределување на македонскиот народ? Неодамна прочитав интервју за Дојче Веле, на извонредната македонска писателка Кица Колбе со грчката професорка по славистика Александра Јоаниду, каде Јоаниду зборува за овој процес, со коментар дека во грчката академија се развива свест за прифаќање на македонскиот јазик и идентитет, а благодарение на Преспанскиот договор, се отворија процеси на соработка на универзитетите во двете земји, па сега се одржуваат конференции каде што грчките прогресивни умови можат да дадат сè поотворена поддршка. Како гледате на овие процеси?
Перспективата не е без надеж и со текот на времето, многу пречки можат да се надминат. Денес, надвор од одредени крајно десничарски кругови, има малку реакции во врска со македонскиот јазик или идентитет. Академската соработка, особено на универзитетско ниво, може да игра голема улога во поттикнувањето на пријателските односи, меѓусебното разбирање и надминувањето на перцепциите што со години ги труеjа односите меѓу двата народа.
–Кај нас, на ова би рекле – да, но, дали е навистина успех ако некој го прифати вашето основно човеково право, правото на самоопределување!? Можете ли да ни објасните зошто прифаќањето на македонскиот јазик и идентитет е голема работа за Грција, не само како држава, туку и како општество?
Но, ова навистина беше успех, дури и ако правото на самоидентификација треба да биде само по себе очигледно. Години се тука на соперништво, перцепции кај нас за закана (колку и да ви изгледа чудно), политичко маневрирање и експлоатација. Тие изградија ѕид меѓу двата народа. Потребна беше храброст од страна на двете политички раководства за да се сруши тој ѕид и да се создадат услови за решавање на нивните разлики.
–За разлика од ситуацијата во Грција, факт е дека со друг наш сосед, Бугарија, односите дополнително се влошија по таканаречениот „компромис“ со таканаречениот Француски предлог. Како вие, како Гркинка, гледате на бугарската позиција кон македонскиот идентитет?
Бугарската позиција е, едноставно кажано – погрешна! Успехот на Преспанскиот договор лежи во фактот што раководствата на двете земји го прифатија спорот полн со прашања за идентитетот и го трансформираа во спор што се однесува на реални преговори. За жал, Бугарија не изгледа дека ги научила истите лекции. Таа останува непопустлива, користејќи го овој став за да ги канализира внатрешните тензии акумулирани во последните години. Ова е неправедно кон Северна Македонија, неправедно кон поширокиот регион и, на крајот, неправедно кон самата Бугарија.
-Ако ја оставиме настрана политиката на Бугарија, во приказната за македонските европски интеграции, голем дел од вината лежи и кај самата ЕУ, која не ги одржа своите ветувања. Како гледате на политиката на проширување во моментов?
Европската Унија си има значителна одговорност. Ветувањата останаа неисполнети, одложувањата се акумулираа, а правилата на играта постојано се менуваа, принудувајќи ги земјите-кандидатки да трчаат по променливи репери. Северна Македонија си ги исполни своите обврски и сè уште останува во чекалната. Ова го поткопува и кредибилитетот на политиката за проширување на ЕУ, но и кредибилитетот на самата Унија.
-Но, политиката на проширување не е единственото поле каде што ЕУ отстапува од своите вредности. Можеме да чуеме грда тишина за она што се случува во Србија, тука е и Газа, како и ситуацијата со Украина. Зошто Европа греши? Зошто е дури и опасно кога ЕУ ги става своите вредности како предмет на компромис?
Ова е најважно и најтешко прашање. За жал, ЕУ – Унија која тврди дека е заснована на принципи и вредности – во последниве години применува двојни стандарди, не успевајќи да го искористи моментот. Таа ја поддржува Украина против руската агресија, и со право. Сепак, таа останува речиси тивка пред лицето на геноцидот во Газа, дискутирајќи само дали да ограничи одредени аспекти од нејзиниот трговски договор со Израел. Ова е длабоко срамно, а кредибилитетот и моралниот авторитет на Унијата се намалуваат. Уште неколку зборови за Србија: масовната граѓанска мобилизација што ја гледаме таму со месеци, барајќи демократија, имплицира почит. Сепак, уште еднаш ЕУ останува во голема мера тивка, само со неколку изјави тука и таму од страна на комесарката за проширување, Марта Кос. Демократското назадување и препуштањето на авторитаризмот ќе носат висока цена!
-Она што го кажуваме за Европа важи и за САД, уште една сила што за нас на Балканот беше особено важна како столб на слободата и човековите права. Како ја гледате иднината на демократијата во еден ваков свет?
Соединетите Американски Држави, од своја страна, се чини дека засега го заборавија Балканот, а ова е несомнено негативно. Претседателот Трамп ги расклопува институционалните контроли и рамнотежа во САД на начини што го отвораат патот кон авторитаризмот. Глетката на војници на улиците евоцира слики од делови од светот што би сакале да ги заборавиме. Што нè очекува? Мрачна иднина. Што е нашата единствена опција? Отпор!