Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп прилично остро коментираше денеска дека во земјава не постои вистинска политичка волја за промени во општеството што се во согласност со вредностите и принципите на ЕУ.
„Сепак, сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? После сите овие години има стратегија за сѐ, има по два акциски планови за сѐ, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, сѐ е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Истанбулската конвенција. Политичарите и понатаму се безгласни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. И која е пораката за нас? Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности, рече амбасадорот Коп на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“, пренесува МИА.
Коп истакна и дека ситуацијата во правосудниот сектор ја оставила неговата земја без друга опција освен да ја оцени повторно својата поддршка за земјава.
„Сепак, самиот регион и покрај ова нема некоја друга алтернатива освен да се движи напред кон ЕУ. Друга алтернатива е за 20-ина години да се создаде една група на сиромашни земји со празни села, со празни места каде што ќе останат само стари луѓе додека останатите ќе бидат емигрирани. Знаците се тука. Ова не е бајка. Денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен, но неговото релативно мало влијание врз регионот не може повторно да се искористи како изговор да не се оди напред. Одењето напред може само да се постигне само ако има владеење на правото, демократија и почитување на човековите права“, рече тој.
„Владеењето на правото е камен темелник на секоја демократија“
Како што нагласи амбасадорот, во Холандија голем акцент се става врз владеењето на правото, бидејќи, како што рече, тоа е основата и камен темелник за сите демократии и тука станува збор за разбирање на правата на граѓаните, за балансот меѓу нивните непремостливи права кон слободите и обврските и имањето на јасни правила со коишто се ограничуваат овластувањата на власта и се третираат сите луѓе на еднаков начин. За сето тоа, како што потенцира, потребно е да постојат стабилни институции, бидејќи институциите се скелетот и основата на државата, а не поединечни корумпирани шефови и диктатори.
Да потсетиме, во интервјуто за Агенда 35 деновиве, и австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, беше дециден во врска со владеењето на правото во Македонија.
Во време кога кај нас актуелна е темата за позадината на контроверзните измени на Кривичниот законик, кои се поврзуваат со обид да се амнестираат злодела од поранешната власт во замена за поддршка од опозициски пратеници за уставните измени, шефот на австриската дипломатија, запрашан дали треба да ги жртвуваме правото и правната држава во името на европските интеграции, рече:
„Ова е трик прашање – едното оди со другото. Во однос на измените на Кривичниот закон да, ние сме загрижени. И ние мора да продолжиме со владеењето на правото. А санкциите, особено за прашања како што е корупцијата, мора да бидат убедливи и да бидат пропорционални“, рече Шаленберг.
