fremdschämen(германски): ме изеде туѓиот срам!
Откако успешно го совладавте зборот „скелерофобија“ и научивте дека тоа од што се плашите се апаши, а не Албанци, како што ДУИ се обидува да ве увери за да не одговара за каква било индиција за криминал, време е за еден нов збор во вашиот речник – фремдшeмен.
Овој фантастичен збор доаѓа од германскиот јазик (fremdschämen) и значи да ти е срам што некој друг се однесува на срамен начин, или што би рекле ние – „ме изеде туѓиот срам“, фраза што нам ни е многу позната, ама штедливите Германци успеале да ја срочат во само еден збор.
Епа, токму фремдшемен нè снајде последниве десетина дена дами и господа, кога беше ем тажно, ем трагично, ем театрално, ем комично да се гледаат прпелкањата на Владата во сопствената кал, настаната со скандалот кој пукна во М-НАВ.
Дека партиските машинерии се намерачени да ја наполнат оваа институција со свои и најважно – нестручни кадри, беше јасно уште лани, кога Синдикатот на контролори успеа да го спречи поништувањето на конкурсот за нови вработувања, што го правеше реномиран институт од Данска. На раководството не им се допадна кои деца беа први на тестирањето и проба да го поништи целиот Конкурс, на шок на професионалците таму, шок на победниците на конкурсот, шок на Данците и шок на целата јавност, ама Синдикатот најави штрајк и целосно затворање на небото, по што директорите видоа – не видоа се помирија со судбината – ги вработија најдобрите од конкурсот. Каква катастрофа! Мораа да вработат најстручни. Фремдшемен, да си пукнеш!
И кога се мислеше дека раководството си ја научи лекцијата и дека не им одговараат битки со организиран и професионален Синдикат – нова вест не шокираше в очи Нова Година – пропадна селекцијата на кандидатите за инженери во Контролата на летање, оти кандидатите избегаа од контролните тестови. Овие кандидати, кои беа избрани преку ноќ, преку сомнителни огласи кои траеја само два дена, за што реагираше и Синдикатот, кога ги виделе прашањата на тестирањето рекле: „Ние ова не го знаеме“ и заеднички си заминале како средношколци кога бегаат од час по латински. Избегале! Фремдшемен!
Се разбира дека стручниот колегиум веднаш реагирал и барал овие кандидати никако да не бидат вработени, ама огласите не само што не беа поништени, туку се дозна дека кандидатите кои избегаа од интервју се веќе примени на работа. Фремдшемен!
Ова резултираше со оставки од низа инженери и инструктори, сосе (за прв пат и) еден од директорите Љубе Стаменковски, кој застана зад инженерите, спроти генералниот директор и побара вработувањата да се поништат. Синдикатот се разбира целосно ја поддржа битката за професионализација, која со ова веќе се прошири низ другите сектори. Но, директорите отидоа чекор понатаму – го пријавија претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, кој воедно е и граѓански активист, за наводни закани и полицијата експресно го покани на информативен разговор. Повикувањето на синдикален лидер и активист во полиција предизвика лавина реакции на поддршка за него, од самиот Синдикат, од останатите колеги, но и од јавноста и резултираше со нови триесетина оставки на врвни професионалци. Фремдшемен!
Но, тоа само дополнително ги зовре страстите и доведе до невиден и нечуен, единствен во светот, врвен безбедносен скандал – во контролната кула насилно упаднаа бандити од ДУИ, помогнати од поранешниот министер и актуелен висок партиски функционер Беким Незири и физички нападнаа контролор Албанец, оти наместо на партијата, дал поддршка на Синдикатот, потег што се преведува многу просто со праќање на една јасна порака – каков Албанец си ти, ако не си за ДУИ!? Ова се случуваше додека контролорите беа на своите работни места, зафатени со 28 прелети колку што имало во моментот на македонското небо. Замислете! Бандити влегуваат во контролна кула, партиски избрано обезбедување ги пушта, поранешен министер со својата картичка им отвора врата и тие напаѓаат контролори (едниот и физички) кои во моментот се одговорни за 28 лета. Фремдшемен! И тоа каков!
Среќата е познато дека ги следи храбрите и глупавите, па дали бевме среќлии, дали другото, што воопшто сме дозволиле вакви банди да имаат политички израз, не знаеме, битно овој страшен инцидент помина без жртви.
Единствено што умре беше и онака кревкото достоинство на власта, што чекаше да зоврие народниот бес (ама и да се јават пријателите од НАТО, кои среде геополитички „огномети“ уште треба да се секираат за насилничките журки со боксови во јужното им крило), па да прати штуро соопштение дека ќе биде разрешено целото раководство на М-НАВ, ќе има целосна ревизија за работењето на таа институција и ќе се отвори итна постапка за транспарентен, јавен и законски процес за избор на нови директори. Од НАТО главните би рекле – too little, too late. Фремдшемен!
Ама, владините мерки не можат да стапат на сила веднаш, особено кога се полувладини, па се остави простор да поминат пет дена до разрешувањето на директорите, време во кое тие (директорите), сосе матичната партија, наместо да се соочат со одговорност за невидениот скандал (и скандалите кои му претходеа) јавно спинуваа и манипулираа, обвинувајќи дури и за албанофобија и национализам. Каква беда! Просто фремдшемен!
Во меѓувреме, и органите на прогонот се погрижија да јадеме туѓ срам. Еден од бандитите, Исмет Гури, кој исто имаше политичка функција, поранешен директор е на УЈП, а кој внимавајте веќе беше во домашен притвор за друго дело – избега. Да, да… едноставно го имаше снемано од дома. Нашата полиција отишла, културно му тропнала, ама тој веќе бил во непознат правец. Но, МВР немаше само дебакли и срамови – тие успеаја и да приведат дел од другите бандити, сосе главниот тепач – Беким Незири. Арно ама, судиите Сандра Крстиќ и Пајазит Пајазити одлучија дека оваа група на докажани криминалци се истовремено и луѓе од чесен збор, им поверуваа дека нема да бидат како другар им Гури и нема да избегаат, па ги пуштија да си одат, без дури и домашен притвор да добијат. Реагираше Обвинителството, па следуваше јавна кавга на ЈО со Кривичниот суд, кој врати на реакцијата – што ќе рече, две институции со вкупно доверба колку статистичка грешка се караа кој е виновен што никој нема да биде притворен за единствениот во светот случај – банда да влезе во строго заштитена зона, на меѓународен аеродром! Фремдшемен!
На Денот Д, кога Владата мораше да си го одржи зборот за да ги разреши сите директори, прво дознавме дека едниот сепак нема да биде разрешен, а второ дека тоа јавен и транспарентен процес, секако не значело и распишување оглас – оти пак партијата што во коалицискиот пазар си го добила тоа директорско место ќе постави нов свој човек. Но, никој не очекуваше дека имајќи го вкупниот јавен фокус врз нив, пак ќе се дрзнат да предложат спорен кандидат. Предложија човек, кој веќе еднаш бил директор Илир Мемеди, со биографија исклучително богата… со скандали и афери за милионски злоупотреби на јавни пари и на позиција. Јавноста се разбира веднаш реагираше, ама тоа што не спаси од нова брука не беа реакциите на јавноста, туку беше верувале или не – дилетантизмот на Владата. Значи дваесет министри, сосе првиот и главен, сосе првиот негов заменик, сосе една друга заменичка со шармантен ресор „за добро владеење“, сите овие дваесет заедно кренале два прста и едногласно за нов директор го предложиле Мемеди (за кој едно обично пребарување на „гугл“ ќе ви ги извади сите злоупотреби), без да знаат дека тој не може да биде директор, оти не поседува лиценца за контролор за летање. А тоа е задолжително. Значи, Владата откако пет дена мислеше кој да биде наследник, предложи незаконски кандидат спротивно на Статутот и дека е незаконски дозна, откако веќе го предложи. Брука. Јавноста дозна, медиумите кренаа паника, па Владата виде – не виде го повлече предлогот и конечно предложи нов директор, кој ги исполнува условите. Каква несериозност, каков аматеризам! Фремдшемен!
Во меѓувреме, премиерот замина на божиќен ручек кај поглаварот на МПЦ и не чувствуваше потреба да им се обрати на граѓаните, на кои баш тој им се падна да им биде премиер; министерот што не се меша во својот ресор, Бочварски продолжи да „не трепка и да не дише“, за да не се сетиме дека воопшто постои; Претседателот се јави во негов експертски стил со очекувана анализа дека партизацијата е рак-рана на општеството; ВМРО – ДПМНЕ со соопштенија и пресови за златни рипки, кои не паметат од кого почна ерозијата на институциите; а од ЕУ порачаа дека бараат итна истрага за насилството и ставање на ред во воздушната навигација, оти (да ги парафразираме) – дали сме бре ние нормални – имаме преземено обврски за европски стандарди во оваа област и тука нема муртовци и куртовци, туку критериуми што мора да се почитуваат!
Фремдшемен, драги граѓани! О, да!
Нè изеде овој срам туѓ за век и векови!
