Кога во јуни 2022 ни се подготви таканаречениот француски предлог од страна на нашата „брилијантна дипломатија“ која својата улога поразително ја разбираше како операција на слепо црево или како пиење вино на српски сплав, сите сериозни и кредибилни македонски експерти кои одлично го познаваат процесот на европски интеграции беа категорично против.
Тие експерти беа лично нападнати и навредени од самиот тогашен поставен премиер, кој среде Брисел се дрзна да им ги спори стручноста, знаењето и образованието, но и мотивите, обвинувајќи ги дека соработуваат со руски служби, дека се антиевропски сили и дека сакаат да фрлат црн прав врз светлината на проевропската влада (истата што носеше измени на Кривичен законик со европско знаме спротивни на европските препораки и се обидуваше да го врати Никола Груевски за да има шанси на избори).
Но, тие експерти не беа сами. Истиот став за тој ужасен пакет што се продаваше како компромис го имаа и водечките европски политички мислители на денешницата – од Гералд Кнаус до Флоријан Бибер, од Роза Балфур до Едвард Џозеф.
Сите водечки светски медиуми – од Гардијан до Дер стандард, од ФАЗ и Ди Велт до Еуроактив, од Форин Полиси до Политико, објавија свои коментари и известуваа за предлогот на апсолутно ист начин – дека е катастрофа и дека е страшно подривање на основните принципи на политиката на проширување.
Македонските харвардски стручњаци сигурно од високо и со потсмев гледаа на очајните обиди на овие умови да допрат до некое преостанато разумно тикво низ нашите власти, предупредувајќи ги дека прифаќаат невиден преседан на воведување на билатерални (овде читај – одлепени од реалноста и честопати налудничави) прашања во процесот на проширување што просто мора да се заснова на реални критериуми.
Залудно се врескаше дека се отвора Пандорината кутија и дека допрва ќе гледаме слични циркуси со Унгарија за Украина (ха – I told you so), а за Балканот и овие држави – да не правиме ни муабет.
Власта тука беше решена да прифати што било само за да може да се продаде на избори како европска (оти ништо друго не можеа да продадат), а опозицијата си го возеше својот антички наратив веејќи вергини на протести и плашејќи го народот дека ќе го изгуби индентитетот, по којзнае кој пат.
И двете позиции – крајно проблематични и апсолутно неточни.
За тоа колку таа власт не можеше да биде европска ни под разно, сто пати сме напишале и затоа меѓу другото, таа политичка опција денес е на раб на исчезнување.
Но, и оваа другата позиција – дека ќе го изгубиме идентитетот, исто е апсолутно спорна и е опасна, меѓу другото оти таа е основа за манипулација и спин од страна на самата ЕУ, која лесно може да разбие такви митови, особено кога тие ѝ даваат можност да биде поштедена од тешките прашања за тоа како Унијата се изгуби во сопствените политики газејќи ги сопствените вредности.
Денешната изјава на еврокомесарката Марта Кос на Самитот на лидери кај нас, веројатно ќе се изучува по дипломатски и новинарски школи за врвна несмасност и дипломатско неснаоѓање. Таа среде Скопје почна убаво, со пораки за тоа дека членството во ЕУ е најсигурна гаранција за идентитетот, оти Унијата се базира на почитување на различности, како и дека идентитет е како се чувствуваме и како си ја чувствуваме татковината и како се грижиме за јазикот, кој никој не може да ни го одземе.
Но, таа потоа продолжи ( еве да речеме со најдобри намери) во прилично проблематична насока:
„Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче – гравче, пинџурот и полнетите пиперки“.
Со право оваа изјава беше дочекана на нож од македонските граѓани. Во неа и има банализирање на маката и има однос како кон мали деца кои треба да се убедат да јадат брокула и има строг фокус кон една група опоненти на „француските манџи“ кои навистина шират хистерија дека нас некој ќе нѐ продаде и ќе нѐ снема.
Но, никаде, внимавајте сега – тука никаде нема адресирање на вистинските критики – дека ЕУ не смееше да дозволи ситуација во која политиката на проширување ќе ја доведе на тоа дереџе да мора комесарка да ни рецитира поезија за идентитет!
Затоа, не е проблем толку што во конкретниот политички момент, знаејќи го конкретниот политички проблем, кој не се однесува на негација на македонската гастрономија, ниту на македонската традиција, ниту на македонските манастири имаме една благо кажано – несмасна изјава.
(Патем, Кос, треба да знае дека во Северна Македонија има и исклучителни џамии, кои се исто дел од идентитетот, а кои вешт дипломат секако би ги споменал во мултиконфесионална земја).
Македонскиот идентитет во моментот е оспорен и нападнат. Тоа е факт.
Еднакво е факт дека тој може да биде оспорен колку сака и пак ќе опстои!
Но, што е тогаш навистина проблемот?
Овде нападнат е оној негов дел кој малку има врска со гравчето, а уште помалку со тавчето. Нападнат е македонскиот јазик и суштината на постоењето и формирањето на македонската нација, преку минатовековен наратив, за кој залудно колеги на Кос ни тврдеа дека можеме и да го голтнеме и изџвакаме – едноставно е отровен!
Оти, нам не ни треба ЕУ да ни кажува дека во ЕУ најдобро се штити јазикот – нам ни треба пат дотаму којшто ќе биде еднакво поплочен како за другите.
Нам не ни треба ЕУ да ни кажува дека никој не може да ни го земе идентитетот – нам ни треба процес којшто ќе се фокусира на борбата со корупција, реформите и слободите. Нам ни треба процес во којшто просто НЕМА да зборуваме бре за идентитет! А ЕУ тоа го направи да е невозможно, водејќи нѐ низ пат што за никој друг не постоел (Едштадлер: „Ова што го направивме со Македонија да не се повтори со ниедна друга земја), каде на секоја кривина имаме токму идентитетски разговори.
Тука е замката!
Тоа е клучниот проблем на францускиот предлог и на тоа предупредија сите кои нешто разбираат.
Никој од нив не кажа дека ќе го изгубиме идентитетот – сите кажаа дека наместо процес на реформирање на земјава, тој предлог европските интеграции ги претвори во агонија, каде патот кон ЕУ значи постојана борба со ветерници, со безобразни амандмани и со трошење на енергија на невидени глупости.
Ќе речете – па добро тогаш, можеме да прифатиме сѐ и да се реформираме!
Навистина? Можете.
Ама тогаш ќе се реформирате по бугарски, а не по европски тек.
Оти, токму тоа го нуди „брилијантниот пакет“. И тоа е напишано црно на бело. На чист македонски!
И затоа сега Марта Кос си дозволува среде Скопје да ни зборува за полнети пиперки.
Затоа на нашиот пат кон ЕУ ќе видите сѐ – и ѓезвиња и тенџериња и лонци и шерпи и погачи и сол и тавчиња и гравчиња. Ќе видите лелеци за изгубен идентитет, ќе видите и отворени напади, ќе видите двојни стандарди, ќе видите и беспаќе…
Само нема да видите реформи – оти прво – таков пат за нас Брисел никогаш не отвори, второ – дома ова е совршено алиби за да се тера „како и до сега“ и трето – сите кои ќе кажат каде навистина лежи зајакот одамна не јадат партиски манџи.
А како такви во оваа црно – бела катастрофа и дома и надвор – тие може само да си продолжат да јадат гурабии.





