Планот за раст на Западен Балкан што го предложи Европската комисија е важен, но има и слабости

Планот за раст на Западен Балкан предложен од Европската комисија покрај придобивките што ги носи за регионот, има и сериозни недостатоци, забележуваат Никола Димитров, Флоријан Бибер и Мајкл Емерсон во заедничката колумна за порталот European Western Balkans.

„Планот не е поврзан со напредокот што се бара во формалниот процес на пристапување, базиран на отворање и затворање на 35-те поглавја групирани во кластери. Како што досега беше претставен, изгледа како засебна трака, паралелна со онаа на формалната методологија за проширување.“, истакнуваат тројцата автори во колумната, коишто истовремено предлагаат и решенија за надминување на слабостите на Планот за раст.

Во својот „Пакет за проширување“ од ноември 2023 година Европската комисија објави значајна нова иницијатива  „План за раст“ со цел да ја зајакне подготвеноста на Западен Балкан за пристапување во ЕУ. Се предлага финансиска поддршка вредна до 6 милијарди евра за периодот 2024 до 2027 година, но доколку се исполнат условите што ќе бидат наведени во Реформските агенди.

Позитивни аспекти

Идејата дека предностите на членството земјите кандидати треба постепено да ги чувствуваат паралелно со зголемената подготвеност за членство, наместо сите бенефиции да се чуваат до денот на пристапувањето, има смисла. Напорот за усогласување со сите закони и политики на ЕУ е исклучително тежок и потребното време за да се направи тоа трае многу години.

Понатаму, полноправното членство во ЕУ станува сè потешко остварливо, условено со паралелни и политички тешки внатрешни реформи на ЕУ со неизвесен исход. Ова ги оптоварува политичките капацитети за одржување на процесот.

Па така, „Планот за раст“ има за цел постепено да овозможува корисни финансиски предности во чекор со договорените пакети мерки зголемувајќи ја  усогласеноста со нормите и прописите на ЕУ. Тој е наменет возобновување на опипливите стимулации кои би се зголемувале како што напредуваат реформите. Планот, исто така, претставува извесно поместување  на Комисијата во насока на креирање независни предлози за реформа на методологијата за проширување, особено под заглавието Фазно пристапување. Понатаму, тој дава и некаков придонес кон затворање на јазот во средствата што им се достапни на земјите-членки, како што е Хрватска наспроти оние  на земјите-кандидати. Иако намерата Планот да придонесе за поголема економска конвергенција може да биде премногу амбициозна, тој би можел барем да помогне да се избегне зголемувањето на јазот меѓу шесте земји од Западен Балкан и нивните соседи во ЕУ.

Слабости

Иницијативата наиде на различни реакции во регионот. Додека лидерите на регионот ја поздравија иницијативата на неформалниот собир кон крајот на јануари во Скопје, доста набљудувачи ја оценија иницијативата како „стари средства во ново пакување“  или „нудење лесни пари со само лабави услови за пристапување“. Планот за раст предвидува значителни дополнителни средства за регионот. Сепак, како што забележува неодамна  Европскиот суд на  ревизори, постои ризик условите на планот да не се доволно амбициозни и да не можат соодветно да се измерат.

Покрај слабоста констатирана од Судот на ревизори, предлогот каков што е,  има уште еден сериозен недостаток. Планот за раст не е поврзан со напредокот што се бара во  формалниот процес на пристапување, базиран на отворање и затворање на 35-те поглавја групирани во кластери. Како што досега беше претставен, изгледа како засебна трака, паралелна со онаа на формалната методологија за проширување.

Комисијата секако може да каже дека успесите во спроведувањето на Реформските агенди на Планот за раст можат совршено да се вклопат со чекорите потребни за затворање на различни поглавја. Но, процесите сè уште се само паралелни. Исполнувањето на условите од Планот за раст, дури и кога е формално договорено од страна на Комисијата за активирање на финансиските плаќања, според сегашниот предлог на Комисијата нема директно влијание врз пристапните преговори за поглавјата и кластерите со земјите-членки во меѓувладините конференции.

Поправање на недостатоците

Овие сериозни недостатоци треба и може прилично лесно да се поправат. На пример, деталните услови утврдени во бараните Реформски агенди може да се сумираат како заложби за подигнување на рејтингот на одредени поглавја како што се гледа во извештаите од Пакетот за проширување. Попрецизно, овие обемни извештаи моментално ја сумираат актуелната состојба  на секое поглавје на скала за оценување на нивото на подготвеноста за пристапување од 1 до 5: 1- Рано, 2- Извесно, 3 – Умерено, 4 –  Добро, 5 – Напредно. Па така, одреден реформски пакет би имал за цел сумирано да ги подигне оценките за поглавјата X, Y и Z од „Умерено“ на „Добро“ итн.;  додека во заднината на тоа, за секое одбрано поглавје би постоел попис на планирани дејства, следејќи ги препораките во извештаите на Комисијата.

Ова би создало објективни темели за достигнувањата во рамки на Планот за раст да може да влијаат на формалниот процес на проширување. Додека земјите-членки на ЕУ би ја задржале својата моќ да одлучуваат околу поглавјата и кластерите, успесите во спроведувањето на Планот за раст барем ќе создадат добро структурирана претпоставка во корист на доследни одлуки од страна на Советот,  коишто денес се хронично преоптоварени со политички разгледувања и дискусии.

„Без оваа врска, предлогот би изгледал како замена за процесот на пристапување, а не како поттик за него, со што се намалуваат мотивите за фокусирање кон пристапувањето во ЕУ и се обезвластуваат политичките актери кои се залагаат за пристапување.“

Ова треба да оди рака под рака со уште една долгоочекувана реформа која би го префрлила одлучувањето во Советот за поглавјата и кластерите на квалификувано мнозинство, наместо актуелното парализирачко  барање за едногласност.

Дискреционото користење на индивидуалните права на вето за прашања кои не се поврзани со Копенхашките критериуми, како во озлогласениот случај на третирањето на Северна Македонија од страна на Бугарија, ја компромитира природата на пристапот заснован на мерит систем, уништувајќи ја неговата условеност и кредибилитет. Тоа го оттргнува вниманието од суштината на процесот – реформите – како во земјите кандидати, така и во ЕУ. Транзицијата кон квалификувано мнозинство во интермедијарните  фази е правно едноставна работа за која треба да одлучува Советот, без потреба од законодавство, измени на договори или ратификација.

Флоријан Бибер е професор по историја и политика на Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, Австрија и координатор за Балканот во Европската група за советодавни политики (BIEPAG); Никола Димитров е претседател на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи на Северна Македонија; Мајкл Емерсон е сениор истражувач при Центарот за европски политички студии (CEPS), Брисел.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here