„Најмудри беа обичните и сиромашни луѓе. Тие ја знаеја војната само како несреќа. За богатите таа беше средство“ – Ерих Марија Ремарк, „На Западот ништо ново“
Ремарк го напиша ова пред речиси еден век. Денес, во светот во којшто живееме, ова звучи како актуелен коментар. Кога оваа книга ја читав пред повеќе од 20 години за мене беше сведоштво за минатото и не можев ни да замислам дека некогаш ќе дочекам да ја доживеам како закана и предупредување за иднината.
Фактот што денес војната се заговара со застрашувачка леснотија и тоа од луѓе кои се разбира дека нема лично да ја живеат е веројатно најголемиот пораз за човештвото. Но, со ред…
Да се констатира распадот
Додека светот се занимава со сапуницата во фамилијата Бекамови и тензиите помеѓу синот, снаата, мајката и свекрвата, ние кои ги следиме геополитичките случувања, во позадина живееме драматични месеци во кои секое утро стануваме со страв од вестите што ќе нѐдочекаат, кои се во распон од движења против сите медицински знаења и постигнувања на науката, па сѐ до отворени најави за нарушување на територијален интегритет и суверенитет не само на држави кои се водени од докажани диктатори, туку и на најсилни докажани сојузници.
Дали ви се верува? Ако не, поарно е да почне да ви се верува…
Не многумина, туку речиси сите аналитичари и надворешно политички експерти (и дома и надвор) прогнозираа дека со новиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп ништо значајно нема да се промени во глобалната политика и во светскиот поредок:
„Знаете, тоа се САД, таму не игра голема улога кој е претседател, нивните политики не се менуваат така лесно, можеби ќе има некакви промени дома, можеби ќе има друга реторика, но суштината на односот со светот и сојузниците ќе биде ист… итн., итн…“
Сите овие анализи паднаа во вода побрзо од што можеше да се замисли и тоа требаше да биде јасно некаде после првата слика на Илон Маск со онаа трагикомична пила. Денес, само крајно неинформираните или наивните не се начисто дека не само што столбовите на светот што го знаеме се тресат, туку и дека апсолутно веќе – ниту нешто е исто, ниту нешто е сигурно.
Распадот на долгогодишното транс – атлантско сојузништво, што Европа, а особено Балканот го земаше здраво за готово, ги фати неподготвени сите фанови за Западниот свет во чии замисли ЕУ и САД секогаш беа на истата страна на вредносниот систем. Тоа е завршена приказна. И време е тоа да се каже отворено и гласно. Нема таксативно да ги редам сите настани коишто доведоа дотука, но апсолутен и неспорен факт е дека постојниот систем, со познатите правила на игра, со меѓународното право што го знаеме, па дури и со меѓународните организации врз кои се потпиравме – умре. Не велам умира, туку умре.

Во своето обраќање во Давос минатата недела, канадскиот премиер Марк Карни ја сподели токму оваа констатација и доби овации првенствено за искреноста. Критичарите ќе кажат дека Карни „не ја открил Америка“ (ха!) и дека и досега, во рамки на овој систем што го знаеме, меѓународното право беше практикувано селективно, се разбира главно врз грбот на малите држави (Македонија е самата пример за тоа). Тоа е точно. Еднакво како што е точно и дека тој систем не беше совршен. Но, како што ќе напише колумнистот на Њујорк Тајмс, Дејвид Френч – токму тој систем, каков таков, успеа да превенира нова светска војна и глобална катастрофа малтене цел еден век. Френч пишува дека факт е оти во многу делови од светов низ деценииве се водеа војни постојано. Но, ниту еден од тие конфликти, колку и да се ужасни сами по себе, немаа и немаат капацитет да креираат таква светска дестабилизација и да значат сериозна можност за светска војна. И тука Френч е во право. Светот живееше децении на глобален напредок во секој поглед. Но, луѓето се чудна сорта – мирот изгледа им здодеа.
Причината не може да ја обвинува последицата
Да се впери прстот и да им се припише одговорноста за овој распад на поредокот на Доналд Трамп и на неговите следбеници е прилично неодговорно и неточно. Трамп е многу повеќе последица, резултат отколку што е причина. И ова упорно не можат и не можат да го разберат прогресивните и либерални сили. Појавата и растот на неговото и на сличните движења се научно детерминирани. Оние кои застапуваат демократски вредности, оние кои се борат за човекови права и слободи, оние кои се „крстат“ во владеење на правото и битка за вистинските луѓе на вистински места – тие немаат луксуз да бидат фатени во лага. Не знам како ова не се умее да се сфати!
Тие мора да се искрени, доследни и чесни. Тие мора да го живеат тоа што го проповедаат. Фактот што левите и прогресивни сили се наполнија со луѓе кои по ништо суштински и вредносно не се разликуваат од нивните противници создаде совршена почва за две работи – граѓанска апатија и пораст на национализмот и на десницата, затоа што граѓаните се водени од проста и нашироко докажана парадигма – кога сите ме крадат и ме лажат, тогаш или нема за кого да гласам па следствено на тоа не гласам или барем нека ме крадат оние кои ќе ме чуваат мене и земјата од непријатели! Дали е целосно исправно? Не баш. Дали е човечки? Апсолутно.
Тука левицата се изгуби и памет не им иде и тоа го гледаме богами и кај нас. Не било фер тие да бидат ценети по повисоки критериуми? Ма немој! Се разбира дека по повисоки ќе ве цениме кога за такви се продавате! Нема тука ништо нефер. Има само ваша неспособност да го држите нивото што го ветувате. И треба да сте луди за да мислите дека таа неспособност ќе помине неказнета.
И токму ова е она што го гледаме во светот денес. Да, олку е просто. И да, тоа се тие циклуси, за коишто и Френч пишува и кои докажуваат дека од историјата ништо баш и не учиме. Кога борците за демократија и слобода ќе се покажат како позери – настапуваат вистинските лоши дечки. Во битката помеѓу позерите кои се „ни ваму – ни таму“ и овие изворните злочинци, не е тешко да се претпостави кој ќе победи. И затоа после периодите на стабилност, мир и благосостојба кои траат повеќе од неколку генерации, се доволни за да се заборават ужасите на војната. Новите генерации, растени помеѓу позерај и затскриен фашизам имаат тенденција да ги ублажуваат тие ужаси, па дури и да ги гледаат со симпатии, целосно несвесни дека тие ужаси кога ќе станат реални нема да се рилсови и не ќе можат да се рипнат со скролање.
Стратегија – правење мртви
Врвниот шахист и огромен борец за демократска Русија, Гари Каспаров на оваа линија ги позиционираше сите свои фигури на таблата шах уште во времето каде против него не беа Путин и руската држава, туку Барак Обама и Хилари Клинтон. Уште во 2015 во својата книга „Зимата доаѓа“ (книга што од денешна перспектива треба да е библија), тој многу отворено и силно го напаѓаше таканаречениот Слободен западен свет за лицемерие и умилкување кон рускиот режим, како и за соработка со него тогаш кога нив им одговара. Каспаров ги нападна сите – од Ангела Меркел па сѐ до американската администрација, дека хранат крокодил и дека не се свесни оти со таквото однесување Путин нема да се одоброволи и демократизира (боже сачувај), туку само ќе зема сила и нападот на Украина (прво) ќе биде една неминовност. Неминовноста се случи, Каспаров тешко дека има задоволство во констатацијата дека им кажал, а самиот Западен свет се распадна.

Во тој распад, многумина ќе речат дека главниот губитник е Европа. Европските лидери се целосно изгубени, а водството на самата ЕУ е комично. Приказните за обединета Европа, силна и фокусирана на својата безбедност, проширена и целосна во рамките на сите свои географски граници – се сепак само приказни. Ќе речете „засега“, ама токму тоа „засега“ е клучниот проблем, оти во вакви времиња, да е ЕУ навистина сериозна и свесна овие нешта ќе ги решава итно, без „самити за самит“, „датуми за датум“ и без филозофии. Ама не можеле, оти така функционирале? Како па да не! Не еднаш сме виделе дека исклучоци, кафиња надвор и планови Б се и повеќе од изводливи. Но, Унијата (којашто во меѓувреме ја изгуби Велика Британија) тешко може да има усогласен став за тоа дали сега сме јануари, а камоли да се усогласи во својата безбедносна политика. Понижувањата за „неспособноста на ЕУ“ не доаѓаат само од преку океанот или од членките кои се излезени од шините, туку и од самото НАТО и неговиот прв човек Марк Руте, кој (ако светот во меѓувреме не се распадне) ќе остане запаметен во историјата по својата фрапантна сервилност кон „татичко“.
Притоа, да се биде Македонец во вакви едни околности е исклучително тешко. Македонската евроинтегративна сага можеби е човечки да произведе доза на едно одмаздничко задоволство со кое се гледа денешната европска паника. Но, тоа не е добро и уште помалку е разумно. И жалам што гледам дека ние тоа како да не го разбираме. Македонија е дел од континентот и европската судбина ќе биде и наша. Сите други тези за тоа како ние би биле поштедени ако сме доволно „Руте“ кон пријателите се бајки. Истовремено, додека чекаме пред вратите на ЕУ, ние го немаме луксузот да не бидеме пријатели со Вашингтон. Македонија не е ниту Франција, ниту Германија. Ако сакате – не е ниту Словенија. Одговорноста да се најде таа фина линија, вештината да се преживее помеѓу чеканот и наковалната е тестот за македонската држава денес, која од самата своја независност како стратешки цели ги имаше зацртано и НАТО и ЕУ заедно.
Тука не сме сами. Тука заедно со нас се и некои други балкански држави, што не е голема утеха, ама може да биде инспирација за малку поголемо заедничко мудрување на темава.
А можеби и не треба многу мудрување, можеби доволно е да се водиме по совет што неодамна го прочитав на еден статус на социјалните мрежи, мислам дека беше од Црна Гора – ако има трета светска војна, ве молам сите ние комшии од Балканот да се правиме мртви, немој на некој да му текнало да мрда – од нас крв светот доволно виде.
Ајде, кажете ми навистина, што помудро од ова би можело да се стори?








