„Не се работи за прифаќање на мигранти, се работи за соработка помеѓу полициските сили кои треба да се справат со криминални банди, нема такво нешто како мигрантски кампови, туку соработка за нелегален влез на мигранти во двете држави“.
Во држави каде довербата во институциите е на ниво на статистичка грешка, не е голема срамота да мора деманти за спинови дека идат „обоените“ да ни ја газат светата ни земја, да нѐ убиваат и силуваат, да доаѓаат од амбасадори, како што е и оваа изјава на амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон.
Не е срамота ни тоа што и изјавата не помогна многу – залудно се даде чесен дипломатски збор, целите приказни дека Договорот за стратешко партнерство со ОК вклучува изградба на азилантски кампови, не престанаа. Граѓаните, но и бивши истакнати функционери на претходната власт, убедуваа дека амбасадорот практично лаже и дека сепак, шесте милијарди евра, колку што „тежи“ Договорот, а ќе ги добиеме од Британците, се само завеса за да се скријат мигрантите.
Небаре, мигрантите се Протокол од „Француски предлог“, па ќе го криете, нема да им го давате на пратениците да го видат, а тие пустите го гласаат и на невидено… Нејсе!
Она што е вистинската срамота во случајов е што по којзнае кој пат се покажа дека македонското општество е толку изедено од меѓупартиска омраза што нема капацитет за вистински да прими и соодветно да обработи и една вака важна информација, како таа за потпишувањето на Договорот.
Со ред…
Велика Британија наголемо сака да си го врати влијанието на светската сцена, што и тоа како беше ослабено, некаде и изгубено после катастрофата наречена Брегзит. Со оглед на тоа во каква состојба е светот денес, какви циркузантски политики се водат, а и колку е слабо европското лидерство во континуитет, една соземена, освестена и силна Велика Британија може да биде клучен играч и да диктира многу процеси што допрва ќе се случуваат во светот. Политичкиот ќар од зајакнување и формализирање на зајакнувањето на пријателството со Британците е неспорен. Многумина познавачи, во време кога се случи првото вето за Северна Македонија на европскиот пат (тоа од Франција, во 2019 кога таман да ги почнеме преговорите ЕУ реши да ја менува методологијата) коментираа дека во тие моменти во Брисел и тоа како недостасувала Велика Британија на масата.
Велика Британија, понатаму, е и наш втор најголем трговски партнер, веднаш зад Германија и, и покрај големиот пад на размената што го имавме во 2024, таа останува таму горе (овде да се нотира и дека со нив имаме и најголем дефицит). Оттука, Договорот прво мора да се анализира низ овие две клучни перспективи коишто се вкрстуваат во еден прост факт – станува збор за држава што нам ни е и тоа како важна, и политички и економски.
Сепак, она што најмногу заслужува анализа се најавите за шесте милијарди евра кои се дел од „пакетот“. Голем дел од граѓаните кои наседнаа на спиновите за мигранти имаа легитимно прашање – зошто Велика Британија би ни подарила цели шест милијарди? Мора да има нешто во позадина! Што е тоа нешто? Па, се разбира мигранти! Тука вина си има и одделот за односи со јавност на Владата, кој во желбата да прикаже сензационален успех, при првичното лансирање на бројката „заборави“ да спомене дека се работи за – позајмица! Тоа и тоа како им легна на опозициските кујни за да ја загреваат „мигрантската манџа.“
Да, апсолутно е точно дека не постои такво нешто како бесплатен ручек, но овој островски оброк нам и тоа како ќе нѐ чини – овие пари не се подарок, овие пари се заем, што значи ние ќе треба да ги вратиме! Со камата, се разбира.
Детали околу сите услови за овој заем не се познати, барем до пишувањето на оваа колумна, па оттука не може да се направи целосна анализа, иако според првичните најави – тие услови биле поволни. Но, и без да ги знаеме деталите, прашањата кои се релевантни и кои заслужуваат апсолутно внимание од јавноста се многу јасни.
Прво, иако е одлично е што се најавува дека сите пари ќе се потрошат на капитални инвестиции, тоа со оглед на минатите искуства, треба будно да се следи. Се разбира – треба и да ги дознаеме сите услови кои се однесуваат на заемот, па да се анализира како ова ново задолжување ќе влијае врз јавниот долг, со оглед на висината на овој пакет, што за наши услови е спектакуларна, па треба да се анализира и капацитетот на македонското стопанство да ги апсорбира овие пари, особено ако се има предвид дека повеќе од половина од проектите треба да имаат локална компонента. Ќе треба да се реализираат сериозни дискусии и со бизнис заедницата и со експертската јавност. Конечно ќе треба да „ги отвориме шеснаесет“ што викаат старите за и овие пари да не бидат изедени од корумпирани ненаситни сили, оти и многу други милијарди претходно најавени дека ќе долетаат од разни точки на планетава ни исчезнувале пред очи.
Ова значи дека само во последниот пасус има толку многу сериозни прашања, кои отвораат и стотина свои потпрашања, а ниту едно од нив – замислете – не вклучува мигранти!
Оттука, нејасно е која е идејата да се напаѓа Владата преку лажни вести, во момент кога недостасуваат клучни информации, од кои дел – можеби ќе отворат простор за аргументирана критика на Договорот, но можеби и ќе нѐ натераат да кажеме – браво!

Затоа, овде првото прашање всушност е – ќе умее ли оваа јавност да порасне до ниво да биде подготвена да анализира информација што има големо влијание врз државата, надвор од партиски светоглед!?
Оти, тоа што вчера го гледавме и по социјалните мрежи и по дел од медиумите за овој Договор беше просто срамно. На социјалните мрежи, пред да стигне демантот за мигрантите, истите ботови на владејачката партија, кои креираа хистерија дека СДСМ ќе ни отвора азилантски кампови, се препотуваа во обиди да бајпасираат лутина и коментираа дека сега и да дојдат мигранти не било ништо страшно. И обратно, оние кои воопшто не се потресуваа на најави за азиланти во време на владеење на СДСМ, сега создаваа и потхрануваа хистерија, а богами дел од нив покажаа и сериозен расизам.
Она што е најважно, е дека оваа логика, според која државата треба да пропадне, во години кога не е управувана од оние за кои гласате, не се однесува само на овој Договор. Овој недржавнички однос е модус вивенди, модус операнди, нешто што се создава и се негува првенствено во самите партии. Ни замајуваат очи и глумат некакви заеднички работни групи, единство и обединетост, а во прва можна прилика се паѓа на најпростите тестови. Од утро до вечер не трујат со ужасни партиски наративи, полни со омраза кон противникот, срамни соопштенија и недоличен јазик. Ни го поделија, закрвија и депримираа народот. Партиите всушност ги создаваат и најголемите антидржавни елементи. Под плаштот на наводна лојалност, тие ги учат луѓето да не умеат да погледнат надвор од стадото! Да не критикуваат никако ако нивните ги водат во провалија! Штом се нивни има да се паѓа и да се молчи! Мора има да се аплаудира на падот! Ги учат да не се смее да се поздрави кога другите ќе направат нешто добро. Никако! Има да се моли Бога тоа да им пропадне! Едноставно – ги учат дека партијата е сѐ! И над сѐ!
Па, има ли поголема трагедија за една олку мала држава!? Горе – долу половина население практично постојано да навива да не ја биде! Ова мора да сопре!
Логиката, според која државата треба да пропадне, во години кога не е управувана од оние за кои гласате се создава и се негува во самите партии. Па, има ли поголема трагедија за една олку мала држава!? Горе – долу половина население практично постојано да навива - да не ја биде!
Власта има одговорност да биде голема. Наративот таа го поставува и таа не смее да паѓа на провокации. Зошто агресија? Зошто наследство од минатото раководство? Не доликуваат соопштенија кон опозицијата и нејзините мегафони со закани дека „лагите брзо и болно ќе им изгорат“ (барем после трагедијата во Кочани, во најмала мера неумесно е да се користи овој речник).
Опозицијата не може да се моли да пропаднат стратешки државни проекти. Критиките се и тоа како потребни, но спинување и лажење е секогаш мизерна политика што води во пропаст. Впрочем, тоа бара и доста време и енергија, што секако покорисно им е да ги трошат на сопствено пронаоѓање откако одамна се изгубени во простор и во време.
Македонија мора да излезе од ова лудило, луѓе! Премалку сме, премали сме, претешки премрежија има не само пред нас туку и пред светов… едноставно немаме ние луксуз да навиваме против себе! Уште помалку имаме луксуз против себе да работиме. Ставете прст на чело сите и размислете што ви зборувам!
Со ваква меѓусебна омраза, со вакво неединство – азилантите нам одамна ни се најмала закана – па тие не се будали, први ќе му ја здувнат од овој отруен простор!





