Живот на коцка

Дали сите вртиме телефони кога ќе бидеме притиснати до ѕид? Особено кога се работи за живот или смрт, за здравје, за итна услуга? Дали вртиме на сите што ги знаеме и не знаеме? Се разбира. Ќе излаже секој кој ќе каже - јас никогаш не сум завртел телефон! Зошто? Затоа што државата не ти остава друг избор. Затоа што треба да вртиш, да кумиш и да молиш за да добиеш услуга што ТИ СЛЕДУВА! И уште кога ќе ти ја испорачаат, пазете сега - кога ќе ја добиете услугата што сте ја платиле и ви следува - треба да сте благодарни! Па уште ќе ти речат - аааа ајде ќе частиш сега, ти завршив работа… Ма немој!? Ти си ми завршил работа?

Во претходната колумна пишував за тоа дека не сакам да си имам работа со државата повеќе од потребното. Уште помалку сакам да си имам работа со луѓето кои ги водат институциите.

Не сакам да се јавувам на градоначалник за да ми го направи патот за којшто сум платила комуналии и општината е должна да ми го направи, ама не ми го прави; не сакам да му се јавувам на министерот за здравство за да добијам соба во државна болница жими тогаш еднаш кога ќе ми притреба, додека си плаќам уредно здравствено осигурување секој месец; не сакам да му ѕвонам на директорот на Управа за водење матични книги за да ми го дадат документот што ми е платен и го чекам, ама никако да ми се достави; и на Стојанче не сакам да му ѕвонам кога гледам пожар и вртам и никој не ми крева кај што треба; не сакам да го барам мојот човек во Обвинителство за да прашам – добро бре, до кај ви е предметот, втора година фати… не сакам да го барам мојот човек во Водовод, мојот во Архива, мојот во ПИОМ, мојот во Образование… Ништо од ова не сакам!

Не што не сакам – мразам!

Ама, дали вртам телефон кога морам?

Дали сите вртиме телефони кога ќе бидеме притиснати до ѕид?

Особено кога се работи за живот или смрт, за здравје, за итна, ама итна услуга? Дали вртиме на сите што ги знаеме и не знаеме? Се разбира. Ќе излаже секој кој ќе каже – јас никогаш не сум завртел телефон!

Зошто? Затоа што државата не ти остава друг избор. Затоа што треба да вртиш, да кумиш и да молиш за да добиеш услуга што ТИ СЛЕДУВА!

И уште кога ќе ти ја испорачаат, пазете сега – кога ќе ја добиеш услугата што ти си ја платил и ти следува – ти треба да си им благодарен! Па уште ќе ти речат – аааа ајде ќе частиш сега, ти завршив работа… Ма немој!? Ти си ми завршил работа?

Значи, каков ни е животот?

Некогаш ќе ти успее да стигнеш до човекот, некогаш не. Некогаш ќе ти поминат “врските” – некогаш не, некогаш тој ќе има време да ги подбуцне тие кои треба – некогаш не, некогаш ќе има волја – некогаш не, некогаш ќе изуми – некогаш не, некогаш ќе сака – некогаш не, некогаш и да сака нема да може – некогаш не, некогаш ќе биде навреме – некогаш не… и вака до бескрај… Значи нашиот живот, нашите судбини, судбините на нашите предмети и жалби, нашето образование, нашата безбедност, нашата грижа и нашите права сето тоа е препуштено на моментот, на среќа, на тајминг, на нечии карактери, волја, на хороскоп… на сѐ, само НЕ на систем!

Оти, систем нема!

Оти, системот овде не се институциите, туку се луѓето на кои им се паднало нив да ги водат, на оние кои имаат функции.

А бе имињата не сакам да им ги знам на овие луѓе, дали разбирате?

Тоа се службеници! Тие ми служат МЕНЕ! Нив ги плаќам ЈАС! Тие се минливи и менливи! Јас сум суверениот, главниот, неприкосновениот – јас сум ГРАЃАНИНОТ!

Сум живеела во европска држава каде ниту некого сум познавала, ниту некогаш сум свртела телефон за нешто! Ниту сум одела во приватни болници, ниту детето ми одело во приватна градинка. Ниту сум молела за соба на државно, ниту сум фаќала врски да ми се запише ќерката и да падне кај “добрата учителка”, ниту сум имала проблем на кој било шалтер, со каков било документ.

Е тоа сакам!

И за тоа треба да се бориме! За систем и за институции полни со кадарни кадри, кои си се мешаат во работата за која се платени без никој да им рече!

Јас го разбирам притисокот кон функционерите за срдечност, за непосредност, за отвореност, да се биде достапен, човечен, да се слушаат луѓето директно, да се има време и волја итн… ама сето тоа е второстепено, ако нема систем, верувајте!

И сето тоа и треба да биде второстепено, паралелно.

Оти, прво тие луѓе кои “ги имате во телефонот” денеска се тука, утре не се, значи денес ќе имате услуги, ама утре не и второ – сето тоа поврзано со нивната “услужливост” и “достапност” се варијабли. Од некого ќе имате контакт, од некого не. До некој ќе имате среќа да стасате до некого не. Некој ќе е фин, некој не. Значи, не е борбата да креваат телефони – борбата е да немам потреба да им ги знам броевите!

Затоа што ако оставате нешто да зависи од човечки фактор, од карактерот или од душата на некој човек, од тајмингот, од шансата воопшто да реагира или не, да сака или не – тука веќе немате систем.

Имате лотарија.

А јас не сакам си да го ставам мојот живот во никакви игри на среќа, уште помалку пак да “играм” коцка со државата.

Сакам ред и правила, сакам јас да ја третирам државата и таа мене да ме третира во еден јасно организиран процес, определен под строги законски норми.

Каде јас ќе си ги испорачувам моите обврски, ама и ќе си ги добивам своите права без да ми е гајле, без да знам воопшто кому му се паднало во тој момент да ми служи и да ми ги испорача тие права.

Оти, внимавајте, овде има и друга “цака”. Во системот креиран така да вие мора да се јавите – лежи сржта на политичкиот клиентелизам, толку длабоко навлезен кај нас, што не само што не го ни забележуваме, туку уште и го фалиме!

Ги фалиме кога тие ќе ни “завршат работа”.

Демек тие се спасители.

Е да, ама тогаш вие сте должни што сте биле спасени.

А долгот, се разбира, порано или подоцна, ќе треба да си го платите … со мито, со контра услуга, со молк или – со глас!

И така, драги мои, умира демократијата…

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here