Во ек на дебатата за македонски одговор кон бугарската идентитетска агресија, универзитетскиот професор и доктор на политички науки, Огнен Вангелов објаснува зошто Преспанскиот договор треба да биде една од главните алатки:
“За мене е просто неразбирливо зошто властите (тука мислам на Владата и претседателката) не го користат Преспанскиот договор како инструмент во ЕУ за да се спротивстават на бугарската идентитетска агресија. Не само што не го користат, туку лажно го поистоветуваат со Договорот со Бугарија од 2017, па дури и со францускиот „компромис“ од 2022 година” вели Вангелов и објаснува зошто тоа поистоветување нема врска со фактите:
“Договорот со Бугарија од 2017 е прилично спротивен од Преспанскиот, бидејќи не затвора прашања туку отвора и репродуцира нови прашања до недоглед. Францускиот „компромис“ не е компромис бидејќи Бугарија ги вклопи нејзините фантазмагории во нашиот преговарачки процес, а ние наводно добивме „чист македонски јазик“ во ЕУ. Уште на првиот тест во ЕП „компромисот“ потона.
Наспроти тоа, во членот седум од Преспанскиот договор имаме чиста позиција која е недвосмислена. Македонија сама определува што е нејзин идентитет и токму под тие имиња, Македонија и македонски. Дури може да се рече дека овие ставови во член 7 од Преспански се судираат со член 8 од Договорот со Бугарија (кој обврзува на комисиско решавање на прашања од „заедничката историја“). Попрецизно, Членот 7 од Преспанскиот договор го гарантира правото на Македонија самата да ги дефинира поимите Македонија и македонски, и со тоа експлицитно ѝ го гарантира идентитетот, јазикот и културното наследство без обврска за преговарање или надворешно одобрување.
Членот 8 од Договорот со Бугарија го прави токму спротивното – ја обврзува Македонија да учествува во заеднички комисии и преговори за прашања од историјата, што во практика значи дека идентитетските прашања се подложни на бугарско вето или условување. Отсекогаш тврдев, а сега и уште повеќе сум убеден во тоа, дека членот седум од Преспански ја извади Бугарија од колосек за на крајот да мораше да употреби „нуклеарна опција“, а тоа е вето за почнување преговори.
„Значи, во Преспа правото да се идентификуваме онака како што ние сакаме и ќе одлучиме е неприкосновено право. Ова мора да биде повторувано ако треба милион пати во ЕУ, бидејќи, за разлика од Договорот со Бугарија, Преспа е донесена под резолуција на ОН и за ЕУ тој договор беше еден од ретките успеси на Балканот. Ова треба да биде основа на секој аргумент зошто ЕУ ги крши сите права стекнати со Преспански –– а тука пред сѐ мислам на правото идентитетот да не смее да биде институционално негиран во ЕУ”, вели Вангелов.
Професорот завршува:
“Да се навратам на почетното прашање, зошто властите се фокусираат на создавање дискурс дека сите проблеми почнале со Преспа? Мислам дека или не сакаат вистински да ги бранат позициите на Македонија визави Бугарија, или се неспособни да ги одбранат. Трета варијанта е дека суетите не им дозволуваат да признаат каква било грешка во сопствените проценки. Макар и не им се допаднала промената на уставното име, а веројатно и многу од оние што го поддржаа Преспански не беа задоволни со таа промена, не гледам зошто оној дел од договорот кој јасно ни ги зацврстува позициите за одбрана на идентитетот се напаѓаат.”