Македонката Светлана Мојсов, научник од светски глас, е избрана меѓу 100-те највлијателни луѓе на планетава според магазинот Тајм

Мојсов го доби ова признание поради нејзините револуционерни откритија околу хормонот што го регулира шеќерот во крвта,  наречен GLP-1, кој пак, го отвори патот за блокбастер лековите против  дијабетес и дебелина Ozempic, Victoza и Wegovy. Овие таканаречени GLP-1 агонисти ја трансформираа клиничката пракса на третирањето  на шеќерот во крвта и губењето на тежината.

Светлана Мојсов, Македонка која работи како истражувач и професор на Рокфелер Универзитетот во Њујорк,  е именувана на листата на „Тајм 100“ за највлијателни луѓе за 2024 година, која им оддава признание на уметници, иноватори, лидери и пионери во различни области.

Мојсов го доби ова признание поради нејзините револуционерни откритија околу хормонот што го регулира шеќерот во крвта,  наречен GLP-1, кој пак, го отвори патот за блокбастер лековите против  дијабетес и дебелина Ozempic, Victoza и Wegovy. Овие таканаречени GLP-1 агонисти ја трансформираа клиничката пракса на третирањето  на шеќерот во крвта и губењето на тежината.

Професорката Мојсов почнала да го истражува дијабетесот при Рокфелер Универзитетот како студент и постдокторски истражувач во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд. Во 1980-тите, таа преминала во Општата болница во Масачусетс, каде што започнала да го истражува тогаш мистериозниот GLP-1 (пептид 1 сличен на глукагон). Таа е првиот научник во светот кој што ја идентификуваше биолошки активната секвенца на GLP-1, скриена во неговата целосна низа од 37 амино киселини.

Во соработка со други истражувачи, Мојсов продолжи во напорите да докаже  дека GLP-1 предизвикува ослободување на инсулин во панкреасот, што потоа доведе директно до терапевтски развој на GLP-1 агонистите. Фактот што оваа нова класа на лекови сега ја користат милиони луѓе предизвикува големо задоволство кај професорката Мојсов, која што  вели: „Тоа ме прави да се чувствувам професионално и лично исполнето“.

Како биохемичар чија работа  резултира во широко користени третмани за дијабетес и губење на тежината, долгогодишните интереси на Мојсов се во насока да се разбере како тоа пептидите и малите протеини ги регулираат физиолошките процеси во здрави и болни состојби. Таа ја применила својата експертиза во хемиската синтеза на пептиди и мали протеини во бројни насоки на истражување, вклучително и студии кои доведоа до откривање на пептид 1 сличен на глукагон (GLP-1), инкретин хормон произведен од ткивото на цревата кој игра клучна улога  во секрецијата на инсулин и метаболизмот на гликозата.

Таа е наведена како ко-пронаоѓач на серијата патенти за употреба на GLP-1 за третман на дијабетес кои беа лиценцирани на фармацевтската компанија Ново Нордиск од Данска. Овие достигнувања подоцна беа искористени за да се развие нова класа на терапевтски лекови за третман на дијабетес тип 2 кои се продаваат под трговските имиња Victoza, Ozempic и Rybelsus. Victoza и Ozempic, одобрени исто така за третмани за губење на тежината под трговските имиња Saxenda и Wegovy, респективно, сега се користат од милиони лица со дијабетес тип 2 и проблеми со дебелина за да го контролираат нивото на гликоза или да изгубат тежина.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here