Уставен пресече: партиите нема да им го отежнат учеството на независните кандидати и листи на изборите

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Фото: Pexels

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Во 2024 година, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ здружено, подмолно и без никаква јавна консултација го кренаа прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).

Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.

Со членот 17 беше изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1000 потписи за кандидатура, со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список.

Со овие промени, на пример во Изборната единица 1, наместо досега потребните 1.000 потписи, на независните ќе им требаа 3.372 потписи за да поднесат независна листа. За независна листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе беа потребни 4.674 потписи.

Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

Од независните листи ја поздравија одлуката на Уставниот суд.

„Уставен суд пресече! Измените на Изборниот законик со кои на сите граѓани на кои им е преку глава од партиите им се отежна учеството на сите избори, се НЕУСТАВНИ!“, напишаа од „Шанса за Центар“ на својата Фејсбук страница.

На Локалните избори 2021, независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје.

Подносители на иницијативата до Уставниот суд се Лилјана Поповска и други, како група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје.

Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here