Уставниот суд ги укина одредбите од Изборниот законик со коишто им се отежнуваше учеството на независните иницијативи на избори. Но, сега има правен вакуум, и не се знае дали воопшто и под кои услови тие отсега ќе се кандидираат на избори. Тоа на политичките партии им одговара, и постои опасност повторно како „сложни попови да мрсат во петок“ и да не се ангажираат никако за пополнување на оваа законска празнина.
Независните граѓански иницијативи и понатаму не знаат дали ќе можат да учествуваат на претстојните локални избори во октомври, откако Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик со кои беше зголемен прагот за собирање потписи на 1% од избирачите. Со тоа се создаде правна празнина, а ниту старите одредби се вратија во сила, ниту има ново решение. Во вакви услови, како што предупредуваат иницијативите, се доведува во прашање уставно загарантираното право на секој граѓанин да се кандидира за јавна функција.
Претставници на седум независни иницијативи – „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Босилово и Ново Село – денеска поднесоа барање до Министерството за правда, до Собранието и до координаторите на пратеничките групи за итни измени на Изборниот законик.
„По одлуката на Уставниот суд, старите одредби не се враќаат во сила, па непознато е под кои услови независните кандидати ќе можат да настапат на изборите што претставува прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во член 23 од Уставот. Македонија со ова е на листата на држави кои не покажуваат никакви демократски капацитети. Оттука, бараме во најскоро можно време да добиеме одговор дали во моментов е можно кандидирање со поднесување листа на независни кандидати. Апелираме на разјаснување и итно да се пополни настанатата правна празнина. Ако е потребна измена на Изборниот законик, бараме итно да започне со работа работната група при Министерството за правда којашто ќе ги предложи до Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик. Во спротивно, евентуалното непостапување на Министерството и на законодавецот би значело дополнителна повреда на одредбите од Уставот за правото да се избира и да се биде избран“, рече Јана Белчева од „Шанса за Центар“, повикувајќи на итно разјаснување на ситуацијата и вклучување на независните во работната група што треба да ги формулира измените.

Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ предупреди дека без јасно дефинирани услови, постои ризик ДИК и Собранието произволно да го толкуваат законот и да не дозволат учество на независните. „ Ако не се донесат нови услови, може да се примени постоечкиот закон, секој кандидат со своја изјава и пријава да може да се смета како кандидат, се зависи од толкувањето на законот од страна на Собранието и ДИК. Круцијално е да се има единствен пристап и клучно е да се донесат измените. За нас е прифатливо со 50-тина потписи за да може да се кандидира независна листа, по европски тренд е, европски стандарди каде што се отвора, а не се затвора слободата во кандидирањето. “, рече Јовановски.
Независните укажуваат дека со високите барања за потписи – кои достигнуваат и до 4.500 – се оневозможува кандидатура во многу општини, особено рурални каде граѓаните тешко доаѓаат до канцелариите на ДИК. Бараат да се овозможи собирање потписи и на терен, да се продолжи рокот за собирање на 30 дена, и да се дозволи имињата на листите да се појавуваат целосно на избирачкото ливче.
Дополнително, тие бараат еднаков пристап до медиумскиот простор, увид во Избирачкиот список, фер третман при утврдување на редоследот на листите преку ждрепка, како и законски измени што ќе гарантираат еднаков статус со политичките партии.
„Нашата цел не е само ние да учествуваме, туку да се овозможи секој граѓанин во иднина да се кандидира“, порача Јовановски, потенцирајќи дека независните досега покажале интегритет, транспарентност и блискост со граѓаните.
Сите иницијативи се согласни дека измените мора да се донесат најдоцна до јули, кога се очекува да бидат распишани изборите. Во спротивно, велат, ќе биде направено ново кршење на уставните права.