Почетна Граѓанска сила На лице место „Марш за ангелите“ во Скопје пред почетокот на судскиот процес: семејствата бараат...

„Марш за ангелите“ во Скопје пред почетокот на судскиот процес: семејствата бараат вистина и правда

Правдата и вистината да излезат на виделина, кој сѐ има одговорност, да се дознае кој можел да спречи, а не го направил тоа, кои институции задоцниле со реакција, да преземат мерки и да се направи се ваква трагедија никогаш повеќе и никому да не му се случи, побараа денеска родителите и блиските на починатите.

Фото: СДК.мк, Киро Попов

Десетина илјади скопјани денеска маршираа заедно со родителите и блиските на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 30-от „Марш за ангелите“, кој овој пат се одржа во главниот град.

„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Крени го гласот пред да е касно“, беа дел од транспарентите со кои маршираа учесниците на собирот којшто беше набиен со болка за загубените деца, но и резигнираност и разочараност од досегашната правна разврска на случајот.

Маршот започна во 12:05 од плоштадот „Македонија“, продолжи покрај Собранието за да заврши пред Кривичниот суд во Скопје, каде за четири дена ќе започне судењето за случајот.

Правдата и вистината да излезат на виделина, кој сѐ има одговорност, да се дознае кој можел да спречи, а не го направил тоа, кои институции задоцниле со реакција, да преземат мерки и да се направи се ваква трагедија никогаш повеќе и никому да не му се случи, побараа денеска родителите и блиските на починатите.

„Денес зборуваме не само како јавност, туку како родители, како семејства кои сфатија дека трагедијата може да му се случи на секој и дека никој не е заштитен. Ова не е политички повик, ова е повик за правда, за вистина и за човечност. Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што имаме право сите на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овој пат е сокриена “, рече пред насобраниот народ пред македонското собрание, Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на пејачот од групата ДНК, Андреј, еден од загинатите во пожарот во „Пулс“.

Фото: Независен.мк

Борјан Ефтимов од иницијативата „Кој е следен ?“ ги повика пратениците „да размислат што му треба на Кочани, и како што знаат да носат решенија во нивен интерес, да донесат и за Кочани“.

Пред Кривичниот суд, родителите на загинатите апелираа дека нивната судбина не смее да биде скриена зад институционални пропусти и пресметки.

„Трагедијата во Кочани ги уништи нашите животи, ние сме гласот на нашите најмили и ви се обраќаме и бараме судење без одлагање, без притисоци и без прикривање на докази. Бараме да се утврди секој факт, секој доказ, премногу семејства живеат во неправда. Вашите одлуки не се само правни, тие се човечки, морални и историски“, рече една од мајките на загинатите.

Блупринт групата за реформи во правосудството, во која членуваат шест невладини организации за заштита на човекови права, вчера соопшти дека ќе ја следи судската постапка.

„Би сакале да потенцираме дека недовербата што ја изразуваат родителите и јавноста е гласна и оправдана реакција која впрочем се базира на одамна изгубената сигурност во институциите. Од тие причини државата треба конечно да покаже дека правдата не е апстрактен поим, туку процес што може да се види, почувствува и доживее како вистинска правда. Затоа ја повикуваме судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна еднаквост на оружјата и фер третман за сите учесници во постапката, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.

Блупринт групата за реформи во правосудството потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите“, вели групата во која се и Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС) и Институт за човекови права (ИЧП).

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version