Во точно 11 часот, додека живата во термометарот се уште не надминуваше 40 степени, од центарот на Струмица одекнуваа зурли и тапани небаре има Галичка свадба, по булеварите се движеа граѓани со чадори штитејќи се од јакото јулско сонце, а уште многу сонца од Вергина беа развеани во толпата упатена кон главната раскрсница.
Таму, не, немаше зет и невеста на коњи, ами неколкуте транспаренти како „Рудник на смртта нема да има“ или „Да го сопреме пред да не’ сотре“, навестуваа дека ова е собирното место за најавениот протест против отворање на рудникот за бакар и злато, Иловица.
Дел од граѓаните веќе ги имаа фатено околните сенки обидувајќи се да се заштитат од топлотниот бран Кербер, кога организаторите на протестот ги повикаа сите да дојдат на раскрсницата „за да видат колку луѓе се против рудникот Иловица“.
А, според проценката на дигиталната алатка Mapchecking којашто врз основа на фотографија и големината на површината може да пресмета колку луѓе биле присутни, на протестот имало околу две илјади граѓани.
Меѓу нив, и неколку актуелни функционери како министерката за животна средина, Каја Шукова, која што претходно истакна дека лично е против рудници но дошла за да слушне што ќе порачаат граѓаните; потоа министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска која пред почетокот на протестот се обрати од партиска говорница и најави дека „Владата ќе ка преиспита одлуката за спојување на двете концесии на рудникот Иловица“, одлука која патем, штотуку ја донесе. Меѓу присутните беа и неколку локални функционери и од СДСМ и од ВМРО – ДПМНЕ.

„Ова е бунт и борба за живот!“
Организаторите на протестот, здруженијата Здрава Котлина и Еко Долина, истакнаа четири барања до властите – итно и неодложно одземање на споената концесија за рудникот Иловица – Штука; разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд; одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во процесот на спојување на концесиите; и Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица.
Пред насобраните граѓани зборуваа повеќе активисти за животна средина.
Од импровизираната бина, тие го изразија својот револт и гнев од владината одлука за спојување на двете концесии за експлоатација на бакар и злато кое според нив, е направено таинствено, далеку од очите на јавноста иако Управниот суд го нема наложено тоа.
„Народот е гневен, поминати се сите црвени линии со последната одлука на Влада која е донесена тајно во климатизирани простории. Станува збор за две мртви концесии. Рудник во Струмичкото Поле нема да има. Ние златото го копаме по струмичките ниви и нема да отстапиме ниту една педа. Владата да го стави прстот на чело и да застане на страната на народот кој веќе седма година се бори против криминал, корумпирани политичари, судии“, рече Милена Зафирова од невладината организација Здрава котлина.
Актерката и активистка Оливера Аризанова-Мансбарт ја нарече „срамна“ одлуката на владата за спојување на двете концесии за рудникот Иловица – Штука.
„Ова е бунт и борба за живот! Не сакаме да се иселиме! Јас немам каде да одам и не сакам никаде да одам, сакам овде да останам. Затоа нема никому да дозволиме, светот во кој растевме, се развивавме, старееме, да ни го уништат корумпираните судии, алчните политичари, профитерите, странските корпорации, за кои нашите животи не вредат ниту скршена пара. Ќе се бориме до крај“, порача Аризанова-Мансбарт.
„Ќе се бориме до крај и ќе ја зачуваме нашата природа за следните поколенија, таква каква што ни ја оставиле нашите предци. Само така ќе ја заштитиме природата, само така ќе ја заштитиме татковината“, рече активистот Стојан Велков од Здрава Котлина.
Активистите велат дека веќе седум години трае борбата против рудникот Иловица и дека ова е 35 протесна акција што ја организираат, но и покрај тоа се неуморни.
„Ако мислите дека ќе не’ фатите на кондиција, дека ќе не’ изморите и дека ќе се откажеме – грешна ви е проценката. Грешка сте ако мислите дека ќе останат само двајца-тројца-четворица да ја продолжат оваа борба. Со сите нас ќе си имате работа. Нашето дело е исправно, рудник нема да има!“, порача Ѓорѓи Танушев, активист од Здрава котлина.
Во паузите меѓу говорите, ечеа патриотски песни.
„Светот крај нас ни спрема, ама нас да не снема, знајте господа, нема никогаш. Дури ѕвезди се палат, храбри синој се раѓат, ти ќе постоиш, Македонијо!“. Овие зборови одекнуваа од една од песните на познатиот струмичанец, Гоце Арнаудов.
И дел од говорниците во „своите пет минути“ вметнаа и националистичка реторика, спомнувајќи патриоти и предавници.

Еколошките последици од рудникот се катастрофални
Овој протест дојде откако Управниот суд, после долгогодишен пинг понг со Вишиот управен суд ја разгледуваа тужбата за раскинувањето на концесијата од страна на Владата во 2019 година, конечно ја уважија и наложија поништување на таа владина одлука. Тоа веќе беше чекор напред кон отворање на овој рудник, а спојувањето на двете концесии, само ги потврди стравувањата дека намерите се овој рудник да се отвори и покрај спротивната волја на локалното население.
Инаку, негативните последици за животната средина доколку се отвори овој рудник, според активистите би биле огромни – се планира да се ископа дупка со длабочина од 600 метри и да се создаде хидројаловишно езеро со над 210 милиони кубни метри отрови на ридот над Иловица и Штука.
„Ветерот ќе разнесува отровна прашина, ќе има постојани потреси од минирања, ќе се создаде природна сулфурна киселина од самите карпи и ќе ни требаат над 2000 години за природата сама да се излечи“, вели Митко Ристоманов, од Еко Долина.
Единствена позитивна промена во меѓувреме е направена во легислативата при што со усвојувањето на измените во Законот за минерални суровини кои стапија на сила од почетокот на 2019 година, се забранува употреба на цијанид и сулфурна киселинa во експлоатацијата на метали, а со Законот за животна средина, не е дозволено отворање на капацитети од тешка загадувачка индустрија најмалку пет километри од населено место.
Но, согласно одредбите од Законот, овие измени не се однесуваат на постоечките рудници, туку само за новоотворените и засега не се знае дали ќе се однесуваат на концесијата за Иловица.

Министрите изманипулирани изгласале спојување на концесиите
Во пресрет на најавениот протест, Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ објави дека Владата на седницата на 27 јуни, изгласала спојување на двете концесии во корист на концесионерот, така што им била подметната дополнителна точка и им било претставено дека тоа го наложува Управниот суд.
Па така, иако станува збор за исклучително важно прашање, без да ја погледнат пресудата од Управниот суд која сосема спротивно, го отфрла барањето за спојување на концесиите, министрите наседнале на предлогот на нивниот колега од ДУИ, Крешник Бектеши.
Сега, неколку министри во јавноста изјавија дека ќе бараат преиспитување на оваа одлука и евентуално поништување.
Инаку, од владејачката партија, СДСМ, повторно го афирмираа својот став дека нема да дозволат отворање на рудник без да го консултираат населението.
Пред да се упати на протестот, министерката Тренчовска од партиското седиште во Струмица, посочи дека Владата предводена од СДСМ и надлежните институции нема да дозволат отворање на рудник во Иловица без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство усогласено со европското.
Опозицијата, пак, смета дека прашањето за рудниците во Струмичко не е ништо повеќе од обична владина бизнис-зделка, пред сѐ на ДУИ. Според претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лицемерно било присуството на владините претставници на протестот.
„Замислете какво лицемерие, какви двојни стандарди, Владата носи одлука за спојување, а министерот во таа иста влада вели дека ќе биде денеска заедно со тие луѓе коишто протестираат. Па ако не се согласува со таа одлука, може уште истиот ден да поднесе оставка. Нека поднесе оставка и нека замине од политичката сцена ако не се согласува со политиките на Владата“, истакна Мицкоски.

Бектеши нарача и стратегија за отворање рудници
Дека владиниот став околу прашањето со рудниците варираше од цврсто против за време на премиерот Зоран Заев, којшто впрочем и ги раскина двете концесии за Иловица и Казандол, до “ќе ги консултираме граѓаните“ за време на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, иако граѓаните веќе го искажуваа својот став против на неколкуте локални референдуми организирани во 2017 година.
„Рудник, не само во Иловица, туку и на која било друга локација ќе има поддршка доколку работните процеси во еден таков индустриски капацитет се согласно највисоките стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“, ни изјавија неодамна од Владата.
Според експертите, здрава животна средина и рудник којшто е класифициран во тешка загадувачка индустрија е неспоиво во една реченица, а тоа го докажуваат и мерењата според кои, тешки метали се откриени во почвата, водата и воздухот в радиус и до 25 километри од постоечките рудници.
Како што пишувавме неодамна, Министерството за економија, дури нарачало и дваесетгодишна стратегија од МАНУ, за одржливо отворање на рудници за метални суровини.
