Димитров на УАКС: Билатерализацијата го прави процесот на проширување невозможна мисија

Патот кон ЕУ останува наша заложба, но вметнувањето на билатералниот спор со Бугарија околу македонскиот идентитет во самиот преговарачки процес е преседан што го прави самиот процес практично невозможен, истакна претседателот на „Солуција“ Никола Димитров, на интерактивното предавање одржано во Универзитетот Американ Колеџ – Скопје деновиве.

Патот кон ЕУ останува наша заложба, но вметнувањето на билатералниот спор со Бугарија околу македонскиот идентитет во самиот преговарачки процес е преседан што го прави самиот процес практично невозможен, истакна претседателот на „Солуција“ Никола Димитров, на интерактивното предавање одржано во Универзитетот Американ Колеџ – Скопје деновиве.

„Нашиот пример е повеќе за тоа како не треба, одошто како треба да се прави проширувањето. Ние сме практично земја кандидат – ветеран, од нас поголем ветеран во чекалната на ЕУ е само Турција. Ако, на пример, на една Хрватка и требаа точно 68 месеци за целиот преговарачки процес, ние цели 20 години сме со кандидатски статус и не можеме да ги почнеме преговорите. Ние сме единствената земја кандидат досега, на која што ѝ требаа две меѓувладини конференции пред почеток на преговорите“, истакна Димитров на предавањето насловено „Политиката на одложени ветувања: Северна Македонија и ЕУ интеграцијата“.

Или како што истакна во својот вовед професорот по политички науки на УАКС, Огнен Вангелов, на чијашто покана Димитров беше гостин – предавач, „улогата на ЕУ како кредибилно сидро за реформите во Северна Македонија е ставена на испит. Условеноста со реформи останува и понатаму, но наградите од ЕУ сѐ повеќе изгледаат неизвесни, политизирани или одложени на неодредено време. Она што опстојува не е целосно отфрлање на Европа, туку една обврска испразнета од нејзината суштина и искреност: членството во ЕУ останува официјална цел, но врската помеѓу реформите и наградите ослабе“.

Никола Димитров со модераторот на настанот, проф. Огнен Вангелов од Универзитетот Американ Колеџ – Скопје

Коментирајќи го евроинтеграцискиот пат на земјите од регионов, Димитров прво забележа дека повеќе треба да го форсираме терминот „Југоисточна Европа“ наместо „Западен Балкан“.

„Ние сепак природно сме дел од Европа и нејзиниот мозаик не е целосен без земјите од регионов. Врзани сме со ЕУ на многу начини: три четвртини од трговијата на регионот е со ЕУ, голем дел од странските инвестиции доаѓаат од ЕУ, а имаме и голем трговски дефицит со некои од ЕУ членките, што значи дека овој регион и дава, а не само зема од ЕУ. Патуваме во ЕУ, нашите млади учат во ЕУ, а не мал број и се иселуваат во потрага по подобар живот. Наше е да се бориме тука да успее европската реформска приказна – демократија, слобода на медиумите, развој на економијата, за што поголем број од младите да останат овде.“, истакна Димитров, кој што даде и пример со бројки што значи членството во ЕУ. “Гледаме дека БДП на земјите откако ќе се приклучат на Унијата несомнено расте, тие стануваат побогати. Земји од регионов, коишто имале БДП на ниво од 40% од просекот на ЕУ пред да се приклучат, денес се стигнати до 80% од европскиот просек. Кохезионите фондови се 10 пати поголеми за земјите членки, одошто за кандидатките“.

„Билатерализацијата е отров за проширувањето на ЕУ“

Но, ЕУ мора да покаже дека е конзистентна во промовирање на своите вредности, а не да ги промовира селективно, по потреба, смета тој.

„И самата ЕУ, иако е економски џин во светски рамки, за жал покажува дека е политичко џуџе гледано глобално. Колку ЕУ е помалку способна да делува и влијае врз случувањата што се подалеку од нејзините граници, како на пример со ова што сега се случува во Газа, толку помалку ќе биде битен фактор и ќе се слуша нејзиниот глас во иднина“.  

Критикувајќи ја неконзистентноста на ЕУ кога е во прашање случајот на Македонија, тој истакна дека спорови околу јазик, малцинства и сл.,  имале дури и скандинавските земји меѓусебно, но тие не биле пречка или кочница во нивните евроинтеграциски процеси, затоа што не била правена нивна билатерализација во процесот, каква што имаме ние сега со Бугарија. Една тешка последица од ваквата билатерализација на проблемите е застранување од патеката на Копенхашките критериуми.

„Едно билатерално прашање дозволија да стане европско, односно тогашната влада иако дома нѐ убедуваше дека не е така, всушност се согласи динамиката од пристапниот процес со ЕУ да зависи и од работата на комисијата за историја. Како што тогаш австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер и директно кажа – направивме преседан што не смее да се повтори. Или како што рече директорката на италијанскиот Институт за меѓународни односи, Натали Точи, модераторка на лидерскиот панел на неодамна  одржаниот Бледски стратешки форум,  ‘билатерализацијата е отров за проширувањето на ЕУ’.“

Кога има спор помеѓу земја членка и земја кандидат, тој секогаш е асиметричен, објасни Димитров.

„ Ако вие инсистирате да победите во спорот со вашиот сосед, спорот не е решен. Тоа е случајот со Бугарија и нејзините барања. Кога требаше да се ратификува Преспанскиот договор во грчкиот парламент, беше изгласан со тесно мнозинство, затоа што и во Грција, исто како и овде, се разбира дека имаше  и не мал број незадоволни од договорот. Оти, знаете како велат, компромис е решение кога и двете страни се незадоволни на крајот, односно, сметаат дека можеле повеќе да извлечат од договорот. Додека во Софија, кога се гласаше во парламентот за т.н. Француски предлог, огромно беше мнозинството, затоа што Бугарија го смета за своја победа.“, смета Димитров.

Процесот мора да стане попредвидлив

Според него, во Брисел треба да се срамат од тоа што дозволуваат една членка, да го кочи процесот на пристапување на своја соседна земја со небулозни тврдења дека „вашиот јазик не е јазик“ или „вашата нација е вештачки создадена во 1945-та“ и сл. „Дозволуваат практично ист наратив што всушност Путин го користеше пред да изврши инвазија врз Украина, односно, негирање на украинската нација, тврдење дека е вештачки создадена од Сталин, негирање на украинскиот идентитет, итн. Ова не е здрава ситуација ниту за нас, ниту за Бугарија, ги влошува односите меѓу луѓето, раѓа нетрпеливост. Односите помеѓу двете земји се на најниско ниво од осамостојувањето на Македонија досега. Но, за жал, ние дома немаме политички консензус, а сме таргет на негирање во случајов, додека во Бугарија го имаат, без оглед од каква провиниенција се политичките чинители.“

Димитров смета дека Македонија заедно со ЕУ мора да го направи процесот повеќе предвидлив, за да не се случи да добиеме вето утре, не поради неостварување на некоја реформа или назадување во некоја сфера клучна во поглавјата, туку затоа што историската комисија не се согласила околу некое прашање. “ Не може од нас да се очекува да направиме уште еден чекор напред, но во неизвесност, во темнина, да не знаеме што нѐ очекува на првата кривина, што се вели.“

Тој исто така истакна дека не се согласува со оние „проевропски“ настроени коишто велат дека нас само Брисел може да нѐ спаси.

„Брисел може да ни помогне, да нѐ обучува, финансиски да нѐ поддржи, но ние мораме самите да истераме некои работи. Ќе го кажам примерот на граѓанската сила ‘Замисли’ што ја направивме со ‘Солуција’, каде што собравме околу себе јадро на кредибилни луѓе, секој експерт во својата сфера, неизвалкани досега со политика, коишто ги споделуваат нашите вредности и визија за држава со мерит систем, без корупција, клиентелизам, непотизам, кронизам, и другите појави што го разоруваат општеството. И тргнавме од една област како што е здравството, еден од столбовите на општеството, каде што имаме многу дефекти. Првата конкретна акција ни е за отстранување на преголемите дискрециони права на директорите на клиниките при вработувањата, коишто константно се злоупотребуваат и се форсира вработување на кадри што мора да ги одобри политичката партија што е на власт. Тоа ги демотивира младите и квалитетни кадри коишто непрестајно ја напуштаат државата и одат во Германија и други земји од Западот. Сметаме дека една мала победа извојувана во борбата за меритократија во системот, ќе значи многу, ќе даде поттик и надеж, дека не е сѐ загубено во оваа држава. Нашата генерална премиса во ‘Замисли’ е дека не може демократијата да им се препушти само на политичките партии. Затоа и добивме толкава партизација на државата, на општеството, која што гледаме до какви ужасни последици доведе, да го спомнам само пожарот во дискотеката во Кочани, резултат на системски слабости таложени со години.“

На прашањето од публиката дали на земјава ѝ е потребна поголема професионализација на дипломатијата, Димитров одговори дека уште од свои 24 години е влезен во дипломатските води, кога првпат дошол во Министерството за надворешни работи.

„Целата моја кариера се залагам за професионализација на дипломатијата. Кога бев назначен за министер за надворешни во 2017 година затекнав ситуација да 80% од дипломатите беа политички назначени, а само 20% кариерни дипломати. Кога заминав оттаму во 2020, ситуацијата беше обратно пропорционална. Воведов новини, поканував амбасадори на интервјуа за вработување на млади службеници, предложив нацрт закон со решенија што требаше да ја зајакнат македонската дипломатија, којшто за жал не беше прифатен. Кронизмот и клиентелизмот ни ги уништува институциите. Знаете, на крајот на денот, кога ни треба лекар, ние прашуваме кој е најдобар лекар за тоа и тоа, а не кој е од ВМРО вработен, а кој од СДСМ.“

Инаку, самиот настан во УАКС беше организиран како дел од проектот „WB-EU Path: ЕУ интеграција на Западен Балкан – модели и предизвици“.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here