Граѓаните излегоа на масовен протест против случувањата на Онкологија

Неколку илјади револтирани граѓани протестираа пред Владата и пред Јавното обвинителство по објавувањето на наводи за злоупотреба на лекови за болни од рак на Клиниката за онкологија. Тие бараат најстроги казни за евентуалните сторители и оставки од одговорните лица.

„Убијци!“, „Крадци!“, „Оставка!“, „Долу влада!“, но и „Бесилка!“ извикуваа неколкуте илјади граѓани што попладнево се собраа пред Владата на протест по повод скандалот на Клиниката за онкологија, којшто ја тресе јавноста деновиве. Некои од присутните носеа и транспаренти со натписи „Убивате за профит“, „И ние сме Онкологија“, „Ова ви е последна доза“ и др.

Протестот беше најавен на социјалните мрежи и споделуван од неколку популарни инфлуенсери,  и до моментов нема официјален организатор, иако во првите редови на толпата можеше да се видат и активисти на Левица и други опозициски партии. Некои од нив  фрлаа јајца, боја и сл., врз зградата на Јавното обвинителство каде што протестот подоцна  се префрли од локацијата пред Владата.

Пред присутните говореа граѓани што ги споделија своите трауматични искуства со нивни блиски што починале од рак лекувајќи се на Онкологија, барајќи правда  и одговорност за нивната смрт.

„На мајка за неколку дена драстично ѝ се влоши состојбата после терапијата што ѝ ја дадоа и таа почина. Наместо да лекуваат луѓе од најтешката болест, тие профитирале на нивната мака. Тоа е една мафија, спрега помеѓу министри, доктори, сестри и друг персонал, имавме повеќе трагични случаи досега во здравството, имавме живи изгорени пациенти во Тетово, никој не одговараше“, рече еден од присутните којшто неодамна ја загубил мајка му како последица на  рак на дојката.

Инаку, протестот уследи откако изминатиот викенд Јавното обвинителство отвори предистрага по пишувањата на медиумите дека има сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карцином, тие добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Дел од насобраните на протестот си ги обоија рацете со црвена боја и оставија траги од дланките на асфалтот, а со црвена боја со големи букви на улицата пред Владата испишаа – Убијци.

„Да не се става политичка конотација на овој протест затоа што ако тоа се направи, ова ќе пропадне. Без разлика на етничка или партиска припадност ги повикувам сите граѓани да излезат на протестот. Овде нема партија, овде може да биде секоја наша мајка, татко, роднина, на било кој од нас може да му се случи. За една недела повторно ќе се собереме на истото место“, беше последната порака што ја упати граѓанин пред присутните протестирачи  пред Обвинителството.

Случајот ја „тресе“ јавноста веќе трет ден, а реакции стигнуваат и од надлежни институции и од политичари.

Обвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд. Обвинителството наредило да се анализираат одземените компјутери и податоците во нив, а се вршат и распити на сите луѓе кои имаат сознанија за евентуални злоупотреби.

Обвинителството соопшти дека од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека со посебни истражни мерки (ПИМ) се опфатени повеќе луѓе. Тој вели дека полицијата презема и други дејствија, но тие во моментот не може да се споделат со јавноста.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here