Македонските контролори на летање ќе штрајкуваат на 12 октомври поради наталожени проблеми од раководството на МНАВ, лошите услови за работа и наместените огласи, најавија од Синдикатот на контролори на летање денеска.
„Најостро реагираме на досегашните неправилности во професионалниот дел – начинот на селекција, прераспоредувањето на портири преку ноќ во Контрола на летање, како советници, потоа, измислени работни места во Одделот за човечки ресурси, итн.“, вели за „Солуција“ претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски.
Тој наведува само еден од, како што вели, апсурдните примери на јавашлук што се прави со амин на менаџментот на МНАВ. Прво, раководството распишало оглас, па без консултации со контролорите на летање вработиле луѓе како портири. Преку ноќ ги праќаат кај контролорите „на обука“, со што и платата им расте одеднаш за 30.000 денари. Имало случај кога штотуку примена колешка еден ден е портир, за два дена доаѓа во Контрола на летање со плус 500 евра плата, а четвртиот ден веќе е замината на породилно отсуство.
Тасевски вели дека од страна на контролорите на летање било побарано да се распише тендер за да дојде сертифицирана странска фирма што ќе направи сеопфатна анализа на работењето, компаративна анализа со европските контроли на летање, па да излезе со заклучок за тоа колку вработени се потребни, на кои позиции и со каква стручна спрема, а сето тоа со цел нормално да функционира овој многу важен сегмент за државата и целокупниот меѓународен сообраќај чијшто дел е и Македонија.
„Тројцата директори распишаа оглас, но ставија вредност од само 8.000 евра, за никој да не се пријави. И згора на тоа, огласот траеше само пет дена, за да не може никој ниту потребните документи да ги прибере. За анализа, практично due diligence на организацијата, којашто би траела најмалку шест месеци, со експерти од странство што би престојувале тој период во Скопје, вие да одредите само 8.000 евра?! Тоа значи дека навистина сакате на огласот никој да не се пријави.“, вели претседателот на Синдикатот, Тасевски.

Од Синдикатот укажуваат и на застареноста на опремата во Контролата на летање, којашто датира од 1999 година, а раководството наместо да набави нова, потрошило половина милион евра за реновирање на гаража за авиони. Инаку, употребната дозвола за гаражата едвај била добиена и е само од привремен карактер.
„Летово опадна капацитетот на летови што можевме да ги покриеме, бидејќи техниката стара 24 години не можеше да опслужи толку авиони. За да не прегрее системот, ги одбивавме барањата за прелети. Ако во 1999 бевме лидери на Балканот со системот за контрола на прелети, сега сме на дното. Србија на пример, оттогаш има сменето пет системи. Во 2014 година беше набавен понов систем, но дури сега беше донесен за инсталирање и сега и тој е застарен.“, вели Тасевски.
Тасевски уште во интервјуто за „Солуција“ од пред неколку месеци укажа на проблемите што постојат во Контролата за летање, односно во матичното претпријатие МНАВ.
Тој потсети, дека и лани во април имале штрајк со главно барање да се скратат предвидените вработувања – од претераната бројка 400 на 333.
„И таа бројка е ненормална, ако се има предвид дека реално треба да сме околу 260, од коишто половина да се контролори, а кај нас само 90 се контролори, другото е администрација.“, истакна тогаш Тасевски.
Синдикатот на контролорите на летање се прослави на почетокот од годинава откако успешно го спречи обидот на раководството на МНАВ да го поништи конкурсот за избор на нови контролори. Раководството не беше задоволно со резултатите – од 270 пријавени, положија само 8 кандидати, меѓу кои не беа ниту нивните, ниту пријавените деца на функционери од ДУИ. Синдикатот се закани со колективни оставки што автоматски значеше затворање на македонското небо. Пред овој притисок, што наиде на силна поддршка и од медиумите и од јавноста, директорите немаа избор – мораа да се повлечат и да дозволат вработување само на осумте вистински најдобри – „ничии“ деца.
„Од 2006 наваму, откако јас сум претседател, ние како Синдикат никогаш не сме штрајкувале за поголема плата, сме штрајкувале секогаш за да имаме закон, да имаме нормални документи за авијација, нормална селекција на кандидати за контролори за летање… во суштина сме се бореле за сето она за кое требало директорите да се борат, а ние како синдикат да викаме – не сакаме такви правила, не сакаме ред, сакаме поголема слобода и слично. Е кај нас е обратно, ние бараме ред, директорите – неред.“, истакнува Тасевски.







