М-НАВ вработува сѐ, само контролори на летање не – нивниот синдикат се закани со штрајк

Повторно превирања во М-НАВ, затоа што секоја политичка гарнитура го прави истото - наместо да вработуваат контролори на летање коишто се дефицитарни, партиите „пикаат“ свои кадри, тотално непотребни како што велат од Синдикатот на контрола на летање.

По добиена согласност од Министерството за финансии, М-НАВ на 13 јуни распиша оглас за нови вработувања – од кадри со средно образование до советници со високо образование. Сепак, Синдикатот на контролори на летање остро реагира, предупредувајќи дека ваквите вработувања се непотребни и претставуваат продолжување на партиската пракса од минатото раководство.

„Огласените работни позиции се веќе покриени со постоечки вработени во пренатрупаните сектори, и новите вработувања не се базирани на реални потреби. Овие чекори дополнително го оптоваруваат системот и го загрозуваат функционирањето на основната дејност – контролата на летање“, изјави за „Солуција“ Александар Тасевски, претседател на Синдикатот.

Во огласот се предвидува вработување на оператор со средно образование во Националниот центар за трансмисија на податоци со почетна плата од 66.269 денари. Се вработуваат и двајца гимназијалци во одделението за воздухопловни информации со почетна плата од 51.325 денари, техничар за климатизација со 50.179 денари, како и двајца советници во секторот за воздухопловна техника со високо образование и најмалку пет години искуство, со плата од 99.621 денари.

Секоја од трите извршни директорски позиции во М-НАВ – за навигација, техника и финансии – добива и по еден личен советник, со плата од 65.899 денари. Синдикатот предупредува дека сето ова укажува на продолжување на непотребното административно ширење во компанијата.

М-НАВ на 13 јуни распиша оглас за нови вработувања – од кадри со средно образование до советници со високо образование.

„Ниту едно од овие работни места не е критично потребно. Ако навистина има потреба, тие кадри можат да се преземат од веќе постоечките сектори,“ велат од Синдикатот, кој разгледува можност за реактивирање на генералниот штрајк во јули.

Контролорите се повикуваат на Спогодбата од минатата година, според која беше договорено дека Еуроконтрол треба да изготви независна студија за потребите од вработувања во М-НАВ. Таа студија, која сè уште не е спроведена, требаше да покаже каде недостига стручна работна сила и дали воопшто има потреба од нови вработувања.

Според синдикатот, најгорлив проблем е недостигот на контролори на летање – за чиешто образование се потребни минимум три години, а процесот е блокиран поради недобивање согласност од Министерството за финансии. Во меѓувреме, компанијата вработува административци со високи плати, што ја доведува во прашање нејзината основна дејност.

„Се уништува главната дејност на М-НАВ со нови, непотребни административни кадри. Ветувањето беше дека надворешна фирма ќе направи анализа за вистинските потреби од вработувања. Но тоа не им одговара на директорите – студијата би покажала дека многу позиции се излишни,“ додаваат од Синдикатот.

М-НАВ моментално го водат Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, откако минатата година, со протести, беше сменето раководството на чело со Фахрудин Хамиди. Новото раководство се соочува со истите критики како и претходното – непотребни вработувања, политички влијанија и загрозување на клучната функција на М-НАВ – безбедно управување со воздушниот сообраќај.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here