Почетна Граѓанска сила „Кажи си ја маката“ во Тетово – треба посилен граѓански притисок врз...

„Кажи си ја маката“ во Тетово – треба посилен граѓански притисок врз партиите

Тетовчани ги кажаа своите проблеми на дебатата организирана од „Замисли“ и „Солуција“ – треба поголемо граѓанско обединување и мобилизирање, заради посилен притисок врз партиите за да се случат промени на подобро.

Бетонирање на градот и негово оставање без метар квадратен зеленило, загаден воздух, деградирани култура, образование и здравство, корупција на секој чекор, иселување на младите… ова се дел од најгорливите проблеми со коишто се соочуваат тетовчани со коишто овој пат од „Замисли“ и „Солуција“ седнавме да дискутираме. Нашата серија дебати „Кажи си ја маката“ после Струмица, Велес и Штип, продолжи во петокот, 20 јуни, во градот под Шара, но во просториите на Europe House присутни беа и посетители од целата општина Тетово и пошироко. Интересно е што на настанот меѓу присутните посетители доминираа жени, што значи дека тетовчанки се покажаа некако најагилни досега во искажувањето на своето незадоволство од состојбите во својот град и општеството, како и во барањето решенија.

Меѓу поканетите говорници „мразот го скрши“ Бленди Ходаи , основач и директор на „Форумот за образовни промени“, активист што јавноста го познава добро уште додека беше средношколец, кога со своите врсници го основаа Сојузот на средношколци што сега е најголема организација на овие ученици во Македонија.

Како на млад човек најтешко му паѓа што образованието е сосема деградирано, а секоја година сѐ поголем број на млади одат да студираат во странство, или пак се иселуваат сосема од Македонија.

„Нам ни требаат нови образовни политики, а не политика во образованието“, порача Ходаи. “Како да имаме верба во образовниот систем, кога имаме универзитетски професори што се ставени на црната листа на САД, на пример. Каков урнек за однесување може на младите да им биде наставен кадар што е корумпиран, или клиентелистички поврзан со партиите? Сѐ е претворено во бизнис, луѓето се веќе уморни од тоа за секоја своја потреба да треба да вртат некаде телефон, да не може нормално да завршат работа.“, истакна Ходаи, којшто додаде и дека ако сакаме нешто да промениме во општеството, мора да се бориме сите заедно, без разлика на верската и етничката припадност.

Неговиот сограѓанин Јуши Емрулаи од движењето „Антикоцкање“ раскажа за повеќегодишната битка што ја водат со централната и локалните власти околу  промени во регулативата за игри на среќа.

„Сите не лажеа дека ќе донесат нов закон со којшто ќе ги оддалечат коцкарниците од урбаните средини, а особено од училиштата, но од тоа ништо нема. Затоа што сите се корумпирани од страна на сопствениците на тие казина и обложувалници, коишто на дневно ниво, само во Тетово прават промет од 2,7 милиони евра.“, рече Емрулаи.

Меѓу нивните барања се и казината да бидат надвор од градовите и во нив да може да влегуваат само странски државјани, како што е тоа регулирано во други земји.

„Имавме средби и со сите позначајни амбасадори во земјава, добивме извесна поддршка и заштита од нив, но ние бараме закон, а не милост. Овој народ се ограбува секој ден, младите имаат пред секое школо по едно-две казина најмалку. Божем не смеат да пуштаат малолетници во нив, а таму врие средношколци“, додаде Емрулаи.

Саше Серафимовски, истакнат театарски актер и режисер од Тетово, рече дека поради разочараноста од клиентелизмот и корупцијата што владее во партиите, после 26 години активизам во СДСМ, ја напуштил партијата во 2022 година.

„Локалната власт како да се натпреварува која следна гарнитура ќе биде полоша од претходната. Тетово беше пример за град-воздушна бања, сега е град без ниту една педа зеленило, без спорт, без култура… Актуелниот градоначалник Касами којшто доаѓа од Влен, е уште полош од претходничката Арифи која беше од ДУИ, а мислевме дека од неа не може да има полош градоначалник. Целото општествено делување му се темели на национализам, затоа што реално ништо корисно не може да испорача за граѓаните. Еклатантен пример за неспособноста, јавашлукот, корупцијата што владее: една улица од 300 метри не може да ја асфалтираат веќе 8 месеци“, рече Серафимовски.

На дебатата учествуваа и активистите на „Замисли“, универзитетскиот професор и лекар д-р Нико Беќаровски и  долгогодишниот граѓански активист Никола Писарев.

Беќаровски уште еднаш се осврна на системските проблеми во здравството, односно дефектите при одбирање нов кадар за клиниките и партизацијата и непотизмот што владеат таму. “Партизацијата во здравството носи катастрофални последици. Опаѓа квалитетот на кадарот, најдобрите ни заминуваат во странство, јас сведочам на тоа секојдневно. И овие лекарски грешки што се повторуваат сѐ почесто, верувајте, во половина од случаите навистина постојат. Ако во цела Европа животниот век за 30 години е зголемен за 7 години, кај нас е намален за 2 години, меѓу другото и поради немањето здравствена превентива. Стигнавме до тоа да ни се скратува животот, одиме покасно во пензија, а пократко живееме“, алармираше д-р Беќаровски.
Да потсетиме,  поради овие слабости во здравството „Замисли“ всушност и  ја покрена широката иницијатива за законски примени што ќе ги ограничат дискреционите права на директорите за одлучување при вработувањата.

Писарев, пак, истакна дека за овие 35 години плурализам, партиите покажаа дека единствено си се битни самите себеси, а не им се битни граѓаните. „Партизацијата во секоја пора од општеството, доведе до тоа ние да одиме со страв на лекар, во суд, или било каде. Ако порано, дури и ако се вработуваше преку партија се гледаше да се избере најквалитетниот, за да врви работата. Сега работа, или место погоре на кандидатската листа за пратеници добива оној што ќе даде мито кај партискиот лидер“, рече Писарев.

Неколку од присутните граѓани споделија и лични трауми од голготата што ја минале низ лавиринтите на локалната администрација, полицијата и судството, здравството, соочувајќи се со најразлични проблеми. Од борба за право на сопственост врз земјиште што на најбескрупулозен начин сакале да им го одземат локални бизнисмени и моќници, па сѐ до трагичните судбини на свои блиски додека чекале да добијат лекарска грижа борејќи се со најтешки болести.

Исто така, граѓаните го истакнаа и проблемот со бездомните кучиња, којшто ниедна локална власт досега не може или не сака да го реши. Голем број граѓани досега се каснати од нив, но надлежните наместо да бараат системски решенија за овој проблем, дури и го влошуваат, затоа што низ градот се зборува дека наводно некој во општината земал пари за од други градови да донесуваат бездомни кучиња на тетовските улици. „Поради отсуство на системски пристап за справување со проблемот, поединци ги земаат работите во свои раце и на крајно нехуман и невицивилизиран начин пробуваат да се ослободат од уличните кучиња. Страшно и поразително е за општеството такво немање на емпатија, одговорност и почитување на животот, во каков било облик, што повторно е последица на слабостите за кои дискутиравме досега – деградација на образовниот систем, но и потфрлање на семејствата каде што децата треба да се учат за основните морални вредности и принципи. Затоа ние група активисти планираме преку ново граѓанско здружение да се посветиме на проблемот со бездомните животни, и со заштита и унапредување на правата на животните генерално“, истакна една од присутните граѓанки на дебатата.

И како што заклучи на крајот и претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, битката против партизацијата што го разјадува општественото ткиво не е лесна, затоа што токму партиите се оние што пружаат најголем отпор кон граѓанскиот сектор, затоа што се свесни дека силни и обединети граѓани се најголемата опасност за нив.

„Изборите не може да донесат промени кон подобро, доколку нема силен граѓански притисок и гласност, што повеќе граѓански организации и поединци да се вмрежуваат и заеднички да дејствуваат. Со движењето против коцкарниците треба да сме сите, со иницијативите против рудници во земјоделски краишта треба да сме сите, со борците за чист воздух треба да сме сите.“, порача Димитров.

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version