„Еко дијалог кон ЕУ“: Граѓанските организации, бизнисите и јавниот сектор заедно за еколошки промени

Проектот ќе поттикнува премин кон зелена и одржлива економија во Македонија, усогласена со Европскиот Зелен договор, преку заеднички напори на сите засегнати страни.

Околу 40 претставници на граѓански организации и бизниси кои работат во областа на екологијата и заштита на животната средина беа дел од промоцијата на новиот проект„ЕкоДијалог кон ЕУ: Поттикнување на еколошки промени преку инклузивно застапување на политики“ каде се запознаа со целите, активностите и очекуваните резултати на проектот . Настанот се одржа на 19.06.2025 г. во хотел „Панорамика дизајн и спа“ во Скопје.

Настанот го отвори г. Константин Јовановски, програмски менаџер во Делегација на Европската Унија во Северна Македонија. Дополнително, претставниците на организациите кои го спроведуваат проектот истакнаа дека во наредните две и пол години проектот ќе поттикнува премин кон зелена и одржлива економија во Република Северна Македонија, усогласена со Европскиот Зелен договор, преку заеднички напори на сите засегнати страни. Дополнително, преку активностите на проектот ќе се промовира меѓусекторски дијалог и соработка за циркуларна економија, управување и реупотреба на отпад, ќе се зајакне граѓанското општество за застапување на политики, а како резултат на проектот граѓанските организации, бизнис заедницата, релевантни институции, како и единиците на локалната самоуправа ќе учествуваат поактивно во креирањето и спроведувањето на еколошки политики.

Проектот ќе отвори и можности за вклучување на ГО и на компаниите во активности за градење капацитети, јавни дебати и грантови. „Еко дијалог кон ЕУ: Поттикнување на еколошки промени преку инклузивно застапување на политики“ ќе ја подигне свеста кај најмалку 300.000 граѓани за Законот за управување со посебни текови на отпад, ќе поддржи најмалку 30 деловни субјекти за усогласување со новите регулативи, а најмалку 50 претставници на граѓански организации ќе бидат обучени на оваа тема.

„Овој проект ќе овозможи дијалог помеѓу сите чинители – клучно за позитивни еколошки промени во општеството. Проектот ќе поттикне и промовира иновативни модели за реупотреба на отпадот“ – изјави г-а Невенка Лонгурова Гирова, извршна директорка на  „Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип“.

Проектот „Еко дијалог кон ЕУ: Поттикнување на еколошки промени преку инклузивно застапување на политики“ е кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ) во партнерство со Здружението Конект и здружение „АГОРА Центар за промовирање на граѓански вредности“ Скопје.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here