Можен е и генерален штрајк и затворање на македонското небо за цивилна пловидба откако денеска претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, најави депонирање на оставки на сите контролори на летање коишто имаат раководни функции и шефови на смени – а тоа се околу 20-30 луѓе – поради, како што рече тој, притисокот што се прави врз нив од страна на раководството.
Тасевски на денешната прес конференција потврди дека вчера бил повикан во полиција каде што му кажале дека двајца од тројцата директори во М-НАВ и членови на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари, поднеле кривична пријава против него поради наводно загрозување на безбедноста.
„Пријавата е поднесена поради електронски мејл што го добиле од мене, за којшто најодговорно тврдам дека не содржи никакви закани за животот и безбедноста. Од мејлот намерно е извадена содржина од контекст и погрешно е интерпретирана, сѐ со цел врз мене како претседател на синдикат да се изврши притисок и да се откажеме од нашите активности. По последните чекори преземени од инженерите и техничарите коишто си дадоа оставки од функциите револтирани од несовесно изведениот конкурс за примање нови инженери, кај директорите дефинитивно се покажа одреден страв. Но, тоа не е страв за нивните животи, туку за нивните фотелји, што само покажува дека сме на вистинската патека во борбата против партизацијата и неправилното работење во М-НАВ“, рече Тасевски.

Тасевски појасни дека денеска најавените оставки се поддршка за него како синдикален лидер на контролорите на летање, како и за сите инженери и техничари коишто деновиве веќе си дадоа оставки, на чело со третиот директор во М-НАВ и член на УО, Љубе Стаменковски. Да потсетиме, оставките беа поднесени поради обидот на другите двајца директори, Хамиди и Деари, да примат петмина кандидати за вработување во инженерскиот дел на компанијата коишто не ги задоволувале стручните критериуми и буквално ги напуштиле тестовите за селекција.
Од раководството на М-НАВ, пак, со писмено соопштение тврдеа дека огласот за инженери и техничари е согласно Законот за работни односи и условите предвидени со систематизацијата.
Во нивната реакција се наведуваше дека според систематизацијата за приправник, интервју се спроведува само ако за едно место има два или повеќе кандидати. Во случајот со последниот оглас имало само по еден кандидат за седумте работни места.
„Под вакви услови се примени инженери во М-НАВ и пред четири години, но тогаш немало негодување“, реагираа од компанијата.
Тасевски додаде и дека за случувањата во М-НАВ има простор за работа и на Трудовата инспекција и Антикорупциската комисија.
„Зградата што ја гледате, односно не ја гледате, исчезна мистериозно, а беше во проектот и во тендерската документација и требаше да се изведе. Наместо зграда, се реконструираше гаража од 280м2 за 400 илјади евра. Ако некој смета дека ова е нормално, тогаш имаме голем проблем. Ние нема да застанеме тука, притисокот што го прави раководството создава уште поголем револт, кај сите вработени. Не се исклучени ниту штрајковите, и тоа не само на контролорите на летање, туку на сите вработени во М-НАВ со целосно затворање на воздушниот сообраќај“, порача Тасевски.
Синдикатот на контролорите на летање и во октомври лани најавуваше штрајк со барање да им се подобрат условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.
И во ноември 2022 година имаше проблеми со конкурсот за вработување во М-НАВ, откако Синдикатот на контролорите на летање изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери.
Тогаш од Синдикатот рекоа дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ и директори во агенцијата, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.








