–Какво е вашето искуство со процесот на барање работа после студиите?
Како општ лекар, опциите за работа во Македонија се релативно ограничени. Имено можете да работите само како матичен лекар или лекар во Итната медицинска помош. Опцијата со Итната помош во глобала веднаш паѓа во вода, со оглед дека е потребен конкурс од ресорното министерство, па најчесто се почнува од некоја ПЗУ. Така беше и во мојот случај. Сепак, тоа беше привремена работа, додека менував докторка која беше на породилно отсуство.
–Со какви препреки сте се соочиле и колку од нив се базирани на партизација?
Јас сум лекар со поголемо клиничко искуство, а сепак шанса за вработување добиваа понеискусни доктори од мене, без никакво претходно работно искуство, но кои беа во релативно блиски врски со фронтмените на владејачките партии во последните десетина години, независно за која партија се работи, принципот е ист.
Во мојот случај, како што ми се развиваше професионалната кариера, искуство и наобразба, патот требаше да го продолжам натаму и добив стручна препорака за Торакална клиника. Одговорот беше: „Штом е толку добар доктор, има и клиничко и хируршко искуство, ќе го примиме, ама препорака треба да стигне и од кадровик од Штабот“. Зборуваме за партискиот штаб на владејачката партија во моментот, во градот од каде доаѓам. Кога тоа го чув, кажав категорично – „не“. Такви препораки не ми требаат. Барем не за таму каде планирам да заминам – Германија! Тоа веројатно беше клучниот момент за мојата одлука дека не сакам да останам во Македонија. Сега сум во процес на подготовка за заминување.
Преку злоупотреба на дискреционите права директорите полнат партиски кадар
–Знаете ли дека болничките директори кои се партиски поставени имаат дискреционо право (законски овозможено) за да самите изберат кого да вработат без оглед кој е најдобар кандидат?
Тоа е дел од политичката игра за концентрирање на власта. На тој начин партиите ја добиваат легалната можност да си ги вработуваат членовите на партијата, без разлика на нивната стручност. Па така за сметка на квалитетните кадри, јавните здравствени институции се полнат со партиски членови, што резултира со драстичен пад на целокупниот квалитет на здравствениот систем. Тоа го гледаме секојдневно и навистина фрустрира.
-Зошто е важно да се врати меритократијата во процесот на вработување на младите лекари ?
Меритократијата си постои, но во една обратна би рекол смисла. Сведоци сме на млади доктори кои повеќе време минуваат по партиските штабови, отколку во библиотеките. Повеќе време трошат на агитирање за партијата, отколку да се стекнуваат со нови стручни вештини. Конечно, кога доаѓа време за вработување или добивање на специјализација, се вработуваат токму оние лекари, кои лепеле најмногу плакати, наместо оние кои излекувале најмногу пациенти.
Меритократијата во светот значи вработување на најспособните, во Македонија значи вработување на најпослушните, без разлика на нивните стручни квалитети.
–Кој е клучниот проблем според вас во моментов при вработувањата?
Ќе набројам три – партизација, непотизам, корупција.
–Вие велите дека главен мотив за заминување надвор Ви бил токму вака разјадениот систем со проблемите што ги наброивте. Колку мислите дека и за Вашите колеги партизацијата е исто причина за да си одат од земјава, покрај финансискиот аспект?
Финансискиот момент, веќе воопшто не е ни тема на дискусија како причина за одливот на лекарите, верувајте. Главна причина неспорно е нефункционалниот систем, како резултат на агресивната партизација на сите институции. Форсирањето на оние со “сина крв”, страшно ги демотивира квалитетните кадри, кои деноноќно бдееле над книгите, наспроти оние кои дипломирале со “телефони” и без никакво лекарско искуство, по партиска директива веднаш се вработуваат низ болниците во државата, неретко и веднаш на скопските клиники.
–Дали сте сигурни во Вашата одлука да ја напуштите Македонија?
Навистина сакав да бидам продуктивен за оваа држава и да бидам дел од овој здравствен систем. Но, после сето ова што се случуваше и се уште се случува во Македонија, не гледам никаква причина да останам овде.
Проблемот ќе се реши ако Комисиите кои вработуваат се стручни
–Што е прво што треба да се стори (или неколку итни работи) за надминување на состојбите?
Да се распуштат т.н. комисии кои одлучуваат за вработувањата и тоа не само во здравството, туку во сите институции. Место таквите корумпирани и партизирани комисии, да се донесат независни странски стручни лица, кои навистина ќе знаат реално да го проценат квалитетот на кандидатите. Јас искрено би сакал тоа да биде тим на лекари од Јапонија. Така во вода ќе паднат сите листи за вработувања од партиските штабови, на површина ќе исплива знаењето, а шанса ќе добијат оние кои најмногу ја заслужиле. Со тоа ќе се елиминира партизацијата во здравството, а здравствениот систем ќе почне да дава далеку подобри услуги.
