Почетна Анализи Ништо ново во Србија: Вучиќ „растури“, опозицијата обвини за заробена држава

Ништо ново во Србија: Вучиќ „растури“, опозицијата обвини за заробена држава

Аналитичарите велат дека во услови на тежок популизам и заробена држава, опозицијата во Србија и не можела да се надева на нешто подобро од максимум 30-тина отсто од гласовите на вонредните парламентарни, локални и покраински избори за Војводина одржани во неделата, на 17 декември.

Коалицијата собрана околу Српската напредна партија прогласи победа на парламентарните, локални и покраинските избори одржани во неделата во Србија. Опозициската коалиција „Србија против насилството“ не ги признава резултатите од изборите во Белград и ги повика граѓаните да протестираат денеска во 18 часот пред градското собрание.

Според последните податоци на Републичката изборна комисија, врз основа на обработени 7.842 избирачки места од вкупно 8.273, апсолутно мнозинство на парламентарните избори освоила листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ – 46,86 отсто на гласовите, пренесува N1.

По бројот на гласови, втора е листата „Србија против насилството“, која освоила 23,36 отсто, потоа Социјалистичката партија на Србија – 6,59 отсто, додека изборната листа „Надеж за Србија“ има 5,02 отсто.

Листата „Ние – гласот на народот – Бранимир Несторовиќ“ освоила 4,68 отсто, а сите други листи не го поминале прагот од три отсто, ако не се бројат малцинските кои имаат праг на пораст.

Опозицијата и натаму се надева на победа во Белград, додавајќи дека има 21.000 гласови помалку од СНС, но само затоа што 40.000 луѓе без легално престојувалиште во главниот град организирано биле донесени на гласање за да ја поддржат владејачката листа. Слично како македонското сценарио со гласачите од Пустец, што власта на Груевски ги впиша илегално на неколку адреси во скопската општина Центар.

Едно од најголемите изненадувања на изборите е големиот пад на поддршката за некогаш најмоќната, Социјалистичка партија на Србија, чиј лидер Ивица Дачиќ, поранешен министер за надворешни работи, рече дека ќе понуди оставка од функцијата претседател на партијата, која беше во политичкиот живот на земјата од 1990-тите.

Социјалистите, кои на изборите излегоа со слоганот „Ивица Дачиќ премиер“, освоија околу шест отсто од гласовите, а на претходните избори имаа околу 12 отсто.

Уште едно големо изненадување на парламентарните избори е листата предводена од д-р Бранимир Несторовиќ со 4,8 отсто од гласовите. Несторовиќ е пулмолог, познат детски лекар, а на почетокот на пандемијата на корона вирусот беше член на државниот кризен штаб, а потоа го напушти, додека популарноста ја стекна кога почна да искажува ставови кои се спротивни на здравствената политика на Србија, спротивставувајќи се на мерките за вакцинација и заштита.

Протиќ: Во вакви услови, опозицијата толку можеше

Коментарите од независните и про – опозициски аналитичари во Србија  се дека во вакви услови на „практично заробена држава“ опозицијата и не можела да освои повеќе гласови.

„Вие не удирате на политички противник, туку удирате во ѕид, а тој ѕид во овој момент е несоборлив“, оценува историчарот Милан Протиќ.

„Ова не беа избори на различни политички партии. Тоа беа избори меѓу опозициските политички партии и еден режим, поредок и систем олицетворени во еден човек и една политичка партија“, рече Протиќ во емисијата „Нов ден“ на телевизијата Н1, една од ретките што не е под контрола на режимот на Вучиќ во Србија.

Според него, 30 проценти од освоените гласови на изборите е максимумот што може да се постигне во сегашните услови.

„Сѐ е во нивни раце и тоа не е од вчера, тоа е со години, а вие со голи раце треба да се спротивставите“. Тој посочува дека „против таков режим се излегува на улица“.

„Отидовме многу повеќе на улица против режимот на Милошевиќ отколку на изборите и на крајот победивме на улица. Сè помалку веруваме во демократија“, вели Протиќ.

Како, наведе тој, „на овие избори се чинеше како роботи да гласаат, дека нивната свест е веќе формирана и дека само ќе го завршат она што им е кажано“.

„Сакам да кажам дека кога власта не прифаќа демократија, кога не сака доброволно да ги прифати правилата на игра, туку напротив, користи сѐ за да ја направи демократијата бесмислена и да ја задржи само празната лушпа што ја доживеавме вчера, тогаш нема простор за туѓа победа“, истакна тој.

Тој посочува дека опозицијата „навистина го постигна максимумот“ на изборите.

„Овие механизми на злоупотреба од ден на ден се подобруваат и кога ќе успеат да контролираат сè, како да се спротивставите на тоа – тие можат да направат сè и можат бесрамно. Дали тоа влијаело на резултатите од изборите во Белград е небитно, важно е дека прават такви работи и којзнае што, што ни јас ни вие не знаеме. За ова се подготвуваат десет години. Тоа го прават систематски и тоа е сѐ што ги интересира, единствениот проблем што го имаат е овој меѓународен притисок“, истакна Протиќ.

Пешиќ: САД и ЕУ ги интересира само завршување на косовското прашање, а не демократијата на Србија

А, кога сме кај меѓународниот притисок, поранешната претседателка на Граѓанскиот сојуз, Весна Пешиќ, смета дека, напротив,  Вучиќ и неговата партија дури имаат и поддршка од САД и Европската унија.

„Тие сакаат Вучиќ да остане. Пие вино со Макрон, Урсула фон дер Лајен го нарекува драг Александар, како да се пријатели. Западот очекува прашањето со Косово да се заврши. Тоа е сѐ што ги интересира. Србија не. Ниту Србија ќе влезе во ЕУ, ниту ЕУ ќе се прошири“.

Пешиќ наведува дека и пред изборите во 2000 година и на 5 октомври, и покрај големиот број луѓе на улица, поддршката од странство била суштинска.

„Западот за првпат сериозно ги поддржа напорите за промена на власта, а Игор Иванов, министерот за надворешни работи на Русија, дојде да му каже на Милошевиќ да се повлече и тој се повлече. Во Србија неопходна е надворешна поддршка за промена на власта“.

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version