Министерот за здравство Азир Алиу најави сериозни промени: нема повеќе вработувања и специјализации по желба

„Здравството не може да се реформира на слепо. Не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат и со каква стручност се тие луѓе“, посочи министерот Алиу.

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска презентираше сериозни промени во пристапот кон здравствениот кадар – од воспоставување регистар на човечки ресурси до планови за вработување специјализанти и регионализација на услуги. Во фокусот се податоците, транспарентноста и воспоставувањето на точни политики базирани на реалните потреби. Но, и покрај најавите, прашањата остануваат големи: кадарот е недоволен, некои специјалности се критично слабо застапени, а реформите до сега се претежно на хартија.

Нема веќе конкурси за специјализации и за вработувања според желби, истакна Алиу, претставувајќи ја анализата на податоци на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ земјава.

Според министерот, ваква анализа за првпат е направена во земјава, податоците се достапни во реално време и отсега таа ќе биде матрица за вработувања, за префрлувања во други установи, за специјализации, бидејќи се случува да има преголем интерес за одредени области, а за други да фалат специјалисти.

Според моменталната ситуација во однос на специјалистите, меѓу другото, во земјава има 344 специјалисти по гинекологија и акушерство, 284 педијатри, 154 анестезиолози, 37 специјалисти за радиотерапија и онкологија, по еден лекар за детска и адолесцентна психијатрија, детска кардиохирургија, четири невропсихијатри.

„Сега знаеме колку медицински сестри, кардиолози, анестезиолози ни фалат во државата. Со оваа матрица на човечки ресурси ќе можеме правично да ги распределиме кадрите и да ја зголемиме ефикасноста на здравствениот систем. Отворање на конкурс за специјализанти нема да има по градови по желба на институцијата, ако не се вклопуваат со оваа матрица“, рече министерот

„Кога кажав дека здравствениот систем го гледаме како жив организам, а не како хаотична збирка од установи, многумина се прашуваа што значи тоа во пракса. Денеска имам прв одговор, анализа на податоците за моменталната состојба на човечки ресурси во сите здравствени установи“, додаде тој.

Оваа анализа е произлезена од вкрстување на податоци од повеќе институции, меѓу кои Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската и Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Управата за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Според анализата на Министерството за здравство, во земјава има вкупно 3 779 здравствени установи, од кои 2 942 се дел од мрежата на здравствени установи, а 837 се надвор од мрежата. Од нив, 2 830 се приватни, додека 112 се јавни здравствени установи, вклучувајќи ги и институции како Воениот медицински центар, МАНУ, Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во Скопје.

Бројот на вработени во јавниот и приватен сектор изнесува 32 383, од кои 18 536 се во јавни здравствени установи, а 13 847 во приватните. Од ти 13 847 вработени, 9 040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а преостанатите 4 807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор).

Од 18 536 вработени во јавното здравство, посочи министерот, 4 746 се лекари и медицински соработници на секундарно и терцијално ниво. Во јавните здравствени установи има 7 003 медицински сестри, како и останат медицински и немедицински кадар.

„Здравството не може да се реформира на слепо. Не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат и со каква стручност се тие луѓе“, посочи министерот Алиу.

Овие напори на Министерството за здравство се сосема во линија со заложбите на „Солуција“ и „Замисли“ за промени  и реформи во јавното здравство. Да потсетиме, после речиси две години интензивна институционална битка на „Солуција“ преку Граѓанската сила „Замисли“, а заедно со Македонското здружение на млади правници и двете еснафски организации – Клубот на млади лекари, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и Асоцијацијата на млади лекари – може да кажеме дека се гледа крајот – министерот за здравство Азир Алиу неодамна јавно се обврза дека главното барање за укинување на дискреционото право на директорите ќе биде исполнето.

Ова право директорите, кои се партиски поставени, редовно го злоупотребуваат кога има конкурси за вработување на нови лекари, па иако има процедура и рангирање, тие на крајот си вработуваат кандидати од партиските списоци. Алиу во интервју за Агенда 35 на МРТВ кажа дека самиот е против оваа практика и дека тој лично инсистира нејзиното укинување да биде вметнато во новите законски измени:
„Јавно информирам дека и за мене тој дел со дискреционото право е нелогичен. Кога се работи за доктор или за медицинска сестра не може директорот да одбере кој од нив е најдобар, ако има јасно рангирање на сите профили кои треба да се вработат. Јавно кажувам дека и јас сум против ова, што уште е и законско решение. Сега менуваме 12 закони, процедурата е во тек и јас ќе работам да се дефинира процесот, да биде транспарентен и меритократски и да биде вработен тој кој заслужува. На крајот на денот, тој доктор ќе опслужува граѓани, ние сме сите потенцијални пациенти и ќе се борам за процесот да мора да заврши до крај, а не меритократијата да се множи со нула.“

Министерот Азир Алиу во разговор со Катарина Синадиновска во емисијата „Агенда 35“ на МРТВ

На прашањето дали очекува политички притисок, оти токму преку ова дискреционо право, партиите си го одржуваат клиентелизмот во здравството, Алиу одговара:

„Ќе одам и чекор понатаму. Во здравството и во образованието ние си правиме контра услуга ако се политизираат тие процеси. Еве во образование, сите сме ние родители, утре на моето дете наставник ќе биде партиска личност, непрофесионализирана како што треба. Во здравството е уште пострашно. Уште еднаш напоменувам – секој од нас е потенцијален пациент во секој момент и вие не знаете кога ќе ви треба кој ќе биде од другата страна што ќе ви даде услуга. Јас сум сигурен, оти ова е разговарано и на ниво на Влада. Оваа Влада има јасни цели дека здравството мора да биде на здрави нозе“.

Укинувањето на дискреционото право на директорите во процесот на вработување на лекари е едно од клучните барања, што ги изготвивме за конечно да се смени Законот кој остава широко отворени раце за партиски злоупотреби. Иако и претходниот министер Арбен Таравари даде поддршка на иницијативата, Алиу е првиот кој конкретно се насочува кон укинување на самото дискреционо право, за кое забелешки немаат само докторите туку и целата експертска јавност.

„Замисли“ организираше серија дебати низ различни македонски градови, каде беше претставена оваа битка и заедничка акција за департизација на здравствениот систем, а објавивме и десетина интервјуа – сведоштва на млади лекари кои се соочиле со партиски притисоци во процесот на вработување. Дел од тие лекари, за жал, тие сведоштва ни ги дадоа веќе вработени во некоја од болниците во земјите од западна Европа.

Игор Петровски
Соосновач на „Солуција“, со над 20 години искуство во новинарството

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here