Билатералните спорови меѓу земјите-членки на Европската унија и земјите кандидати се една од клучните пречки за проширувањето на ЕУ. Тие го измачуваат процесот на пристапување во ЕУ уште од распадот на Југославија и граничниот спор меѓу членката на ЕУ Словенија и земјата кандидат Хрватска, кој што настана подоцна. Во поново време го имаме случајот со Северна Македонија. Таа стана земја-кандидат во 2005 година, но оттогаш нејзините пристапни преговори се заглавени со бескрајни билатерални спорови, се вели, меѓу другото, во анализата „Билатералните спорови и ЕУ проширувањето: Спогодбен развод“, што ја изработија заеднички Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Белградскиот центар за безбедносни политики (БЦБП).
Иако случајот со Северна Македонија и нејзините повеќедецениски конфликти со Грција и Бугарија се најпознати од таквите случаи, тие не се единствените, истакнуваат авторите на извештајот, Срѓан Цвијиќ, Никола Димитров, Лепосава Огњаноска Ставровска и Ивана Ранковиќ.
„Дури и кога земјата-кандидат ги исполнува критериумите за напредок во преговорите за пристапување во ЕУ, билатералните спорови можат да го одложат тоа со години или дури со децении, како во случајот со Северна Македонија. На овој начин, ваквите спорови претставуваат сериозен предизвик за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ. Во контекст на војната во Украина, како што видовме во однос на политиката на Унгарија на Виктор Орбан кон Украина, повикувањето на билатерални спорови може сериозно да ја предизвика геополитичката ориентација и безбедноста на целата Унија.“, се вели во анализата чиишто наоди деновиве беа претставени и на Лидерскиот форум во Тирана, организиран од „Солуција“ и БЦБП.
Од правна страна, бидејќи повеќето од овие прашања се надвор од опсегот на правото на ЕУ и не се опфатени со критериумите за пристапување, постои потреба да се размислува за институционален механизам за справување со билатералните спорови, објаснуваат понатаму авторите.
Политиката на проширување не нуди соодветна платформа за решавање на билатералните спорови, особено за оние кои се надвор од правото на ЕУ. Оттука, овие прашања треба да се решаваат преку алатникот за решавање на меѓународни правни спорови и на тој начин да бидат предмет на посебни процеси. Сепак, улогата на ЕУ не може да биде пасивна. Треба да вложи напори во овие процеси со цел тие меѓусебно да се зајакнуваат и процесот на пристапување да има ублажувачки, а не засилувачки ефект врз тензиите на ова прашање.
Во овој извештај, односно бриф за политики, авторите предлагаат начини како да се операционализира овој предлог. Прво, ги опишуваат различните видови вертикални билатерални спорови (оние кои вклучуваат асиметрични односи) меѓу членките на ЕУ и земјите кандидати од Западен Балкан, потоа ги опишуваат меѓународните механизми за нивно решавање и на крајот предлагаат институционална архитектура за отстранување на билатералните спорови што не се од обемот на критериумите од Копенхаген и правото на ЕУ од доменот на пристапните преговори со ЕУ.
Целото истражување на „Солуција“ и БЦБП може да го преземете на следниов линк.
