Почетна Позиција Доста самозалажување

Доста самозалажување

Имаме најавено ново вето за Акцискиот план, а вие уште зборувате што сакал да каже Вториот протокол и како уставните измени биле единствениот услов. Па, јас навистина немам друг коментар на ова освен - што ви е проблемот?

„Да се самозалажуваш е прашање на утеха, да престанеш тоа да го правиш е прашање на интегритет“,  Орин Вудворд

Со неверување ја следам дебатава за тоа што сакал да каже писателот во Вториот протокол со Бугарија.
Велам, со неверување оти тоа што писателот сакаше да го каже не го кажа туку го напиша – црно на бело. Пред четири години.
Затоа ќе бидам многу отворена – простор за толкување тука има само за:
а) наивни утописти
б) незаинтересирани
в) луѓе кои не разбираат што читаат


Да одиме со ред…


Прво, оваа  дебата требаше да се одвива пред четири години. Доцните…
Ама тогаш наместо дебата се организираа владини кампањи против критичарите, премиерот ги навредуваше, се расфрлаа закани за бркање од работа (дописничката на МИА од Брисел и ја избркаа), се следеа тајно и незаконски истакнати луѓе и секој глас против се ставаше во кошот на русофили кои подготвуваат хибриден напад.
Тогаш, наместо дебата, пратениците гласаа заклучоци на слепо, без да го видат целиот пакет, оти тој не им беше достапен.
Исто така, тогаш, како што има сведоштва на дел од тогашната влада и тоа не е тајна, тоа сите го знаат – не само што пратениците немале увид во пакетот, туку немале ни министрите, со исклучок на неколкумина.
Ќе помине можеби уште време, ама порано или подоцна, ќе се одважат барем некои од овие луѓе (тоа сум сигурна, оти дел од нив и лично ги почитувам) пред себеси и пред татковината и ова ќе го кажат и јавно, не само зад врати – дека гласале без да видат сѐ.
За крај, тогаш немаше ниту една заедничка прес конференција на македонската и на бугарската страна, каде нашите пред бугарските колеги ќе кажеа дека процесот не е отруен од историја и од билатерални прашања.
Знаете зошто?
Сите знаеме зошто.
Замислете за Преспанскиот договор, поддржувачите овде да викаа – абе, баталете тоа што пишува таму „Северна“ пу, пу не важи, битно е како ние ќе го толкуваме, не како го толкува Грција и целиот свет, ние ќе си го толкуваме како нам ни е ќеиф. Исто и во Грција да викаа –  абе нема врска што сме признале македонски јазик и народ, што тие си ја затворија личната карта во ООН, битна си е нашата интерпретација…
Е на тоа е сведено ова сега – да се игнорираат преземените обврски со некоја одлепена надеж дека тие ќе исчезнат или дека утре соседот ќе стане на ногата што нема да нѐ гази.

Опасна манипулација


Притоа, просторот за двосмислени толкувања (наменет само за оние во трите категории погоре) е свесно оставен (тоа е она што се случи помеѓу историското гордо “не” што се претвори во понизно “да” во само неколку дена) со лексички игри без граници, преименувања и еуфемизми, но тоа никако не ја менува суштината.
А суштината е како на овој пакет не гледаат македонските добронамерници (да ги наречеме благо), па дури ни македонските остри критичари, туку како гледа Софија.
Жалам. Тоа е тоа!
Тоа го прифативте и тоа го прегрнавте.
И сега се тешите дека не е толку страшно.

На Радев можеме да му забележиме милион работи, но никогаш не и недоследност – човекот е кристално јасен дека за завршување на преговорите (значи внимавајте – не за почеток! ) ние мораме да го спроведеме сето тоа што таму е наведено.
Не уставните измени. Туку сѐ.
Тој (читај Бугарија, оти тоа е усогласена државна позиција, нешто за што Македонија може да сонува) не нѐ охрабрува и не нѐ поттикнува.
Ни наложува.
Точка. Извичник!
И затоа протоколот е и пикнат таму каде што не му е местото – во Преговарачката рамка. Тоа е она што е клучно различно и од првиот протокол и од самиот Договор за пријателство (иако има и други проблематични аспекти). Затоа таму пишува јасно дека целта е сите охрабрувања и препораки да завршат до членството на Македонија во ЕУ. Да бидат внимавајте – целосно имплементирани! Зошто стои таа реченица? За украс?
И тоа е тоа што е суштината.
Оти, ако протоколот е небитен и ако само охрабрува и ако така на тоа гледаат и нашите соседи, тогаш многу лесно може да се извади од таму и тие да продолжат да нѐ “храбрат” билатерално. Како што и требаше да биде и како што целата ЕУ поддржуваше да биде сѐ додека ние не ја сменивме плочата сами, па официјалната македонска политика наеднаш се сврте за 180 степени и целосно смени курс (се надевам дека еден ден ќе излезат сведоштва и за овие причини!).


Е, ова да се одбие да се види и да се слуша, само затоа што не ни одговара на нашите замисли за Европа, на нашите лични преференции и на нашите лични антагонизми е елементарна неодговорност.
И од мене толку – ова е последен пат што јас коментирам за тоа што значи пакетот.
Дебатите и наводните дилеми дали тоа што е јасна и напишана обврска може да омекне во тапкање по рамо се манипулација, спин и дефокус.

Игнорирање на факти


И немојте да мислите дека случајно се отвораат токму сега – кога така тивко меѓу македонските оптимисти помина новото најавено вето. Тоа за акцискиот план.
Значи, процесот се одвива токму така како што и кажаа сите сериозни познавачи и експерти не само дома туку и во Европа  – вето по вето, блокада по блокада сѐ до конечното прифаќање на сите бугарски барања.
И ете – сега имаме ново вето.
Нова блокада.
А вие уште зборувате за уставните измени како за единствен услов.
Па, јас навистина немам друг коментар на ова освен – што ви е проблемот?
Еве денеска да ги донесеме измените, џабе е – веќе имаме нова мака.
Свесни сте дека во моментов залудни се уставните измени!?
Пак нема преговори без Акцискиот план којшто за сите членки е таман, освен за Бугарија.
И тоа не е крај – ако овде попуштиме сѐ – тогаш следуваат бројките, па следува историската комисија и вадење душа и таму, памук по памук…
Значи патот е нацртан многу јасно, нема простор ама баш за никакви интерпретации и ако после и ова со Акцискиот план уште некому не му е јасен, тогаш овде проблемот е друг и е поголем.

Значи, имаме нацртано ново вето. Уставните измени веќе нема да се доволни.
И сега што правиме?
Зошто за тоа не зборуваме?
Или мислите и сите забелешки за Акцискиот план да ги прифатиме!? Тоа мислите? И тоа ви е ОК? Ова се за вас преговори со ЕУ?
Да продолжиме да прифаќаме сѐ до крај во еден процес на агонија, којшто врска нема да има со реформи дома, туку со исполнување на туѓи визии за македонскиот идентитет и државност!?

Сигурни во себе или само епски наивни?



Ако е така, жалам што ќе ве разочарам, ама тоа не е опција. И никогаш нема да биде без разлика какви закани се шират наоколу и колку отворено се инвестира во создавање на тензии од секаков тип дома.

Притоа, приказните дека критиките за пакетот доаѓаат од несигурни во себеси и во сопствениот идентитет се смешни – јас не барам гаранции (јас сум против тој термин од самиот старт!), јас барам заштита од натамошни изживувања кои немаат врска со европската приказна.
Не оти ми треба потврда или гаранција за идентитетот (тоа е таа шашма од другата страна што исто прави штета), туку од проста причина што ова не е и нема никогаш да биде патот за процес на европски преговори.
Па, како да ви кажам, барем за мене е јасно – тие кои ме познавате, многу добро знаете дека ако мене нешто не ми фали тоа е самодоверба!
Затоа, таа пропаганда кај мене и кај сите како мене не поминува.
Не е дека нам ни фали самодоверба, туку на другата страна фали базична одговорност за да се амортизираат сите дупки во кои е јасно предвидено да пропаѓаме и пропаѓаме и пропаѓаме…

Не смее веќе да се чека


И тука доаѓаме до клучното – ако ова не поминува, тогаш што ќе помине и кое е чарето!?
Е за тоа, драги мои треба да зборуваме.
За тоа требаше да зборуваме уште вчера. За тоа доцниме да зборуваме…
Затоа што оваа тема се претвори во ужасна политичка пресметка, наместо во одговорно водење на државна политика.
Решенија има. Не едно.
Решенија нудат многу умови и сите тие треба да бидат разгледани со должна сериозност, без партиски калкулации и тепачки и главно – без лаги и самозалажувања.
Европската Унија се наоѓа во многу важен момент – пред процес е на сериозни внатрешни реформи и поместувања.

Ова не е ново. Ново е за нашиве еврофили, кои исто како што одбиваа да ги видат сите пропусти во пакетот со Бугарија, не сакаа да се помират со фактот дека ЕУ ќе се менува. Тие до вчера убедуваа дека проширувањето ќе биде како и до сега и обвинуваа дека ние кои живееме дневно со европската дебата директно од европските метрополи, сме евроскептици кога ги најавувавме сите можности за тоа како ЕУ ќе се развива и како ќе изгледа во иднина. Притоа неразбирајќи дека промената на ЕУ не е нужно лоша и дека целиот Балкан и сите кандидати ќе имаат повеќе корист од една искрена и реална конечна понуда, отколку од празни ветувања на комесари кои си доаѓаат и одат изгубени во моментуми (нешто што и Рама и еден Вучиќ го разбраа).

И факт е дека на таа понуда посветено се работи како никогаш претходно.
Затоа, малку е да се каже дека ако ние не се вклучиме активно во тие текови – тогаш ќе покажеме една опасна историска глупавост. Што нема да ни е прва.
Затоа, нас не смее да не нема.
Ние мора да сме двојно поприсутни од сега. Тоа што се случи во Тиват, сите тие важни средби и разговори – тоа мора да е секојдневие на различни нивоа, и тоа не само политички, туку и економски, културни, помеѓу медиумите, помеѓу невладиниот сектор… секаде и секогаш да сме, секаде и секогаш да се бара решение и пат.
Оти, тоа е сега главно – има ли државата капацитет, има ли ова општество сила да се издигне над тесните интереси и суети и да најде заеднички јазик за тоа како напред!?
Не може да нема.
Јас тој капацитет и тие можности ги гледам, низ разговори со луѓе од многу различни партии, од академијата, од мојата сфера, помеѓу дипломатскиот кор дома, меѓу многу министри и премиери надвор…
Затоа, мора да се отвори една суштинска дебата за излез од оваа ситуација. Ама навистина. Не за поза, не за купување време, не за продавање приказни на ЕУ и не за политички напади. Искрено барање на решение. Конструктивно со предлози и со идеи. Да се седне на маса за да се слуша и разбере, не само да се каже.
Гледам дека лидерката на ЛДП, Моника Зајкова се обидува да наметне таков наратив. И тоа е за почит кога доаѓа од една млада политичарка и од една мала партија.
Нам може да ни се допаѓаат или не нејзините решенија, но тоа е духот во којшто дебатата треба да се води – со конкретни предлози, со еден здрав притисок и со јасно согледување на реалноста во која и стоењето во место и улавото газење без соодветни чевли за Македонија денес се еднакво опасни!

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version