Претседателот на „Солуција“ Никола Димитров и поранешен министер за надворешни порача од конференција во Талин, Естонија, дека ЕУ треба да размислува за некаков вид супер квалификувано мнозинство при процесот на одлучување за проширувањето.
„Постојат толку многу нијанси на сиво помеѓу целосната едногласност и гласање со квалификувано мнозинство во преодните фази на проширувањето. Поранешниот италијански премиер Енрико Лета предложи – зошто да немаме супер квалификувано мнозинство, каде што, ако сакате да блокирате одлука за проширување, ќе треба да најдете уште две земји членки да ве поддржат? Значи, своевидна едногласност минус три.“, истакна Димитров на панел во рамки на конференцијата посветена на ЕУ проширувањето. На панелот со наслов “Билатерални спорови: кога и како да се решат?“ учествуваа и Бриџит Лафан, универзитетски професор и политиколог, како и Аиво Орав, актуелен шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово и поранешен евроамбасадор во Македонија.
Димитров потсети дека земјава, за жал, е ветеран во процесот на пристапување кон ЕУ, и дека всушност го почнала процесот заедно со Хрватска, која веќе од 2013 е полноправна членка, додека земјава сѐ уште ги нема практично ни почнато преговорите.
„Причините за тоа не се суштински во заостанување со реформите, ние во моментов заостануваме само зад Црна Гора во смисла на целосна подготвеност, односно, сме втори на списокот на земји-кандидатки. Застојот е првенствено поради билатерални спорови, поради кои загубивме толку многу години.“, рече Димитров.
Тој рече дека и покрај тоа што Македонија после долго време и мачни преговори успеа да го реши спорот околу името со Грција, Европа не го исполни тоа што го ветила.

„Преговорите за пристапување во ЕУ за жал не ги почнавме, затоа што се испречи друг билатерален спор со земја членка, овој пат со Бугарија. Сметам дека тоа беше пропуштена шанса од Европа да испрати порака до останатите земји-кандидатки од регионов, дека сепак вреди вложувањето на политички капитал во решавање на тешки прашања, дека ЕУ ќе биде тука за вас, ќе ги исполни своите ветувања. Наместо тоа, се испрати обратната порака, дека може да бидете оставени сами на себе. Вметнувањето на билатерални спорови во преговарачкиот процес целосно го поткопува она што сите го знаеме како мерит-базиран процес. Сѐ додека не најдеме решение да го зачуваме интегритетот на преговарачкиот процес, да го раздвоиме од билатералните спорови и нив да ги решаваме на друг начин, сѐ дотогаш мерит-системот во преговарачкиот процес ќе биде доведуван во прашање“, рече Димитров.
Претходно, во своето обраќање на настанот, еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека ЕУ не смее да добие тројански коњ со проширувањето и дека сѐ уште нема политичка волја за гласање со квалификувано мнозинство.
Според Кос, има пет клучни елементи во проширувањето, а првиот е дека не треба да има покус пат за реформите. Порача дека ЕУ треба да биде заштитена од извесни чекори наназад и предложи – новите договори за пристапување, да содржат посилни заштитни мерки за почитување на фундаменталните вредности. Најави дека Црна Гора би можела да биде првата со таков нов вид договор.
„Прво, нема покус пат за реформите. Борбата против корупцијата и изградбата на демократските институции остануваат темелот на проширувањето. Целосното членство во ЕУ никогаш не смее да биде на штета на тие темелни вредности. Второ, без тројански коњи. Потребна ни е полиса за осигурување против чекори наназад. Лекцијата научена од 2004-та е дека треба да имаме заштитни механизми кои ќе гарантираат дека новите членки ќе се придржуваат до правилата и дека интегритетот на Унијата е заштитен дури и 5, 10 или 20 години подоцна.“
Кос исто така рече дека ЕУ треба да се подготви за проширувањето, но и да ги награди кандидатките кои ги исполнуваат реформите. На прашање за гласање со квалификувано мнозинство, еврокомесарката Кос порача дека новата методологија остава простор за вето на секој чекор и дека Комисијата се обидела да го стави на маса предлогот за гласање со квалификувано мнозинство, но сѐ уште нема политичка волја меѓу членките.
Спорот меѓу Скопје и Софија покажа дека се дава несразмерна моќ на една членка – наспроти кандидатка за влез во ЕУ, порачаа дел од панелистите.
Бриџит Лафан, професор-емерита во Центарот за напредни студии „Роберт Шуман“ при Европскиот универзитетски институт истакна дека билатералното прашање со Бугарија сосема неоправдано стана вградено во самиот процес на проширување.
„Мислам дека тоа е крајно нездраво, некорисно и овозможува ситуација, каде што се дава несразмерна моќ на една земја членка во однос на земја кандидат.“
Конференцијата со назив „Два чекори напред, еден чекор назад?“ се одржа на 13 февруари во естонската метропола, во организација на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност (ICDS).