Почетна Граѓанска сила Студентската листа го победи Вучиќ во Србија, автократот заминува од власт по...

Студентската листа го победи Вучиќ во Србија, автократот заминува од власт по 14 години

Вонредните парламентарни избори во Србија се одржаа после две години силно граѓанско движење за промени што го предводеа студентите, а иницирано од трагичниот настан во Нови Сад, кога на 1 ноември 2024 по падот на настрешницата на железничката станица загинаа 16 луѓе.

Фото: М.М. ATAImages

Носителот на изборната листа „Обединета Србија“ – Александар Вучиќ вечерва во 21,30 часот се појави во седиштето на Српската напредна партија (СНП) и призна дека ги изгубил изборите. Тоа е првиот пораз на Вучиќ на сите избори од 2012 година досега. Ова е тектонска промена во Србија, која ќе има реперкусии и во целиот регион. Неговиот пад е вториот во низа на авторитарни лидери во поширокиот регион – по големиот пораз на Виктор Орбан на изборите во април во Унгарија.

„Врз основа на примерокот е јасно дека ние овие избори ги загубивме“, порача Вучиќ  и објави дека Студентската листа има околу 130 пратенички мандати, а неговата СНП околу 105, како и дека ниедна друга листа не успеала да влезе во парламентот.

Официјалните бројки сè уште се чекаат, но одѕивот на гласачите беше исклучително висок,  околу 70 проценти од вкупниот број на запишани 6,45 милиони граѓани. Локалните аналитичари посочуваат дека поради демографските движења, реалното население со право на глас во Србија изнесува околу 5,4 милиони луѓе, што ја зголемува фактичката излезност на рекордни 82 отсто. Последните бројки од проекциите на Ипсос и Цесид покажаа дека Студентската листа ќе има 138 пратенички места, додека коалицијата предводена од Вучиќ 104.

Славје низ улиците на Србија откако се дозна дека Студентската листа победила на изборите. Фото: Александар Латас, „Данас“

Кандидатот на Студентската листа и кошаркарската легенда Дејан Бодирога рече дека победата ја очекувал и дека младоста денеска победила, како што пренесе „Данас“.

Како што вели, граѓаните избрале каква земја сакаат, а не стравувал дека Вучиќ нема да го признае поразот. “Не размислувавме за тоа, се фокусиравме само на нас“, изјави Бодирога.

Да потсетиме, Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција минатиот месец откако распиша предвремени избори – потег со цел да ја консолидира својата моќ, со намера да се кандидира за премиер.

Долги редици се формираа пред гласачките места низ целата земја, а дури и Александар Вучиќ мораше да чека два часа пред да го даде својот глас.

Вонредните парламентарни избори во Србија се одржаа после речиси две години силно граѓанско движење за промени што го предводеа српските студенти, а иницирано од трагичниот настан во Нови Сад, кога на 1 ноември 2024 поради пад на настрешница на железничката станица загинаа 16 луѓе.

Меѓу првите честитки од европските лидери за победата на студентите беше онаа од унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој на платформата Х напиша дека веднаш им се јавил телефонски на лидерите на движењето за да им честита. Тој им вети целосна поддршка од Унгарија на новите власти и направи паралела со сопствената победа во април годинава кога беше соборен Виктор Орбан, истакнувајќи го падот на автократските сојузници во регионот: „Во Србија Вучиќ призна пораз. Студентската листа освои апсолутно мнозинство. Славјето започна на улиците низ Србија. Звучи познато?“, напиша тој.

Иако Студентската листа во својот манифест зазеде претпазлив став кон ЕУ и не вети безусловен влез (нагласувајќи го блокот примарно како економски партнер), за Брисел сепак падот на СНП по 14 години власт отвора простор за деблокада на евроинтеграциите преку вистински реформи, наместо досегашната „декоративна дипломатија“. ЕУ ќе инсистира новата влада веднаш да се посвети на исполнување на привремените мерила во клучните поглавја (т.н. IBAR статус), што подразбира итна борба против корупцијата, зајакнување на независноста на правосудството и враќање на слободата на медиумите – теми кои беа катализатор за двегодишните протести по трагедијата во Нови Сад.

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version