„Трудница избркана од работа во 33. недела од бременоста откако газдите отвориле нова фирма, ги префрлиле сите вработени и само неа ја оставиле во згаснатата“…„Кажала дека е бремена, утредента добила отказ, па завршила на психијатар, Комисијата за заштита утврди најтежок вид дискриминација“…„Конфекциска работничка избркана од работа зашто побарала боледување за да се грижи за двегодишно дете со сипаници“…„Магационерка избркана од работа веднаш штом покажала документ за едномесечно боледување поради патолошка бременост, утврдена дискриминација“…
Ова се само дел од насловите што ги позајмивме од порталот СДК.мк од написи што известиле за тежок вид на дискриминација од македонски работодавци кон жени, бремени или мајки, во последниве година – две. За жал, праксата на кршење на правата на вработените жени (и мажи) во ситуации кога работодавецот треба да покаже особена општествена одговорност, почитување на законската регулатива и поддршка, како што се бременост, тешки болести, итн., не е ништо ново во Македонија.
Случајот на скопјанката Лепосава Огњаноска – Ставровска, доктор на правни науки и активистка и поддржувач на „Солуција“ и „Замисли“ е меѓу најновите во низата дискриминации врз основа на бременост и мајчинство во работните односи, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна интерсекциска дискриминација во нејзиниот ангажман на приватниот Меѓународен балкански универзитет во Скопје. (целосната одлука на Комисијата, аргументите од претставката на Огњаноска – Ставровска и одговорот на Универзитетот може да ги прочитате овде)
Постапката била иницирана по претставка поднесена на 10 ноември 2025 година, во која Огњаноска навела дека како асистентка на Правниот факултет при Универзитетот била изложена на нееднаков третман, кој кулминирал со одлуката нејзиниот договор за вработување да не биде продолжен во период кога била бремена. Таа посочила дека во текот на целиот работен ангажман, од октомври 2022 до октомври 2025 година, ги извршувала обврските професионално и активно учествувала во наставно-научниот процес.
„Во одлуката на Комисијата се вели дека прекинот на работниот однос од страна на мојот претходен работодавач е исклучиво од дискриминаторна природа. И тоа, се случува истата година кога добив награда за исклучителни академски достигнувања, по завршени докторски студии – ова не го велам за да си ја истакнам квалификацијата туку за да посочам дека ваквиот вознемирувачки третман е присутен дури и онаму каде што дејноста е од јавен интерес и подразбира оформување на идни кадри во професија во која интегритетот е и формален услов за нејзино практикување“, вели нашата соговорничка.

Во претставката до КСЗД таа навела и дека во декември 2024 година се стекнала со титула доктор на правни науки и ги исполнила условите за избор во звање доцент, дури и надминувајќи ги пропишаните критериуми. Сепак, не било отворено соодветно работно место за нејзино унапредување, додека во истиот период, според нејзините наводи, биле унапредувани машки колеги.
Дополнително, Огњаноска – Ставровска укажува дека по промената на раководството во 2023 година, работната атмосфера се влошила, особено за жените вработени, кои се соочувале со зголемена несигурност и притисоци. Таа посочува и на претходни случаи во кои на жени им бил прекинуван работниот однос по користење породилно отсуство или боледување за грижа на дете.
Клучниот пресврт, според нејзините тврдења, се случил по известувањето за бременоста во април 2025 година. Иако, како што наведува, добила уверувања од ректорот дека договорот ќе ѝ биде продолжен и дека ќе може да ги искористи законските права за породилно отсуство, во септември истата година била известена – прво усно, а потоа и писмено – дека договорот нема да ѝ биде обновен поради негово истекување.
Оваа одлука, според неа, предизвикала сериозен стрес и здравствени последици, поради што морала да користи боледување и да побара медицинска помош. Таа смета дека вистинската причина за ваквиот исход е нејзината бременост, особено имајќи предвид дека во истиот период биле објавени огласи за нови вработувања, вклучително и за позиции во нејзината област.
„Она што јас го преживеав во осмиот месец од бременоста не сакам да го доживее ниту една жена, а богами ниту еден маж – во улога на сопруг, татко, иден татко. Токму затоа и ја покренав постапката, иако се сомневам дека ќе влијае врз ‘искусниот дискриминатор’ кому ова му е трето вакво поведение поради што и квалификаторно е уште потешка – повторена дискриминација. Да напоменам дека воопшто ме немаат контактирано за постапување по одлуката што налага компензација за материјалната и нематеријална штета, како и извинување.“, додава Огњаноска – Ставровска.
Од универзитетот, пак, во својот одговор до КСЗД тврдат дека договорот на Огњаноска бил склучен на определено време од три години и дека истиот престанал да важи по сила на закон, негирајќи дека станува збор за дискриминација.
Сепак, Комисијата оценила дека Универзитетот не доставил доволно релевантни и објективни аргументи за да ја оспори поврзаноста меѓу бременоста и неповолниот третман. Во своето мислење, КСЗД наведува дека токму бременоста била клучниот фактор за непродолжување на договорот и за оневозможување на професионалното напредување на подносителката.
Покрај тоа, Комисијата утврдила и постоење на вознемирување, поврзано со несоодветни коментари и однесување кон Огњаноска во контекст на нејзината бременост и мајчинство.
Особено значаен е заклучокот дека не станува збор за изолиран случај. Според КСЗД, претходно веќе биле донесени мислења со кои се утврдува дискриминација врз други вработени жени на истиот универзитет, што укажува на поширок образец на повторена дискриминација врз основа на пол и род. Во 2024 година, Комисијата констатирала интерсекциска дискриминација и во случај на шест жени на кои им бил прекинат работниот однос без соодветно образложение.
Со цел да се отстранат последиците од утврдената дискриминација, Комисијата препорачала универзитетот во рок од 60 дена да ѝ надомести материјална и нематеријална штета на Огњаноска – Ставровска, како и да воспостави внатрешни политики за заштита на бремените работнички и мајките. Исто така, на ректорот му е препорачано во рок од 30 дена да упати писмено извинување.
Во случај овие препораки да не бидат реализирани, КСЗД најави можност за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.
Огњаноска вели дека одлуката ја примила на 10 март, но дека до денес не била контактирана од страна на универзитетот во врска со нејзиното спроведување, вклучително и во делот на компензацијата и извинувањето.
„Јас денес, сепак, сум неизмерно среќна благодарение на Бога пред сè, со поддршка од семејството, пријателите и гинеколошкиот тим, да ја држам во раце мојата ќерка. Ние двете ја добивме најтешката битка – за жал, неодамна во јавноста слушнавме за случаи кои завршиле фатално и искрено сочувствувам со нив. Допрва ни следи правна и егзистенцијална битка, но верувам дека ќе победиме, како што и покрај сè (наивно) верувам во правдата. Инаку, го имам достигнато фамозниот h фактор на цитираност 3 и ги исполнувам сите услови за избор во звање и според новиот предлог ЗВО – но како што континуирано се уверуваме во МКД квалитетот не се наградува туку – и буквално и фигуративно, се брка!“