Пожарите станаа своевиден бизарен „трејд марк“ на државава оваа година, почнувајќи од пожарот во дискотеката во Кочани којшто однесе 62 млади животи, преку шумските пожари летово, пожарот што уништи голем дел од фабриката на „Винчини“ во Виница, па сѐ до најновите пожари во скопските депонии и капакот на сѐ, пожарот во погон за рециклирање електронски отпад во скопско Трубарево од викендов.
Сега, отпадот не само што „системски“ и упорно се трупа по нашите улици, паркови, легални депонии, диви депонии и секаде кај што треба и не треба, туку сега и гори и прави дополнителна штета и ризик за здравјето на луѓето и за заштита на животната средина.
“Пресиромашни сме за да воведуваме скандинавски решенија за отпадот“, рече премиерот Мицкоски деновиве среде низата од пожари што се случуваа во Скопје и околината, на забелешката на екологистите дека државава не треба да размислува за депонии како решение за отпадот, та колку и да биле тие современи, туку да се стреми кон целосно рециклирање на сите видови отпад, како дел од т.н. циркуларна економија.
Пресиромашни сме за долгорочни системски решенија, но по сѐ изгледа сме пребогати за потоа да ја плаќаме највисоката цена за сѐ. Ние сме сиромашниот од народната поговорка, што сѐ плаќа двојно на крајот. А, за да биде иронијата поголема, најновиот пожар што се случи во околината на Скопје е токму во објект што треба да придонесе за таа циркуларна економија и заштита на нашата животна средина и здравје, поточно магацин за чување на секаков вид електронски отпад, собран таму со цел да ги ослободи граѓаните од непотребните мобилни телефони, батерии, телевизори и други електронски уреди, и потоа да се третира на начин еколошки, нештетен начин. Но, отровните материи што сега излегуваат во воздухот се и тоа како штетни и опасни по животот на луѓето, иако надлежните сѐ уште мерат и испитуваат што сѐ од тешки метали излегло од батериите и електрониката, и потоа се распрснало со ветровите низ целиот град.

Што се случи? На 13 септември, сабота, голем пожар ја зафати фабриката за рециклирање на електронски отпад на компанијата „Ф-Групација“ – инаку соработници на платформата „Нула отпад“ – лоцирана во скопското село Трубарево. Густ, црн чад се надви над главниот град, а борбата со огнената стихија траеше повеќе од 15 часа. Како да не беа доволни пожарите во градската депонија „Дрисла“ и дивата депонија „Вардариште“ што изминатиов период наизменично избувнуваа, па ги гасеа, па повторно се распламтуваа под крајно сомнителни околности, додека граѓаните сведочеа на тешка миризба од изгорена пластика и гума што се чувствува во воздухот со денови.
А, колку може сето тоа да биде опасно, конкретно како последица од најновиот пожар, посочува и нашата сограѓанка Искра Јанковска – Михајловска, која што, инаку, работи на докторат на тема заштита на литиумските батерии од горење.
„Кога ќе се иницира термичко распаѓање во литиум-јонска батерија, било да е од надворешно влијание – удар или од изложување на висока температура, процесот на термално разлагање е невозможно да се прекине. Секакво гаснење е само заштита на околните работи да не се запалат од високите температури кои се развиваат со горењето на батеријата, односно на електролитот што е составен дел од ќелијата на една батерија. Горењето на батериите е проследено со многу чад, се слуша шиштење дури и мали експлозии. Токсичната средина која се создава при горење е со висока концентарција на разни соединенија, но една од најтоксичните покрај стандардните CO, CO₂, NOxите е HF- хидроген флурид која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични. При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на HF-хидроген флурид.“, објаснува Јанковска – Михајловска на својот ФБ профил.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако неколку денови за време на пожарите во „Вардариште“ и „Дрисла“ и тешката миризба во воздухот што на моменти ги штипеше очите и го надразнуваше грлото, глумеше некаква ненадлежност и немешање во својата работа, после најновиот случај во „Трубарево“ конечно излезе со препорака до граѓаните „во областите каде што постои ризик од загаден воздух, да останат внатре и да ги затворат прозорците, особено во областите во непосредна близина на местата каде што има активни пожари“. Кои се тие области каде што постои ризик? Дали само непосредно до пожарите или низ целиот град? Што значи тоа што воздухот смрди веќе цела седмица? Што со ветровите што постојано го менуваат правецот на движење на чадот и штетните честички, дали и останатите населби се загрозени? Граѓаните се збунети, ама извинете, со право, затоа што гледаме некоординираност кај институциите, а досега официјално четири лица се хоспитализирани поради вдишување од чадот, со сѐ директорот на Центарот за управување со кризи. Оправдувањата на директорката на ИЈЗ дека иако препораките се прилично општи, но тие биле во согласност со меѓународната пракса и стандарди, не помагаат многу.

Однесувањето пак, на партиите во целиот овој хаос со пожарите е приказна за себе. Ограничени во своите етнички кампуси, си ја префрлаат вината едни на други. Па така, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека состојбата излегува од контрола, Македонија се соочува со еколошка и безбедносна катастрофа, и земјата станува опасно место за живеење. Неговиот кандидат за градоначалник за општина Центар, во истото тоа опасно место за живеење, истата вечер организира журка со млади, терајќи си ја кампањата за претстојните локални избори. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не пропуштија да ја обвинат опозицијата дека тие досега ништо не направиле за решавање на проблемите со депониите, а за најновиве пожари премиерот Мицкоски рече дека се дел од хибриден напад, коишто доаѓа од центри на моќ од дома и надвор, коишто не сакаат неговата влада да биде успешна.
Од опозициската ДУИ му порачаа на министерот за животна средина и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, веднаш да си поднесе оставка, затоа што не знае да се справи со труењето на народот, а од неговата Влен им одговорија дека нема тие што да зборуваат за воздухот, бидејќи 20 години системски го труеле народот со корупција. Патем, ако сте заборавиле, токму истиот тој Меџити беше 20 години дел од истата таа ДУИ.
Партиите ако не се виновни за подметнување на пожарите (иако и тоа не е сигурно, барем според некои индиции на премиерот), секако се највиновни за системските слабости наталожени со децении коишто доведуваат до отсуство на превенција, стандарди за заштита, како и соодветни реакции кога ќе се случи катастрофата. Трагедијата што ни се случи во Кочани извади на површина еден куп системски слабости при (не)постапувањето на институциите што довеле индиректно или директно до настанување на пожарот во дискотеката. Како последица на тоа, нацијата којашто беше во шок, почна како мантра да ги повторува зборовите “ресет на системот“, „ресет на системот“… Но, дали научивме нешто од таа трагедија и почнавме со ресетот? Очигледно не. Или како што рече еколошкиот активист и советник во Град Скопје од „Зелен хуман град“ Горјан Јовановски, “реакцијата на нашите закржлавени, р’ѓосани институции е истата како и секогаш овие 30 и кусур години – прво одбивање дека има проблем, после ветување дека ќе се испита, па потоа некои тивки препораки и паушални мерки“. Да не се крева паника, пред избори сме сепак.
Таа системска слабост, корупцијата, непотизмот, клиентелизмот, тесно-партиските интереси, кусогледоста, негативната селекција на кадри… сето ова доведе и до Кочани, и до модуларната во Тетово, и до Беса транс, и до настанувањето на дивите депонии, што на крајот некој и ги пали, веројатно намерно, заради постигнување на некакви цели и интереси.
Дури и самиот претставник на власта, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави пред новинари дека “ во оваа држава, за жал, каде и стапнете е труло.“ „Срам ми е што по 35 години немаме капацитети какви што треба да има една современа држава“, рече Тошковски, со забелешка дека тие сепак се справуваат со кризите подобро од своите претходници, односно “делуваат со ресурсите кои стојат на располагање и се справуваат максимално во насока на тоа што е потребно да се пристапи од една сериозна држава“.
Системската слабост и партизацијата на државата доведе до тоа во јавното претпријатие „Дрисла“ да имаме управен одбор со осум члена, како да се работи за НАСА, и повеќе раководители одошто во некоја голема извозна компанија во земјава, ама затоа никој оттаму не знае како може пожарот што првично демек ставен под контрола, потоа на „волшебен“ начин повторно се распламтил.
Впрочем, системската слабост и непланското работење доведе и до тоа во држава каде што имаме сѐ поголем ризик од пожари и слични катастрофи со изложеност на граѓаните на труења, да имаме само тројца субспецијалисти клинички токсиколози, со просечна старост од 64 години и две субспецијализантки десетина години помлади, како што истакна на својот ФБ профил истакнатиот професор и лекар токсиколог д-р Нико Беќаровски.
„ Бројот на акутни труења и експозиција на отрови и злоупотреба на психоактивни супстанции и дроги рапидно расте. За жал во држава како нашата потребата од клинички токсиколози и онколози рапидно ќе расте, без оглед колку овие специјализации и субспецијализации да не се атрактивни за младите доктори. Дебатите по телевизии и социјалните мрежи, ќе ги препуштам на колегите теоретичари и медиумските парадери, кои веќе излегуваат и од “вашите фрижидери”, јас морам да одморам до следното дежурство (5) петто во месец септември !!!“, напиша тој.