Бескомпромисна борба против партизацијата и клиентелизмот – рак раните на македонското општество – најави Никола Димитров, претседателот на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, новата невладина организација којашто ѝ се претстави на јавноста во четвртокот, на 27 април.
Првата иницијатива на „Солуција“, како што објасни Димитров, поранешниот министер за надворешни работи, вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор, ќе биде „мобилизација на сите здрави ткива, на сите острови на интегритет низ општеството и институциите“ во битката против партизацијата која е влезена во секоја пора од општеството.
„Нашата Македонија пропаѓа, како да ни се лизга низ прсти. На европското дно сме со квалитетот во образованието, здравството не’ убива, законот не важи еднакво секаде и за сите, неказнивоста царува, криминалите застаруваат. Клучната причина за ова е партизацијата. Кога критериумот е послушност кон партијата, а не натпревар на знаење и способност имаме и некадарност и неодговорност. Јавниот интерес, Републиката е под нозе на партиските и приватните интереси. Директорите на школите и болниците, на државните компании, учителките и докторите, обвинителите и судиите, инспекторите зависат и им должат на партиите. “, рече Димитров во своето обраќање.
Борба за мали и големи победи на кадарните, чесните и одговорните
Амбицијата на „Солуција“ е да ја спои експертизата на граѓанскиот сектор со силата на граѓаните и да се фокусира на решенија, на битка за поставување на јасна линија помеѓу партиското и државното, додаде тој. Оваа прва иницијатива на новиот тинк – тенк „Солуција“ е поддржана од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy), а нејзиното претставување се случи преку конференција наречена „Македонскиот ден на мрмотот: излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот“.

„ Нема да се бориме за функции, туку за системски и коренити промени на начинот на којшто се сфаќа политиката и политичкиот ангажман. Ќе направиме на партиите ѓаволски тешко да им биде да продолжат со парчосувањето на заедничкото наше. “
Никола Димитров, претседател на „Солуција“.
Димитров потенцираше и дека „Солуција“ заедно со своите поддржувачи нема да се бори за функции, туку за системски и коренити промени на начинот на којшто се сфаќа политиката и политичкиот ангажман.
„Ќе се бориме за мали, но и за големи победи на кадарните, одговорните и чесните, а целта ни е да им направиме на партиите ѓаволски тешко да им биде да продолжат со парчосувањето на заедничкото наше. Сите заедно не’ здружува сонот за здрава, функционална и средена држава.“
На крајот Димитров повика на заеднички притисок, предлагање решенија и борба.
„Велат не не‘ бивало. Од нас не бидувало држава. Ама овој народ, овој ист народ кога ќе се пресели и работи во систем што вреднува способност – го бива! Епа не ќе да е дека е до народот! Колкумина сме што знаеме дека не бива и дека ни го бива народот, ама системот не!? Колкумина се слободоумните и храбрите, професионалците, тие што почитуваат закон и плаќаат данок. Тие се надежта! Државата мора да им служи ним. Ајде да ја притиснеме! Ајде заедно да ги туркаме партиите таму каде што им е местото.“

На промоцијата на „Солуција“ говореа и Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, како и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Секој од нив во своето обраќање ги истакна битките кои ги водат во своите области на делување, но за коишто заедничка е битката за подобро општество ослободено од политичките, односно партиските влијанија.
Особено е свеж случајот со Синдикатот на контролорите на летање којшто неодамна се прослави откако успешно го спречи обидот на раководството на МНАВ да го поништи конкурсот за избор на нови контролори. Александар Тасевски, првиот човек на Синдикатот, ја потсети публиката во салата на М6 Едукативниот центар, дека контролорите сложно се заканија со колективни оставки, што автоматски значеше затворање на македонското небо. Пред овој притисок, што наиде на силна поддршка и од медиумите и од јавноста, директорите немаа избор – мораа да се повлечат и да дозволат вработување само на осумте вистински најдобри – „ничии“ деца. За целото ова искуство, но и за состојбите во МНАВ, како и во целата држава, каде што нападот врз кадарните професионалци од страна на партиските центри ја разјадува функционалноста на целиот систем, може да прочитате во интервјуто што го направивме со Тасевски за веб порталот на „Солуција“.
Поддршка од меѓународните пријатели
Во рамки на конференцијата што ја организираше „Солуција“ говореа и тројца угледни гости од странство – Рајнхард Прибе, Јоргос Папандреу и Филип Рикер. Тие беа дојдени во Скопје на покана на претседателот на „Солуција“, Димитров, да ја изразат својата поддршка за иницијативата што треба да донесе коренити промени во македонското општество.
Прибе, човекот што стана синоним за структурните реформи што Македонија требаше да ги почне во 2015 година, истакна дека вистинските реформи навистина ќе се случат само доколку постои длабоко чувство кај граѓаните за тоа колку се овие теми навистина важни.

„Вистинските реформи навистина ќе се случат само доколку постои длабоко чувство кај граѓаните за тоа колку се овие теми навистина важни.“
Рајнхард Прибе, човекот синоним за структурните реформи што требаше да почнат во 2015.
„И затоа сум многу среќен што чув од различни агли многу луѓе кои се ангажираат и ако притисокот дојде од граѓаните, од оние кои одлучуваат на денот на изборите, тогаш реформите ќе започнат“, рече Прибе на панелот.
Гостите од странство се согласија дека ја разбираат фрустрацијата на граѓаните поради тоа што земјата се дави во корупција и не напредува, но како што истакна Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во земјава и нејзин голем пријател, „битката е само наша“.
„Не сте сами во соочувањето со предизвиците од корупцијата, се соочуваме и во мојата земја. Но, мора да се справите со тоа, да се соочите и да донесете одлука дека ќе ги искористите сите алатки кои ви се дадени за да ги промените нештата.“

„Сега видов голема фрустрација во оваа земја. Оти нема напредок, од клиентелизмот и корупцијата. Мора да го промените начинот на кој ги водите нештата. Битката е ваша!“
Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во земјава и нејзин голем пријател.
Јоргос Папандреу, поранешен премиер на соседна Грција во чие време се направени длабински реформи на администрацијата и грчката локална самоуправа се надоврза дека мора да постои култура на транспарентност, ако сакаме да се избориме за здраво општество.
„Транспарентноста значи суштинско отворање кон јавноста. Ќе ви илустрирам со еден пример. Натеравме еден од солунските универзитети да ги објави јавно сите свои финансии и видовме дека годишно трошеле еден милион евра за чистење на објектите. Следната година само поради транспарентноста, сумата падна на 400 илјади евра.“ Папндреу порача дека на долг рок мора да се креира култура на транспарентно однесување, и тогаш може многу да се направи и не дозволувате да се уназадувате.

„Мора да постои култура на транспарентност!
Транспарентноста значи суштинско отворање кон јавноста!“
Јоргос Папандреу, поранешен премиер на соседна Грција во чие време се направени длабински реформи на администрацијата и грчката локална самоуправа
Инаку, на конференцијата на БЦКП „Солуција“ присуствуваа дваесетина амбасадори и членови на дипломатскиот кор во земјава, претставници на невладини организации и граѓански сектор, претставници на бизнис коморите, како и бројни поддржувачи и пријатели на организацијата.