Почетна Позиција Зошто македонскиот јазик е дефинитивно утврден во ЕУ со Преспанскиот договор

Зошто македонскиот јазик е дефинитивно утврден во ЕУ со Преспанскиот договор

Професор Вангелов ја разбива пропагандата дека именувањето на македонскиот јазик во европските документи било извојувано со францускиот предлог

Деновиве се појавија тврдења дека именувањето на македонскиот јазик во документите на Европската Унија нема никаква врска со Преспанскиот договор и дека произлегува исклучиво од сувереното право на државата сама да го именува својот јазик, од една страна, или дека појавувањето е резултат на „францускиот предлог“ од друга.

Формално-правно, секако е точно дека државата сама го именува својот службен јазик. Но кога ќе се погледне конкретната институционална практика на ЕУ, сликата е значително посложена.

Најпрво, вреди да се забележи дека во извештаите на Европската комисија за Македонија од 2005 до 2019 година не успеав да идентификувам ниту една употреба на терминот “Macedonian language”. Генерално извештаите немаат многу реферирања околу јазикот на државата бидејќи обработуваат други теми, но кога Комисијата се повикува на македонскиот јазик во некои од тие извештаи, користи формулации како “state language” или “official language”. Во истите извештаи не постои слична воздржаност кога се именуваат другите јазици во државата како албански, ромски и други. Доколку навистина би постоела симетрична воздржаност, таа би била формулирана на начин state language/official language и minority languages.

Но уште поинтересна документарна трага доаѓа од Меѓуинституционалниот прирачник за терминологија на ЕУ (Interinstitutional Style Guide), кој е задолжителен за сите институции и тела на Унијата.

Во верзиите пред стапувањето во сила на Преспанскиот договор (12 февруари 2019) постои јасна разлика меѓу јазиците на државите членки и јазиците на државите кандидати. За членките, покрај оригиналните називи, се наведуваат и англиски преводи на имињата на јазиците. За кандидатите такви преводи нема. Така, наместо англиски ознаки стојат само оригиналните форми: „македонски“, „српски“, „shqip“ и сл. Уште поинтересно, за кандидатите во изданието што има архивско датирање од 2004, пак, стојат називите и на оригиналниот јазик и преводот на англиски (Bulgarian, Croatian, Romanian, Turkish).

Во изданието архивирано на 15 декември 2008 година, пак, за тогашните кандидати стојат јазиците во кои има графа и за превод на англиски јазик дословно вака: hrvatski – Croatian, македонски – TO BE DEFINED, и türkçe – Turkish (при што за македонскиот отсуствува и меѓународниот код mk).

Потоа во верзијата архивирана во февруари 2009 почнува да се употребува практика јазиците на кандидатите да не се преведуваат на англиски туку да стојат само во оригиналниот јазик (тогаш hrvatski, македонски и türkçe).

Ако именувањето на македонскиот јазик во англиската терминологија на ЕУ навистина било едноставно и неспорно прашање на суверена самоидентификација, тогаш останува нејасно зошто токму македонскиот јазик според архивираните податоци во 2008 бил означен како “TO BE DEFINED”, додека хрватскиот и турскиот веќе имале утврдени англиски називи.

Самата ознака “TO BE DEFINED” има смисла само ако не станувало збор за спор околу оригиналниот назив на јазикот, туку околу неговиот англиски еквивалент. Никој не го оспорувал фактот дека јазикот на македонски се нарекува „македонски“. Прашањето било како тој назив ќе биде претставен во англиската терминологија на ЕУ во услови кога во истиот период беа оспорувани и името Македонија и придавките што произлегуваат од него, особено во однос на народот и јазикот. Токму затоа е тешко да се тврди дека терминолошкото прашање било целосно одвоено од поширокиот контекст на спорот за името. Според сето ова што го најдов, особено по епизодата “TO BE DEFINED” моето толкување е дека ЕУ потоа решила да не ги преведува називите на јазиците на сите кандидати за да не биде упадлив исклучокот што се прави за македонскиот јазик.

На 15 февруари 2019 година, само три дена по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, оваа практика се менува. Според достапните архивски податоци, во ревидираната верзија на прирачникот се воведуваат англиски називи и за јазиците на кандидатите. Така „македонски“ станува и “Macedonian”, без фусноти, додавки или квалификации.

Но, тука е исто така важен и вториот документ. По известувањето испратено од Македонија согласно со член 1(6) од Преспанскиот договор, Генералниот секретаријат на Советот на Европската Унија издава интерна инструкција датирана на 15 февруари 2019 со која се наложува усвојување на терминологијата од член 1(3)(в) од Преспанскиот договор. Самиот факт што инструкцијата експлицитно се повикува на таа одредба покажува дека институциите на ЕУ токму Преспанскиот договор го користеле како непосредна референтна рамка за терминолошкото усогласување. Во таа инструкција како официјален јазик експлицитно се наведува “Macedonian language”, при што се укажува дека „само таа терминологија мора да се користи“ во документацијата, комуникацијата и останатите материјали на институциите на ЕУ.

Самата промена во прирачникот, земена изолирано, би можела да се толкува и како временска коинциденција. Но оваа инструкција практично ја отстранува таа можност. Токму затоа промената во ISG не може лесно да се разгледува изолирано од поширокиот институционален контекст. Кога двата документа се читаат заедно, тие упатуваат на свесно институционално усогласување на терминологијата со рамката воспоставена по влегувањето во сила на Преспанскиот договор.

Ова е значајно од најмалку две причини.

Прво, покажува дека Преспанскиот договор не бил третиран само како билатерален документ меѓу Скопје и Атина. Напротив, институциите на ЕУ ја усвоиле терминологијата содржана во него и ја претвориле во сопствена институционална практика.

Второ, покажува дека именувањето на македонскиот јазик во ЕУ не било сведено само на едноставно декларирање од Македонија на својот јазик во ЕУ. Постоел и конкретен процес на институционално усогласување на терминологијата веднаш по Преспанскиот договор, а претходно ЕУ го третирала прашањето за англиското име на македонскиот јазик како отворено прашање.

Тука е важно да напоменам дека со ова не тврдам дека ЕУ е договорна страна на Преспанскиот договор. Но самиот договор предвидува Македонија да ги извести меѓународните и регионалните организации и да побара од нив да ја усвојат договорената терминологија. Токму затоа прашањето не може да се сведе на едноставната констатација дека „ЕУ не е страна во Преспа“.

Дополнително, веќе во нацрт-преговарачката рамка од јуни 2020 година терминот “Macedonian language” се појавува без фусноти и без дополнителни квалификации. Тоа е две години пред францускиот предлог од 2022 година. На оваа рамка Бугарија става вето подоцна истата година.

Ова е важно затоа што во јавноста често се создава впечаток дека именувањето на македонскиот јазик во европските документи било извојувано токму со францускиот предлог. Но ако терминот “Macedonian language” без фусноти и дообјаснувања веќе стои во нацрт-преговарачката рамка од 2020 година, тогаш прашањето не е како влегол таму во 2022 година, туку зошто веќе бил таму во 2020 година.

И сосем на крај, за да нема никакви толкувања дека тврдам дека Преспанскиот договор го вовел терминот Macedonian language во меѓународна употреба, бидејќи таков аргумент ретко кој сериозно застапува, потенцирам дека ова се однесува на неговото дефинитивно и недвосмислено институционално утврдување во рамките на ЕУ. Впрочем, и самиот Преспански договор се повикува на документ од ОН за македонскиот јазик од 1977 година така што е јасно дека македонскиот јазик секако постои во меѓународната практика многу порано.

Значи, конкретно за Европската Унија, документарните траги покажуваат дека по Преспа доаѓа до видлива промена во институционалната практика поврзана со употребата на англискиот термин “Macedonian language”. Затоа тврдењето дека Преспанскиот договор е ирелевантен за консолидацијата на терминот “Macedonian language” во документите и институционалната практика на Европската Унија тешко може да се усогласи со достапните документи.

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version