Голем дел од мојата професионална кариера ја посветив на анализи и колумни за реформата на јавната администрација, со фокус првенствено на горкиот факт дека имаме премногу институции, премногу административци, а премалку квалитетни јавни услуги. Сите години, сите децении од сите влади и естаблишменти досега беа потрошени на разни помпезни реформски агенди и ветувања за креирање на функционален државен апарат што целосно ќе биде посветен на граѓаните.
Се разбира, не само што ништо од тоа не се случи, туку администрацијата од година в година стануваше сè погломазна и сè пополна со неквалитетни кадри. Партиите со консензус пред петнаесетина години донесоа законски измени со коишто државните службеници станаа заштитени мечки, па под плаштот дека е ѓаволски тешко да се отпушти службеник, само се примаа нови и нови службеници, а никој не си одеше. Притоа, тие нови вработени беа и се по правило од партиските списоци, па така на сметка на луѓе кои имаат соодветни квалификации се „снаоѓаа“ луѓе со соодветна партиска книшка. Денес македонските институции се полни со неспособници, неработници и незнајковци. Оние исклучоци кои тоа не се, кутрите се силно малцинство и патат можеби дури и повеќе од граѓаните кои се соочуваат со ужасната служба – тие ги носат институциите на грб и тие ја вршат работата за сите, земајќи иста плата.
Она што последно го знам е дека во земјава имаме над 1300 институции во кои се вработени над 130 илјади службеници. Нема еден единствен не експерт, туку човек со здрав разум, кој ќе каже дека ова се нормални бројки и тука нема што да се коментира. Но, она што боли повеќе од месечниот грабеж на граѓаните и бизнисите коишто треба да им ги обезбедат платите – е нефункционалноста. Значи, ем се премногу, ем за ништо не се. Сакате судство, сакате образование, здравство, инспекторати, агенции, управи, сакате министерства или самиот Парламент… секаде има една епска нефункционалност, или како што како што би рекол министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски – „во оваа држава каде и да копнете е труло“.
Легално труење
Во последните неколку дена имаме неколку експлицитни случаи кои по којзнае кој пат ни го покажаа грдото лице на државата, чии институции не се само непријател за граѓанинот, туку се и опасност по неговиот живот.
Пожарот во Трубарево беше еден од многуте во низа, за кои има најлегитимни сомнежи дека се подметнати, од поединци и групи со криминални или политички мотиви, а зошто да не и со двете. Ни се запалија двете депонии, и Вардариште и Дрисла, се испозагади Скопје (пустото и онака валкано како никогаш досега), а на тоа пак претходеа ужасни летни месеци со други десетици пожари низ целата земја.
Но, во Трубарево се запали нешто што имало амбиција да се самоидентификува како складиште за електронски отпад, а од приложените фотографии можевме сите да видиме дека станува збор за тешка импровизација во сомнителни штали. Таму изгоре… па, сè уште поим немаме точно што, оти ниту една институција не посака да се занимава со својата работа и навремено да ни каже. Од тој пожар воздухот и почвата ни се загадија… па, не знаеме баш колку, оти повторно – никој не ни кажа. Тоа што ни го кажаа и тоа пак не институциите, туку експертите и професорите беше дека кога гори таков тип на отпад – со прости зборови – треба да се спасува секој кој може.

Милион прашања останаа отворени за тоа како се дозволило такво нешто среде населено место и поважно – како таа компанија воопшто дошла до својата, внимавајте сега – важечка дозвола за работа. Ни се откри кој ја издал (поранешниот министер за животна средина), ама не ни се откри како тоа системот е направен така за тие дозволи да се добиваат очигледно на жими-мајка и никогаш до истекот и потребата од обнова (а прашање е дали и тогаш) да не им се изврши ревизија. „Фирмата си има важечка дозвола“, беше повторувано неколку пати веројатно со надеж дека граѓаните ќе се смират кога ќе дознаат дека нивното труење било – легално.
Притоа, Македонија има Управа за животна средина, Инспекторат за животна средина и Министерство за животна средина (само животна средина баш и нема).
И тука доаѓаме до поентата од почетокот на текстот – за што ќе ни се овие институции кога не успеваат да ја оправдаат елементарната логика на сопственото постоење? Па, уште три. Небаре не е доволно само едната да постои за ништо. Три ни требаат – за ништо! Три сме требале да плаќаме за преклопени надлежности, наместо да се спојат под еден чадор на големо незадоволство на директорите и раководителите кои така ќе изгубат позиции, секретарки, шофери и службени возила…
Институции – опасност за граѓаните
Некаде на средината од неговото владеење, поранешниот премиер Никола Груевски во некој говор кажа дека државата ќе била мајка за сите граѓани, демек немало веќе за некого мајка, за некого маќеа. Тогаш, се сеќавам, напишав колумна каде реков дека не сакам државата да ми биде мајка, правејќи разлика меѓу поимите татковина и држава.
„Државата нема потреба да биде ниту мајка, ниту маќеа, од проста причина што со неа граѓаните немаат потреба да влегуваат во никаква емотивна врска. Државата е систем. Нешто како чекање на ред пред шалтер, одење во болница, давање изјава во полиција или обвинителство, заглавување низ судски лавиринт… со еден збор – државата е нешто со кое е поарно да си немате работа повеќе од потребното“, пишав тогаш и дополнив дека она со кое имаме емотивна врска тоа е татковината, која се шири надвор од овие административни и бирократски поими и која во себе ги содржи сите наши блиски, спомени, емоции, места и луѓе, сета природна убавина, идентитетот и чувството на припаѓање.
Да, татковината во себе го содржи и државниот апарат, но таа не може и не смее да биде сведена на него. Оти, во вакви случаи, кога имате еден ваков гнил државен апарат – тој ја подрива и ја убива.
И не зборувам тука за некакво метафорично убиство, туку за реално убивање, преку газење по правата и животите на нејзините луѓе. За македонските граѓани и за македонската татковина, очигледно тешко дека има поголема закана од сопствената држава.
Таа ни ги труе и гори луѓето, таа дозволува бизарни сообраќајки, нелиценцирани превозници и болници од картон, таа пушта психопати и насилници слободно да ни убиваат жени и деца, таа ни ги сече дрвата, ни дава да се грееме на отрови, ни ги пали шумите и ни ги цица езерата, ни крева дивоградби, таа ни ги брка кадарните лекари и инженери, таа ни напикала партиски послушници да ни го загорчуваат животот во сите интеракции – од вадење на документ, преку добивање или испраќање на пошта, па се до здравствена нега или заштита на личната безбедност. Таа е виновна што никој не е надлежен и следствено на тоа никој и никогаш не е ни виновен.
И таа не е апстрактен поим – таа е збир на имиња и презимиња, таа е збир на сите оние кои ја добиле честа да ја претставуваат на сите нивоа на административна служба и таа чест ја погазиле, ама исто е и збир, на сите нас – кои сме се фатиле на орото и им го играме, со секоја ургенција и со секое потплатување.
И таа мора да биде уништена, за да може да се обнови.
Да, точно дека секаде е гнило, ама затоа има секаде да се копне, министре Тошковски, море целата има да се раскопа и целиот гниеж да излезе на виделина. И тоа треба да се стори и храбро и бескомпромисно, ама и со многу знаење и вештина. Тоа треба да се стори заеднички и обединето, на сите чесни, без разлика на која било друга политичка, етничка, верска или каква било категоризација. На сите со визија и со способност. Без калкулации и без дневна политика.
Оти само така граѓаните овде ќе ни имаат шанса за живот. А со нив и татковината!