Почетна Позиција Албанофобија? Не, господа – скелерофобија!

Албанофобија? Не, господа – скелерофобија!

Немаме ние страв од Албанци, еднакво како што немаме ниту од Македонци, Власи, Турци, Роми, Бугари, Срби, Грци... Немаме ние страв ниту од изолација, ниту од губење на идентитетот. Имаме само фобија од криминалци и од олоши!

*Скелерофобија (од латинскиот scelero) е фобија од лоши луѓе, криминалци, крадци и измамници

Мора да се признае дека има и доза на симпатичност во тоа колку се патетични обидите на челниците на ДУИ обвинувањата за кршење на Законот и злоупотреба на своите позиции да ги сведат на албанофобија.

Во 2023 година после сѐ што Македонија преживеа и надживеа на тема меѓуетнички односи треба да сте во прилично очајна и немоќна состојба за да играте на оваа истрошена и безвредна карта. Да, откопувањето на националистичките наративи по дефиниција е секогаш неодговорно, но овие луѓе се толку изложени и отворени во своите злоупотреби што овој пат, овие вербални акробации, се далеку од опасни и се сепак – само патетични.

Ова се разбира е добро за меѓуетничките односи во Македонија, кои се далеку позрели од главите на ваквите политиканти, но не е добро за целокупната македонска политика, во која има секојдневни индиции дека доминираат луѓе, што ја сфаќаат единствено како можност за лично, нелегално богатење.

Граѓаните многу добро знаат дека овие луѓе се и Македонци и Албанци и Роми и Власи и Срби и Турци… и тоа е апсолутно неважно, оти тие личи дека се првенствено криминалци, па потоа се сѐ друго.

Граѓаните исто така совршено добро знаат дека кога нивниот вицепремиер, најпрв меѓу првите, се дрзнува јавно да злоупотреби државни ресурси за партиски потреби ги прави будали сите нив, без разлика на неговата и на нивната етничка припадност, еднакво како кога неговата колешка, не толку прва, ама сепак важна по функција на хартија, оти е одговорна за една голема работа што се вика добро владеење, ќе каже дека нема што да му прави на човеков, освен да го опомене…пак.

Овие двајца колеги, едниот во полна злоупотреба на својата моќ, другата во полна демонстрација на својата немоќ се од различна етничка припадност на пример, а видете – заедно ги прават будали сите граѓани, се обединуваат и ги обединуваат, што би се рекло – во будалаштината.

Затоа, овие обединети граѓани не може да не знаат дека згрозеноста што вицепремиерот крие имот и поднел лажен анкетен лист (што е кривично дело) никако не е албанофобија. Еднакво како што не е ниту фрапираноста што неговиот пријател, оној кој му се наоѓа за имотот да биде сокриен, е газда на фирма што – внимавајте сега -  со само еден вработен лани свртела 4, 2 милиони евра! Фирмава има еден вработен, адресата е сомнителна, ама подарува автомобил со незаконски ставени флешери на вицепремиер и притоа попатно врти милиони... Овие граѓани, чии пари, ама и достоинство се всушност тука во прашање, не може да се албанофоби кога јасно и гласно ќе прашаат – дали навистина оваа фирма и овој лојален пријател се параван за имотот и парите на првиот вицепремиер?

Тоа што наместо да се дадат вистински одговори, се обвинува за омраза кон Албанците, знаеме како би го оцениле и просечни психолози, но тоа истовремено зборува за занесеноста во власта и креирањето на слика за недопирливост и апсолутна моќ, надвор од сите законски и морални норми. Па, во истата недела кога го имавме овој скандал со скриениот имот, дознавме и дека Владата не ги дава стенограмите од седницата за спојување на концесиите за рудниците во струмичко. Ги крие. Таа е истата седница за која дел од министрите обвинија дека биле прелажани од својот колега, кој замислете – им презентирал лажна судска одлука и така ги „намамил“ да гласаат. Тие слепо верувајќи му, ништо не прочитале, ништо не виделе, за ништо не се информирале и послушно кренале два прста.

Кој е тука албанофоб? Министрите кои биле прелажани? Или јавноста која прашува како е можно министер да лаже и да протурка на мала врата нешто олку сериозно?

А кој е пак виновен? Албанецот кој лажел, или Македонците кои послушно си гласаат на непрочитано и на невидено?

 Дали навистина мислите дека ни е гајле кој е во приказнава Албанец, а кој Македонец? Не бре, не ни е, ама ич! Гајле ни е само кој е будалата, а тој е секогаш оној чии очекувања се изневерени, а пари потрошени.

Тоа е оној кој одел по улици за да бара правда, па мир, за да инсистира на владеење на правото и за на крај да добие на пример Судски совет за кој треба државна прослава да се организира во неделата кога нема да произведе скандал.

Еве денеска членот на Судскиот совет, Наќе Георгиев (кој пустиот самиот беше избран со само шест гласа, од кои еден неговиот личен) си поднесе оставка за да може синот да стане судија. Смешно ви звучи? Не е воопшто смешно, ако знаете дека претходно имаше обиди да се заобиколи Законот, па да можат и обајцата и татко и син да бидат судии во исто време. Откако видоа – не видоа дека нема да ја биде таа работа, жртвата ја поднесе таткото.

И сега кога граѓаните, жедни за правда, во овие судски бруки гледаат проблем, што се? Македонофобија ли е крикот за ставање на ред во редовите на оние кои се платени да се борат со криминалот и корупцијата, а самите се до гуша во валканици? Кому ли мислите дека ги продавате овие приказни во кои нападот врз злобникот се сведува на напад по етничка линија? Предоцна ви е за тоа.

Да, можеби хуморот со којшто се дочекуваат ваквите вести по социјалните мрежи ве наведува да помислите дека криминалот ви врви без граѓаните да се потресат, но тоа е само механизам за преживување. Ништо не врви и ништо не поминува, и тоа јасно се гледа на сите релевантни анкети.

Оти, овие граѓани кои ги плашите со разни бабароги, де со етнички конфликти, де со некаква изолација, де со продажба на идентитетот….тие имаат само една единствена вистинска фобија – тие опасно се плашат од криминалци. Од крадци и измамници. Од лажговци и манипулатори.

И да, тој страв, таа ужаснатост се реални и основани. Вакви олоши, вака стратешки распределени низ сите етнички и верски заедници, низ сите клучни државни органи, низ сите општествени пори, олку многу на број на олку мала територија – светот може и да не видел.

Богами, имаме од што да се плашиме!

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version