Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Граѓанската сила „Замисли“ вчеравечер организираа отворена дебата „Кажи си ја маката“ со граѓаните на Прилеп и Пелагонискиот регион од земјава. Целта на настанот што се одржа во просториите на невладината организација „Станица П.Е.Т” беше активистите на „Замисли“ да се запознаат од прва рака со проблемите, состојбите и предизвиците со коишто се соочуваат граѓаните и да се дискутира околу можностите за граѓанска мобилизација за нивно решавање.
Новинарката и ко-основач на „Солуција“, Катарина Синадиновска, кусо ги запозна присутните со досегашните активности на „Замисли“, од коишто најголем ефект во општеството досега има иницијативата за промена на регулативата во здравството, со цел во јавните здравствени установи да се вработуваат вистински најдобрите кадри.
„Со нашите партнери, со мобилизацијата на еснафски и професионални организации, како и со медиумскиот притисок, и покрај сите предизвици и промената на тројца министри за време на нашата акција, успеавме да издејствуваме промена во Законот за здравствена заштита, со што се укинува дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кого ќе вработуваат. “, рече Синадиновска. Таа додаде дека само со канализирање на граѓанската енергија и вмрежување на граѓанските иницијативи и организации може заеднички да се успее во решавање на проблемите и предизвиците во општеството.
Од присутните граѓани зборуваше Спасе Чакревски, сточар од мариовското село Витолиште, којшто се осврна на тешкотиите и предизвиците со коишто се соочуваат жителите во овој крај којшто буквално е на прагот на изумирање.
„Мариово има огромен потенцијал за развој на сточарството и туризмот, но со децении веќе нема системска поддршка и стратегија за тој да се реализира и затоа речиси целото население е иселено. Нема никаква материјална или стручна помош од страна на централната и локалната власт кон месните заедници во мариовските селски средини, тие се оставени сами на себе и не можат ништо да сторат за да ги адресираат и решаваат проблемите на жителите.“, рече Чакревски.
Тој се осврна и на проблемите и пречките што ги имаат сточарите, како што се нелогичностите и слабостите во системот на доделување на државните субвенции.
„Јас одгледувам крави и произведувам биено сирење коешто признание за својот квалитет има добиено и во Италија. Но, не можам да земам субвенции за готов производ, туку морам да го продавам млекото во млекарници. Тоа е само една од маките што ја имаме ние сточарите. Ги препишуваме европските закони, без да водиме сметка за локалниот контекст и прилики. Јас сум четврта генерација на производители на биено сирење, но за жал, најверојатно моите деца нема да го продолжат овој бизнис. Ова самото по себе е тешка и напорна работа, и згора ако немате поддршка, туку, напротив, сопки и пречки од страна на системот, вашата мотивација едноставно се губи“.

Претставниците на граѓанската организација „Станица П.Е.Т“ посочија, исто така, на неколку проблеми коишто моментално ги мачат прилепчани, но и пошироко во земјава.
„Голем проблем имаат лицата што остануваат без здравствено осигурување поради прекин во работниот однос. Законски, тие имаат право на бесплатно здравствено осигурување од државата само доколку во претходната година оствариле приход под прагот од 270 илјади денари, што е практично минималната плата во земјава. Ако се над тој праг, треба да уплаќаат месечно по 2.600 денари за здравствено осигурување во ФЗОМ. Луѓето остануваат и без работа и без бесплатно лекување како невработени, поради немање соработка меѓу институциите и нелогичности во правилникот коишто лесно може да се коригираат“, рече Џенгис Бериша, правник и финансиски менаџер во организацијата.
Тој истакна уште еден проблем, а тоа е дискриминацијата на лицата коишто комплетирале основно образование како возрасни, но не можат да го остварат правото да полагаат тестови за возачка дозвола.
„Во 2024 година, заедно со УНДП и Министерството за образование реализиравме проект за образование за возрасни, каде што педесетина лица заокружија основно образование. За тоа добија уверенија од училиште кое беше избрано и верификувано за таа цел, коишто свечено им ги додели ресорната министерка. Кога дел од лицата отидоа да полагаат за возачка дозвола, од испитниот центар, којшто е приватна организација со лиценца добиена од МВР, им рекоа дека не им ги признаваат тие уверенија, иако истиот проект се реализираше и во општините Штип и Шуто Оризари, но само во Прилеп го имаме овој проблем, којшто до денес не е решен. Секој се прогласува за ненадлежен, институциите не можат или не сакаат да се договорат и случајот ескалира“.
Неговиот колега од „Станица П.Е.Т. Сафет Џемаилоски, се пожали на ситуацијата со бездомните кучиња по улиците, проблем што е нерешлив со децении во другите македонски градови.
„Општината Прилеп, како и останатите општини во земјава, наместо превентивно да делува и да го решава проблемот, таа троши ресурси претежно за санирање на последиците. Имено, ги повикува граѓаните што биле каснати од улично куче и имаат медицинска документација за тоа, да поднесат барање за надомест. И за тоа се одлеваат не малку пари од општинскиот буџет на годишно ниво, а слично е и во Скопје и други градови. Додека, кучињата се шетаат нестерилизирани, невакцинирани, а и да се прават вакви акции, не се во согласност со општо познатите препораки за опфатот и структурата на стерилизацијата, итн. Каква трагедија треба да се случи, за конечно сите надлежни институции да се свестат и да почнат да го решаваат овој проблем системски и ефикасно?“, рече Џемаилоски.
Претставниците на “Солуција“ и „Замисли“ ги сослушаа овие и останатите поплаки и проблеми на граѓаните од Прилеп и прилепско, и ветија дека ќе бидат иницирани постапки за барање одговори, реакции и решенија од надлежните институции, како и преку соработка со медиуми и релевантни меѓународни партнери.