Почетна Анализи Димитров, BiEPAG: Извештајот на ЕК за Северна Македонија – стагнација и фрустрација

Димитров, BiEPAG: Извештајот на ЕК за Северна Македонија – стагнација и фрустрација

„Како што предвидовме во јули 2022 година, сагата продолжува, илустрирајќи ги опасностите од вметнувањето  на билатерални спорови околу историјата и идентитетот во процес наменет да се фокусира на демократски и економски реформи.“, истакнува Никола Димитров, претседател на „Солуција“, поранешен министер за надворешни работи и член на експертската група BiEPAG, тело што ги промовира евроинтеграциите на Западниот Балкан.

Никола Димитров, претседател на „Солуција“ и член на експертската група BiEPAG, во името на организацијата дава коментар по повод најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на  Северна Македонија во 2025. Земјата, ветеран меѓу кандидатите за членство во ЕУ, (само Турција е подолго во чекалницата) останува во застој, вели Димитров за блогот на BiEPAG (The Balkans in Europe Policy Advisory Group), експертско тело чија цел е промовирање на евроинтеграцијата на Западен Балкан.
„Како што предвидовме во јули 2022 година, сагата продолжува, илустрирајќи ги опасностите од вметнувањето  на билатерални спорови околу историјата и идентитетот во процес наменет да се фокусира на демократски и економски реформи.“, истакнува Димитров.

Според BiEPAG, три и пол години подоцна, напредокот е сè уште блокиран: владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одбива да ги усвои потребните уставни измени за да го вклучи своето етничко бугарско население без гаранции дека ова ќе биде последното барање од соседна Бугарија.
„Ваквата загриженост е оправдана, бидејќи бугарските претставници јавно инсистираат дека уставните измени се ‘само првиот чекор’, алудирајќи на низа дополнителни билатерални барања што според нив се интегрирани во преговарачката рамка на Северна Македонија. Скопје, пак, бара извесен реципроцитет, повикувајќи ја Бугарија да спроведе дваесетина пресуди на Европскиот суд за човекови права со кои се потврдува слободата на здружување на Македонците во Бугарија.“

Застојот создаде динамика на губитништво (lose – lose), наштетувајќи им на сите вклучени страни, продолжува Димитров.
„За македонските граѓани, Бугарија е широко перципирана како најголема закана за земјата, а јазот меѓу двете нации никогаш не бил поголем. Тензиите дополнително се засилија во јули, кога бугарските политички лидери од целиот спектар гордо го прославија отстранувањето на референците за македонскиот идентитет и јазик од извештајот на Европскиот парламент – длабоко загрижувачки потег што само го продлабочи чувството на негодување во Скопјe“.

Димитров потсетува дека влијанието на ЕУ во Северна Македонија брзо се намалува. Само 40% од граѓаните веруваат дека ЕУ е сериозна во врска со проширувањето.
„Дури и ако Северна Македонија ги надмине најоптимистичките сценарија за реформи, напредокот ќе остане блокиран без усвојување на потребните уставни измени. Уште полошо, патот на земјата кон членство во ЕУ е обвиткан во неизвесност, со закана од дополнителни вета што висат над неа како Дамоклов меч.“

Димитров смета дека иако ова во никој случај не е изговор – добрите перформанси би им користеле и на македонските граѓани и би ја зајакнале позицијата на земјата во Брисел – не е изненадувачки што извештајот на ЕК ретко наведува „добар напредок“. Таков напредок е забележан само во Царинската унија (Поглавје 29), Слободното движење на капиталот (Поглавје 4) и Надворешната, безбедносната и одбранбената политика (Поглавје 31). Спротивно на тоа, Северна Македонија не постигнала напредок во судството и фундаменталните права (Поглавје 23), Борбата против корупцијата или слободното движење на стоки (Поглавје 1), со само ограничен напредок во реформата на јавната администрација и правдата, слободата и безбедноста (Поглавје 24).

„Ако проширувањето на ЕУ е навистина ‘геополитички императив’, тогаш своевиден пробив не е незамислив – но неговото постигнување ќе бара храброст и лидерство – не само во Скопјe, туку и во Софија и во самата ЕУ.“, заклучува на крајот Димитров.

За BiEPAG:

The Balkans in Europe Policy Advisory Group е составена од политички аналитичари, академски професионалци и истражувачи, основана како заедничка иницијатива на Европскиот фонд за Балканот и Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, со цел да се промовира европската интеграција на Западен Балкан и консолидацијата на демократските, отворени земји во регионот. BiEPAG е составена од истакнати политички истражувачи од Западен Балкан и цела Европа кои се етаблирале со своето знаење и разбирање за Западен Балкан и процесите што го обликуваат регионот.

NO COMMENTS

КОМЕНТИРАЈ Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here

Exit mobile version