Проширување на ЕУ со Западен Балкан – кога има волја, има и начин

Процесот на пристапување на Украина во ЕУ внесе нова итност во дебатата за проширување и го истакна проширувањето како стратешка неопходност за обезбедување стабилна, просперитетна и мирна Европа. Забрзаниот процес на кандидатурата на Украина, во спротивност со онoj на земјите од Западен Балкан, постави преседан и ја ревитализираше агендата за проширување; ова има потенцијал да ги мотивира земјите од Западен Балкан да ги забрзаат своите реформски напори. За таа цел, во анализата „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Кога има волја, има и начин“, направена од „Солуција“ во партнерство со Europe’s Futures, а финансирана од фондацијата ERSTE Stiftung, дадени се препораки за европските институции, земјите-членки и политичките раководства во земјите на Западен Балкан.

Фото: Томислав Георгиев

Досега невидено брзата одлука Украина да почне преговори за членство во ЕУ послужи како повик за будење за Унијата, терајќи ја  да ги ревитализира своите политики за проширување и да ја признае моќта на проширувањето како примарен катализатор за демократските реформи и реформите за владеењето на правото, но и како стратешка неопходност да се адресираат и политичките и безбедносните димензии. Иако војната во Украина го компликува процесот на пристапување, ЕУ брзо реагираше ставајќи ги Украина и Молдавија цврсто на пристапната патека.

Проширувањето е најуспешната надворешно – политичка алатка на  ЕУ, создавајќи стабилност, просперитет и единство на континентот, но и проширувајќи го досегот на Унијата, влијанието и економската моќ, се вели во анализата „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Кога има волја, има и начин“, направена од „Солуција“ во партнерство со мрежата на Europe’s Futures, а финансирана од фондацијата ERSTE Stiftung.

Во 1990-тите и 2000-тите, проширувањето создаде циклус на демократски реформи, напредок и економски развој во Централна и Источна Европа. Претходно, во 1980-тите, европската интеграција беше клучна за консолидација на јужно – европските демократии, во Грција, Шпанија и Португалија.  

Корисните ефекти од проширувањето на ЕУ не се пренесоа соодветно и на Западен Балкан

За жал, корисните ефекти од политиката на проширување не се пренесоа соодветно и на Западен Балкан поради бавниот и пролонгиран процес на пристапување, амбивалентноста на ЕУ околу реалната перспектива за членство, заморот од проширувањето во европските општества и слабата и недоволно сериозна посветеност на реформите во регионот, велат авторите на извештајот, Јоанис Армаколас, Никола Димитров, Изабел Јоанидес, Зоран Нечев, Оана Попеску – Замфир и Валбона Зенели.

Кредибилитетот на членството во ЕУ и кохерентноста на процесот на проширување се покажаа како фундаментални за да се мотивираат земјите кандидати да преземат болни домашни реформи.

И додека заморот од проширувањето кај земјите од Западен Балкан создаде реформски замор и скептицизам, за Украина кредибилитетот беше  зајакнат со брзата реакција на ЕУ и политичкото водство.

Не само што процесот на пристапување на Украина во ЕУ внесе нова итност во дебатата за проширување, туку исто така го истакна проширувањето како стратешка неопходност за обезбедување стабилна, просперитетна и мирна Европа. Забрзаниот процес на кандидатурата на Украина, во спротивност со онoj на земјите од Западен Балкан, постави преседан и ја ревитализираше агендата за проширување; ова има потенцијал да ги мотивира земјите од Западен Балкан да ги забрзаат своите реформски напори.

Земјите-членки на ЕУ донесоа историски политички одлуки за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, нешто што  сигурно беше незамисливо пред 24 февруари 2022 година. Во меѓувреме, ЕУ донесе одлука за отворање разговори со Босна и Херцеговина и официјално ги започна преговорите за пристап со Албанија и Северна Македонија во јули 2022 година. Процесот на скрининг беше завршен во декември 2023 година, вклучувајќи 167 состаноци и повеќе од 1000 експерти од Комисијата на ЕУ и 2000 од двете земји.

Две клучни прашања

Сепак, за авторите на извештајот, овде се наметнуваат две прашања: прво, кој е крајниот рок за новиот моментум на проширувањето? Имајќи предвид дека новиот законодавен мандат на ЕУ допрва ќе почне, и бидејќи сложената геополитика бара повеќе парични и политички ресурси, дали моментумот на проширувањето ги достигна своите лимити? Одлуките на Европскиот совет, иако се неверојатно важни, се исто така релативно симболични, бидејќи се однесуваат на почеток на долг и често непредвидлив процес оптоварен со ветоа за билатералните спорови, со полноправно членство не само во далечна иднина, туку и условено со внатрешни институционални реформи на самата Унија. Нема ништо од новиот  моментум на проширувањето во неодамнешното однесување на Грција кон соседна Албанија и фактот дека Атина успеа да го стопира отворањето на првиот кластер од преговарачки поглавја од страна на Тирана.

Второто прашање, поврзано со ова, е дали проширувањето на ЕУ како резултат повторно ќе се фокусира на трансформативниот процес. На крајот на краиштата, Стратегијата за проширување на ЕУ од 2023 година забележа дека „ЕУ членството е геостратешка инвестиција во силна, стабилна и обединета Европа заснована на заеднички вредности“.

Ова имплицира дека „геополитичкото проширување“ не ја избриша потребата земјите од Западен Балкан да се вклучат во реформи, како и потребата за  владеење на правото и институционални реформи кои обезбедуваат демократија во земјите од регионот. За голема група земји-членки, со Франција на чело, заштитата на воспоставените правила кои обезбедуваат непречено функционирање на ЕУ ќе биде јасно барање. ЕУ е првенствено збир на закони, што е клучно за нејзиното постоење.

Препораки

Европа се наоѓа на критичен момент, соочена со значајни предизвици од Русија среде тековната војна во Украина. Овој геополитички контекст ја нагласи важноста на единството и стратешката јасност во рамките на ЕУ. Притоа, отворањето на преговарачкиот процес на Украина и Молдавија во ЕУ донесе нова итност во дискусиите за проширување во Европа. За разлика од земјите од Западен Балкан, кандидатурата на Украина е забрзана, што претставува преседан и ја ревитализира агендата за проширување. Овој развој го нагласува проширувањето не само како технички процес на усогласување со acquis на ЕУ, туку и  како стратешки императив за поттикнување „долгорочна стабилност, мир и просперитет низ целиот континент“.

Врз основа на размислувањата наведени во документот за политики, авторите на Извештајот ги даваат следните препораки за европските институции, земјите-членки и политичките раководства во Западен Балкан. Овие препораки се вкоренети во посветеноста на зајакнување на политичкото единство во однос на проширувањето, начините на надминување на билатералните пречки, како и економската стабилност. Додека се движиме низ комплексноста на денешниот меѓусебно поврзан свет, овие предлози имаат за цел не само да се справат со непосредните предизвици, туку и да постават основа за поотпорна и поинклузивна иднина за сите во Европа.

-За институциите на ЕУ и земјите членки

  • Новата Комисија и Европскиот совет треба да испратат јасен сигнал и да донесат политичка одлука за прифаќање на нови земји-членки од Западен Балкан и Источна Европа во временската рамка на новата Повеќегодишна финансиска рамка.
  • Во новата Комисија функцијата Комесар за соседска политика и проширување треба да се издигне и да се преименува во Потпретседател за политика за проширување и нови пристапи. Идеално, местото би требало да биде пополнето од влијателен политички лидер од земја која активно го поддржува проширувањето, во согласност со  правилата и вредностите на ЕУ.
  • Новиот овластен Потпретседател за политика на проширување и нови пристапувања треба да ја преземе задачата за дизајнирање нови инструменти и принципи на политиката кои ќе обезбедат дека ЕУ игра наметлива и конструктивна улога во решавањето на билатералните спорови кои го осакатуваат проширувањето и го ослабуваат кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан.
  • Да се искористат  инструментите на Европската комисија кои се користат за следење на политиките на ЕУ во нејзините земји-членки во земјите кандидати. Тие ги вклучуваат механизмот и извештајот за владеење на правото на Европската унија, како и Табелата за правда на Европската унија, идеи кои беа одобрени од Европскиот парламент и дискутирани во Советот на ЕУ.
  • Треба да му се понудат јасни сигнали на Западен Балкан дека политиката на проширување останува процес заснован на мерит систем кој обезбедува еднакви услови за игра за сите, и покрај забрзаниот процес за Украина и Молдавија, што ја одразува геополитичката итност во Европа.
  • Новата Европска комисија, Парламент и Совет треба да предвидат буџетски распределби за новите земји-членки во следната Повеќегодишна финансиска рамка што покажува јасна посветеност за идното проширување.
  • Полноправното членство треба да биде цел на повидок. Ништо помалку од тоа нема да обезбеди доволно стимулации за реформи. Постепената интеграција не треба да стане начин за застој, туку за забрзување на пристапувањата, а паралелно да ги уверува земјите-членки за заштитните мерки потребни за функционирање на внатрешниот пазар, стандардите за владеење на правото и слично. Областите на политиката за постепена интеграција треба да се прошират и на државите кандидатки треба да им се дадат опиплива инклузија и финансиски стимулации за да ги исполнат сите неопходни критериуми во различни области на политиката.
  • Употребата на гласање со квалификувано мнозинство треба да се прошири во меѓу-фазите на преговарачкиот процес. Земјите-членки треба позитивно да ги разгледаат идеите содржани во германско-словенечкиот нон-пејпер како компромисно решение меѓу двата табора во ЕУ на оние држави кои се залагаат за масовно проширување на гласањето со квалификувано мнозинство и оние кои претпочитаат да не видат промени во процесот.
  • Усогласувањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на земјите-кандидатки треба да се издигне на ниво на клучен столб во условите на ЕУ, паралелно со фокусот на фундаментите. Одразувајќи го новиот геополитички императив во Европа, усогласувањето треба да биде на прво место во преговорите за пристап. Земјите-кандидатки треба да бидат соодветно наградени или санкционирани, вклучително и во однос на нивното вклучување и исклучување соодветно во дебатите и преговорите на ЕУ за клучните прашања за безбедноста и одбраната во Европа.

-За земјите од Западен Балкан

  • Обновениот фокус на проширувањето на ЕУ предизвикан од Украина треба да се искористи како историска можност на кандидатите и потенцијалните кандидати во Западен Балкан. Тие треба веднаш да закрепнат од сопствениот замор од проширувањето, да покажат јасна посветеност и вредно да работат на исполнување на Копенхашките критериуми и барањата на aquis.
  • Лидерите од регионот треба целосно да се вклучат во обновената дебата за проширувањето и да настојуваат да зборуваат со еден глас, поддржувајќи ги предлозите за политика кои несомнено би го олесниле нивниот процес на пристапување, како што е воведувањето на гласањето со квалификувано мнозинство  во преодните фази на процесот.
  • Ефективната координација со Украина и Молдавија може да го засили ова влијание, што ќе го направи уште позначајно. Земјите од Западен Балкан треба да претставуваат обединет фронт во нивните напори за европска интеграција, бидејќи успехот на еден несомнено ќе биде од корист за сите. Овој дух на солидарност може да послужи и како позитивен пример за соседните земји-членки на ЕУ.

КОМЕНТИРАЈ

Please enter your comment!
Please enter your name here